Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Предизборна смотра: Лева нога во десен чевел

  • Левица во стартот беше резултат на изборниот инженеринг на Груевски – пред помалку од една деценија – да ја кусури тогашната левата опозиција.
  • Сега се чини одново се случува експремиеровата јасна намера да се потпира на оваа партија, во судир со своите опоненти во земјава.
  • Наместо да формира своја партија, за што постоеше најава, тој сака да ги искористи своите пулени и да го казни Мицковски со потпирање на постојната политичка инфраструктура.
  • Врските на Левица со кметицата на Скопје засега се откриваат преку отворените врати на порталот Инфомакс, додека промената на вордингот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ кон Левица открива дека нему му е јасно кој ќе биде новиот Брут за него.

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Скандалот што го направија двајцата пратеници на Левица во Собранието на СРМ не ја повторуваат само сликата која оваа партија постојано ја пласира во јавноста – да позира пред камерите како насилна и уривачка, туку означи и разделување на пратеникот Апасиев од својот патријарх, како во драмата на Бабељ „Зајдисонце“, кога синот Љоска со насилство му покажува на татка си Мендел дека му ја презема неговата главна улога во семејното двориште. Ова, секако, не е театарска поставка, иако драма постои, туку е само дел од прегрупирањата што настанаа во десната коалиција после, за нив, успешните локални избори пред две години. Распадот беше инициран со аферата „рачињата во медот“, а по неа јасно се покажуваат раседни линии, а се јавува и чувство во Левица дека „пораснале“ и сами ќе си одредуваат нови или други патрони.

Запалка на истурениот бензин на незадоволството

Кога во 2015 година беше најавено формирањето на нова партија во еден од медиумите осамна насловот „Утописка идеја или освежување на политичката сцена?“ Во тој миг сè уште постоеше иницијатива за партија која би се нарекла Левица и која најавува левичарско дејствување и борба со двете најголеми партии: ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Иницијаторите беа дел од движењата „Ленка“ и „Солидарност“, некоја форма на група граѓани што се обидува да стане синдикат од „општа насока“ и да ги собере плодовите на отсуство на заштитници на пауперизираните работници.

Во она време, ССМ под раководство на битолчанецот Живко Митревски, беше длабоко заседнала во гнездото на братијата на Груевски, додека нивниот божемен ривал, кој израсна под превезот на т.н. Независен, уште од стартот беше креиран да биде антипод на стариот Синдикат, па претходно веќе се беше одомаќинил на истата адреса.

Самопромоција во една од прошетките на Шарените

Иницијаторите, тоа мора да се истакне, учествуваа во Шарената револуција и внесоа жестокост која нив ги издвојуваше, а секако кулминираше со упад во просториите на претседателот на државата Иванов, кај познатиот „Рекорд“, што тој подоцна ги позајми на она здружение од Крушоради, што градеше споменици на коњаници низ градот. За оние кои се сведоци на тие настани, секако, чинот на палење на дел од инвентарот на канцеларијата со непристојна квадратура, делуваше како забележлива епизода во изразувањето на револтот на „Шарените“.

За идната партија Левица, овој настан беше своевидна тактичка себепромоција – некаква трамбулина што на левичарењето би му дало бројност, би се приграбил дел од масата на незадоволни граѓани и тоа по ерата на претходната повеќедецениска омразата кон комунизмот и се што би било многу лево.

Овој метод секако бил испробан во политичката пракса низ светот, а кај нас би бил насочен да се најде идеолошка запалка за истурениот бензин на огромниот отпор кон груевизмот.

Тешко и до илјада потписи за регистрација

Еден од иницијаторите од Левица Мариглен Демири (името, по негови зборови е желба на родителите да направат спој од имињата на Маркс, Енгелс и Ленин) во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, потврди дека тогаш општествената ситуација била неповолна за идејата за нова партија да се реализира.

„Првичните планови ни се засега да ја регистрираме партијата, а она кое ние сакаме да го исполниме и кое ние планираме и како движење, индивидуи и политичка филозофија, е департизација на институциите, враќање на минимум демократија, борба против сите форми на шовинизам, национализам и исклучување“, рече тогаш Демири.

