Аџиоски, иако активно како опозиционер учевствува во блокирањето на закони кои се однесуваат на подобрување на животниот стандард на граѓаните и за надминување на економско- енергетската криза, сепак по основ на патни трошоци добил над 12 илјади евра од Буџетот на државата.
Љубиша АРСИЌ
Апсолутен рекордер во наплатата на патни трошоци во Собранието на Република Северна Македонија е пратеникот Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој инаку, од 2020 година, откако е пратеник во Собранието, поставил само две пратенички прашања, се потпишал на 389 амандмани и поднел само 26 материјали во парламентот, но затоа дневно во просек добивал по 3500 денари само за патни трошоци.
Аџиоски, иако активно како опозиционер учевствува во блокирањето на закони кои се однесуваат на подобрување на животниот стандард на граѓаните и за надминување на економско- енергетската криза, сепак по основ на патни трошоци добил над 12 илјади евра од Буџетот на државата. Впечатокот е дека неговата работа во Собранието е сведена само на потпишување дека е присутен на седниците, но и на потпишување на амандмани со кои тој и неговата партија се обидуваат да ги блокираат институциите на државата.
Штанцање амандмани: зборот „прашање“ да се замени со „прашањето“
Амандманите кои ги потпишал Аџиоски се поднесени во врска со закони важни за полесен и подобар живот на граѓаните, но се со несоодветна содржина и без суштински предлози и како да се поднесени со намера само за да се одлоговлекуваат постапките. Така, дел од неговите амандмани се со граматички или јазични исправки на текстот на одреден законот. Пратеникот на пример реагира на тоа дека зборот „прашањето“ треба да се замени со „прашање“ со цел да се подобрел текстот на законот. Понатаму во еден амандман предлага зборот “потребата“ да се замени со „потреба“. Со друг амандман зборот „свика“ да се замени со „свикува“ или зборот „потребата“ да се замени со „потреба“, како и зборот „употреба“ со „користење“.
Од овие неколку амандмани на пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, инаку поднесени во име на пратеничката група, јасно е дека не постои никакбва сериозност во поднесувањето предлози со кои навистина би се подобрил текстот на одреден закон. Но, ваквите амандмани очигледно имаат за цел само да одолговелкуваат и да спречат изгласување на законите. Инаку, овие наводни амандмани се однесуваат на Деловникот на Собранието, документ кој треба да претрпи измени со цел дискусиите во парламентот да станат поефикасни, побрзи и подинамични, за да може потоа и самите закони да се гласаат што побрзо.
Празни амандмани за полни дневници
Дали ваквите активности, со непримерно штанцање на амандмани, потоа пратеници ги користат како сработени дневни активности за да можат секојдневно да се пријавуваат за користење на патни трошоци? А парите за патни трошоци се од парите на граѓаните, од оние исти граѓани на кои не им се изгласуваат закони преку кои се очекува дека ќе се влијае врз нивниот стандард и кои во изминатите месеци, па и години, очекуваат народните избраници да застанат на нивна страна и да им го олеснат животот.
Аџиоски не е единствениот ваков пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, постојат податоци дека и други негови партиски колеги наплаќале огромни суми по основ на патни трошоци, а воопшто не биле активни во работата на Собрание, освен во блокадата на закони кои се важни за граѓаните, преку пишување на „празни“ амандмани.
Ваквиот однос на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кон државните институции и кон парите на граѓаните може да се протолкуваат како пречка за напредокот на државата и заштитата на интересите на граѓаните, кои како да се ставаат во втор план, позади личните и партиските интереси.
Обидот да се блокираат институциите и да се прикаже дека државата не функционира, на штета на интересите на граѓаните, е деструктивна политика која несомнено доведува до нечие лично богатење.