Пишува: ПЕКА ХАВИСТО / Project Syndicate
Во октомври 2022 година, поголемиот дел од земјите членки на Обединетите нации гласаа за резолуција со која се осудува агресорската војна на Русија против Украина и нејзините противправни обиди да се анектира украинска територија. Сега, меѓународната заедница мора да го зголеми притисокот врз Кремљ со помагање на Украина да одржи ефикасен одбранбен капацитет и со заострување на санкциите (вклучително со затворање на сегашните дупки во законот).
Поддршката на Финска за Украина се заснова на принципот содржан во член 51 од Повелбата на ОН, кој предвидува „дадено право на поединечна и колективна самоодбрана доколку се случи вооружен напад против членка на Обединетите нации, сé додека Советот за безбедност не преземе неопходни мерки за одржување на меѓународниот мир и безбедност“. Не само што Украина има право да се брани себеси, туку и Финска и други земји членки на ОН имаат право да ѝ помогнат на Украина во нејзините напори.
Додека Русија го парализира Советот за безбедност со своето вето, поширокиот дел на ОН и покрај тоа ја покажаа својата способност да дејствува, со Генералното собрание заземајќи централно место и осудувајќи ја руската агресија преку бројни резолуции. Агенциите на ОН доставија хуманитарна помош до жртвите на терен и помогнаа да се деблокираат пратките со жито и ѓубриво преку Црноморската иницијатива за жито. Слично, Меѓународната агенција за атомска енергија разговара со двете страни во нејзините напори да ја одржи нуклеарната безбедност. Сите овие преговарачки активности, заедно со успешните договори за размена на затвореници, нудат трошка надеж за меѓународната дипломатија.
Сепак, надвор од Европа, Русија ги турка нејзините тенденциозни наративи и се обидува да ги подели земјите и регионите кои инаку би можеле да бидат партнери. Како одговор на поддршката што други земји ја обезбедуваат за Украина, Кремљ продолжува да му се заканува на останатиот дел од светот со несигурност на храна и енергија. Руската машинерија за дезинформации го одвраќа вниманието од руското кршење на меѓународното право и правилата и нормите кои го поткрепуваат глобалниот ред. За да се спротивставиме на ова, мора да ги зајакнеме соработката и партнерствата помеѓу земјите, признавајќи дека фактите се најдоброто оружје што го имаме против дезинформациите.
А фактите се јасни. Русија – и само Русија – ја избра оваа војна наместо да се стреми кон дијалог и дипломатија. И токму руската агресија – а не надворешната поддршка за Украина – е таа што предизвикува влошување на кризата со храна во Африка и на други места. Понатаму, Русија свесно има усвоено методи на водење војна кои систематски ги кршат правилата на водење како и меѓународното хуманитарно право. Руските сили намерно таргетираат цивили и критична инфраструктура – вклучително со бомбардирање на болници, училишта и градинки – и присилно префрлаат украински цивили преку граница во Русија. Сето ова значи воени злосторства.
По многуте неуспеси на бојното поле во текот на првата година од војната, Русија може евентуално да се обиде да постигне долг, замрзнат конфликт што ќе ѝ дозволи да окупира барем дел од украинската територија. Но, сите војни на крајот завршуваат, а во овој случај, одговорноста за воените злосторства на Русија и уништувањето на една соседна земја ќе бидат клучен столб во секој траен политички договор. Мир без правда не е одржлив.
Факт е дека сите евентуални преговори веројатно ќе се одвиваат во контекст на длабока недоверба меѓу страните. Ние Финците имаме искуство во вакви работи, благодарејќи на нашата сопствена историја на конфронтирање со советската агресија. Во најмала рака, на Украина ќе и бидат потребни силни меѓународни безбедносни гаранции како оние кои украинскиот претседател Володомир Зеленски ги има предложено во неговата мировна формула.
И немојте да грешите: да се притиска Украина да прифати договор против нејзината волја би имало сериозни глобални последици. Русија би заклучила дека водењето на агресивна војна треба да остане во нејзината геополитичка кутија со алатки. Откако ќе поминат неколку години и ќе си ја поврати воената сила, може да удвои и наметне нови територијални барања во Европа и Евроазија додека продолжи да предизвикува конфликти во Африка и на други места.
Покрај тоа, неправеден мир би поттикнал омраза, огорченост и реваншистички тенденции во украинското општество, попречувајќи ги реконструкцијата и помирувањето, додека руското општество повторно би било поштедено од тоа да мора да се вклучи во многу потребната саморефлексија. Истовремено, тензиите во Европа и низ светот би останале на високо ниво, намалувајќи ги глобалните економски развојни напори, како и меѓународната соработка за други клучни прашања.
Пошироко, руското непочитување на меѓународното право би фрлило сериозен сомнеж на остварливоста на меѓународниот поредок заснован на правилата од дваесет и првиот век. Ако нуклеарно вооружена постојана членка на Советот за безбедност на ОН може да нападне суверена земја и унилатерално да ги анектира нејзините територии, тогаш постоечкиот поредок ќе падне на неговиот најголем тест.
Импликациите можат да бидат длабоки. Можеме да влеземе во нова доба на сé почесто нуклеарно уценување и продлабочена несигурност и би биле во многу полоша позиција да се справуваме со заедничките егзистенцијални закани како што се климатските промени, губењето на биолошката разновидност и пандемиите.
Апсолутно мораме да ги зајакнеме нашите колективни напори за поддршка на глобално владеење засновано на правила и останувам уверен дека ќе успееме. Меѓународниот поредок сé уште ужива широка поддршка низ земјите и народите.
Финската поддршка за Украина ќе остане цврста. Со помагање на Украинците да се одбранат, ние, исто така, го браниме правото на суверените држави да постојат, слободата на сите земји да си ги изберат своите пријатели и сојузници и самиот поредок заснован на правила.
Мирот на Европа се потпира на идејата дека сите држави треба да можат да си ги изберат своите безбедносни аранжмани – начело на кое и самата Русија се има согласено. Финска неодамна го искористи ова право со тоа што се приклучи на НАТО. Членството во алијансата ќе помогне да ја зачуваме нашата сопствена безбедност во она што сега е променет геополитички пејсаж, тоа не е ниту провокација, ниту закана против Русија. Финска ќе продолжи да обезбедува безбедност и да работи за мирот, само што сега тоа ќе го прави во рамките на НАТО.
Ќе бидат потребни колективни, кохерентни и одлучни облици на притисок за да се сопре руската агресија и да се поддржи меѓународното владеење на правото. Русија може во било кое време да стави крај на војната што ја започна, едноставно со повлекување на нејзините војници од украинската територија. Топката е на нејзин терен.
Пека Хависто беше Министер за надворешни работи на Финска од 2019 до 2023 година, надгледувајќи го влезот на земјата во НАТО.
Превод: Наташа Цветковска (Fronline)