Но за тоа колку условите беа сè уште неповолни за нови политички субјекти се покажа уште на стартот кога идната партија не можеше да ги собере потписите на барем илјада граѓани со право на глас. Иницијаторите поднеле барање до Уставниот суд да се преиспита уставноста на одредбата од Законот за политички партии. Проценката е дека секој потписник мора да влезе со трошок од барем пет евра (нов документ за државјанство, плус нотарска такса) што за пауперизираните работници било обесхрабрувачко (!?).

Што во таква ситуација? Некои интересенти од власта очевидно дојдоа на идеја да ја искористат можноста за да помогнат формирање на партија на свој трошок за да ги разбијат одвнатре опозиционерите со цел истите, под нивна закрила, да станат конкуренти на социјалдемократите кои беа единствена сериозна закана за црвено-црните.

Демири, во споменатото интервју, рече дека тие размислуваат да не учествуваат во наредните избори (2016 г.) бидејќи условите сè уште не се сериозни. Но изборниот инженеринг на Груевски веќе тргна кон искористувањето на таа партија, кога, преку инсцениран судир на состанок на раководството на Левица, еден нивен член практично стана поседник на печатот (сценарио кое се повторува и кај една друга партија, што укажува дека треба да се открие кој го има авторското право на ваквото формирање на партии).

Да не должиме – регистрацијата на новата партија ја поддржаа членови на ВМРО ДПМНЕ по директива, посебно огранокот од Куманово. Сецесионистот Апасиев учествуваше на изборите во 2016 година и освои над еден отсто од гласовите (12.000) што не им донесе место во Парламентот, но замислете колку малку му недостасуваа тие гласови на СДСМ за на тие избори од прва да го добие мандатот за формирање на Влада!

На изборите во 2020 година, Левица доби два пратенички мандати со 37 илјади освоени гласови. Анкетите покажуваа пораст на популарноста на Левица и потоа. На локалните избори во 2021 година, кога земјава бележеше најниска излезност во плуралистичка Македонија, кога имавме само 49 отсто излезени гласачи, единствено Левица имаше раст и освои 50 илјади гласови, двојно повеќе од коалицијата ЛДП/ДОМ на пример. Ова беше пример дека таа, всушност, добро ја искористи расцепканоста на дел од претходните поголеми „армии“ на гласачи.

Далеку од почетните идеи

Таа партија, во рамките на борбата за гласови на изборите, беше далеку од почетните идеи на основачите на некогашното движење (добро е да се прочита текстот „Расколот и шовинистичката дегенерација на Левица“ во „Нова искра“). Забележливо беше дека, пред сè влезе в во националистички, особено антиалбански води, што одговараше на патронот од Палатата „Христо Татарчев“ за да сочува дел од својот коалиционен капацитет.

ПРЕЧЕК Вака „левичарите“ ја пречекаа Фон дер Лејен (јули, 2022 г.)

Немаше видлива корелација со проруските партии и движења, но постоеше блискост во погледите на геополитичките збиднувања, а Левица потоа „ги покоси“ како поактивна оние дребни групички со руски знамиња на митинзите на ВМРО ДПМНЕ. Во секој случај, оправдано е крстењето од страна од провладините партии со атрибути за внесување на пропутиновска сенка во нашиот политички пејзаж.

За волја на вистината, се доби впечаток дека провладините функционери со ваквото крстење на Левица, всушност, ја имаат на ум онаа народната „сети се снао“, сметајќи дека Мицковски и екипата имаат некаков капиџик во даден момент да се извлечат од промосковските прегратки.

Левица е калкулантска дружина која лесно се вклопи во амбиентот на губење на идеологијата од каталогот на партиските обележја. Двајцата пратеници доаѓаат на првата седница на новиот Парламент со велосипеди, а само неколку недели подоцна, Апасиев се жали дека му го изгребале автомобилот на паркингот кај Домот на ЈНА!

ПОЗА Апасиев пристигна во Собранието на велосипед а потоа се жалеше дека некој му го изгребал возилото… тој смета на кусото помнење на гласачите

Користат антиалбанска реторика, а одат на гробот на Енвер Хоџа, кој не бегаше од миксот на марксизмот-ленинизмот и фолклорните национални пароли.

Отидоа во Куќата на цвеќето во Белград, иако многумина се сомневаат дека тоа бил повод само да се видат со некој жив „вожд“…

Треба секако да кажеме дека Демири и другите основачи бргу се оградија од Апасиев и за нив – сè што се случи потоа, со оној кој го приграби печатот – тој е само лош спомен.

Насилството по повод т.н. француски предлог

Каде дојде до расколот на Левица со екипата на Мицковски?

Првата кавга дојде во време на појавата на т.н. „француски предлог“ лани летото, што беше начин Брисел да го надмине бугарското вето за старт на преговорите за влез во Унијата на земјава. Левица одново настапи со својата жестокост, нејзините членови фрлаа коцки извадени од улиците врз полицијата, практично, користеа оружје кое можеше да биде смртоносно по полицијата, водеа вистинска војна со државниот поредок, додека Мицковски ги поддржа само со неколку мали чети на пензионери кои доаѓаа во паркот Жена борец, во очекување на порција од некогашните вмровски сладоледи.

ПРОТИВ ЕУ И НАТО Левица никогаш не го криела рускиот поглед за нашата „светла иднина“

Слатка ужина на жештината за старците немаше, а самиот шеф на опозицијата си седеше настрана, дозволувајќи Апасиев да ги троши своите сили. За последниов, тоа беше доста болно сознание дека послужил како жртвен јарец на десницата! Секако, неговите бојовници добија и самите ќотек, а дел беа и уапсени. (Најголемиот дел добија, сепак, само прекршочни казни за погрешно паркирање).

Ова секако не беше обично искричење меѓу партнерите. Апасиев требаше да ја игра докрај руската постановка за балкански немири, да импровизира антинато и воопшто антизападни претстави додека Мицковски одлучи тактички да игра поинаку.

Неговите телали престанаа да говорат против НАТО (преголем залак, нели) а филипиките против  Брисел ги концентрираа само против „бугарското вето“. Професорот од Машински во Апасиев веќе почна да гледа конкурент, а ја намириса врската на левичарот – влезен во десен чевел – со неговиот претходен претседател, Груевски и со Будимпешта преку Арсовска.

Бизнис интересите ја скараа десницата

Овој раскол стана поочигледен кога дојде до судир кај бизнис интересите на релација градоначалничка Данела Арсовска – Мицковски околу парите наменети за големата инвестиција за прочистување на канализацијата во главниот град. По едно таинствено патување во САД, во траење од неколку дена, Арсовска се одлучи да ја смени директивата да се турка веќе избраната одлука за ангажирање на конкретна фирма околу изведбата на проект вреден 135 милиони евра. Таа застана зад друга, турско-американската понуда (по она патување во САД, да повториме) која наводно била поевтина од конкурентската за 30 милиони евра и ја отвори аферата „фатени со рачињата во медот“.

Бизнис судирот во градот продолжи со автобуска блокада на градот од страна на приватните превозници. Тој чин на вознемирување на граѓанството (!) Апасиев не го прифати, покажа со прст кон Мицковски како човек кој несомнено стои зад организацијата на тие протести. Блокадите на терен ги водеше без сомнение Ленин Јовановски, миленик на Путин, како дел од моторџиите под име „Ноќни волци“, а Апасиев рече дека тие што протестираа му пречеле под прозорите на неговата канцеларија (сместена кај скопскиот Црвен крст). Таа ланска есенска диференцијација на десницата, значи, започна како судир околу парите кај градските проекти (Будимпешта е нели убав, ама скап град), но одново мора да се гледа и во поширок контекст.

Во тоа разоткривање на трагите помогна познатото интервју на Мицковски за Франкфуртер алгемајне цајтунг каде што тој откри што му тежи – дека Груевски му готви смена преку активирање на опозицијата во неговите редови. Тој тоа го оцени ако закткулисен договор меѓу власта (поголем акцент е ставен врз учеството на ДУИ), за да се отвори простор за гласање на дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за дополнување на Уставот: Овој страв беше потенциран во јавноста низ текот на настаните во Парламентот – дел од пратениците на  ВМРО ДПМНЕ, евентуално отуѓени од својот шеф, беше подготвен да се пазари со власта околу измена на КЗ, а потоа и за смена на Деловникот, со учеството, одново, на дел од гласовите на ДПМНЕ!

Без тие опозициски гласови немаше да се усвојат овие документи, а последното гласање (за Деловникот) го разбесни Апасиев и неговиот „паж“ Крмов во Собранието и тие го направија најновиот скандал!

Обајцата проценија дека се дефинитивно се оставени на некаков процедурален пуст остров со нивните две илјади амандмани и оттука извираше нивниот бес. Тие оденаш влегоа во портретот во кој се гледа дека нивните активности се користат само кога на една поголема партија и требаат потреси во општеството а таа, корисничката ги занемарува ако вреднувањата им се разликуваат без предрасуди!

Нови раседни линии и потенцијални мински полиња

Што мислите кој сега застана во нивна одбрана? Тоа секако не го стори Мицковски, туку за помалку од 12 часови  Апасиев ја почувствува студената тупаница на сите орудија на својот довчерашен сојузник! Зад професорот по римско право не се ниту медиумите што ги држат и онака топтан црвено-црните бидејќи тие не ги прикажаа во најдобра светлина „левичарите“ можеби за прв пат. Потоа уследи коментарот од Шампитата дека кога требало, „за посериозни прашања“ Апасиев и компанијата не биле така жестоки. Таа дефиниција на Шампитата е секако поставување на граничник по кој нема да има помирување меѓу двата десничарски субјекти.

Гледано од извесна дистанца, околу ВМРО-ДПМНЕ сега се позиционираат помали партии на кои Мицковски секако сметал порано. Денес тие може да се нагазни мини кои ќе му го стеснуваат маневарскиот простор. На пример, единствен медиум кој отвори неограничен простор за насилникот Крмов беше порталот Инфомакс што на тој начин безрезервно ги оправда испадите во Собранието.

Главниот играч во овој медиум е Александар Митевски, чија сопруга е Наталија Ивкова, која смени многу партии претходно, сега е советничка на градоначалничката на Скопје. Се слуша дека советите ѝ се добро платени. Ова значи дека уште појасно се гледа мостот, иако можеби понтонски, што Левица го фрла кон потенцијалите што ги дава Арсовска и нејзината екипа. Арсовска секако може да смета на гласовите на Левица во Советот на град Скопје, гласови кои се драгоцени, бидејќи таа, практично, нема своја партија.

Во таа интересна заедница од политички влегува и градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски кој се смета за „голем фан“ на Инфомакс и кој формално е во коалиција со Мицковски во Парламентот: неговиот ГРОМ има еден глас таму (!?). Без пратеници е и еден од опозиционерите во ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, кој исто така лесно „поминува“ низ овој портал.

Каде да се смести Максим Димитриевски?

Конечно, каде да се смести новата партија на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски? Тој беше постојан опортунист во СДСМ по демисијата на поранешниот претседател на партијата Бранко Црвенковски од политиката. Нема сомнеж дека се чудни полускриените врски со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја подржа во вториот круг неговата кандидатура дури и на штета на својот кандидат Шанац (Тони Михајловски) на истата функција. Тој во партијата важеше за човек кој е добро позициониран кај Груевски и оваа епизода со неговото изневерување јасно покажува дека Мицковски се ослободувал од сите оние за кои сметал дека нема да му се верни нему а на оној кој го поставил на сегашната функција! Е, сега, каде припаѓа Максим Димитриевски?

Актуелниот кумановски градоначалник Максим Димитриевски во гостувањето во Само интервју на Канал 5 телевизија од порано најави иницијатива за формирање на нов политички субјект во Македонија. Тоа се случи на 9 октомври во Скопје ама кумановци (вмровци) велат дека дошле во Холидеј ин за да ја пополнат и онака не многу големата сала на овој објект!

Левица е задолжена само за штимунгот

Дел од нив се квисковци кои беа искористени да дадат „пристапници“ по налог на својата партија за да се формира Левица?! По нивни зборови токму поддржуваниот Максим ќе привлече многу членови  симпатизери токму од кај Мицковски, после неговиот раскин со Груевски, човекот кој според некои анкети е многу повисок со личниот рејтинг од некогашниот послушник и прислужник. На некој начин услугата која ја прави за Димитриевски и новата партија ЗНАМ поранешниот директор на ЕЛЕМ може за него да донесе непријатни моменти…

Расцепот што се случува во десницата не е ниту малку наивен и најавува дека зад ридот, како што вели еден наш колега од Независен.мк „се тркалаат“ многу работи.

Левица е задолжена само за штимунгот. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен