Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Преспанскиот договор и денес е „модел за мирно решавање на транснационалните спорови“

Последното укажување за значењето на Преспанскиот договор дојде како заеднички апел на претседателите на САД и Франција Бајден и Макрон, кои за повод за овој нивни повик го избраа одбележувањето на 80 години од најголемата копнено-воздушно-поморска операција во историјата, Денот Д, за ослободување на Европа од нацистичката окупација. Со тоа јасно ставија до знаење дека Преспанскиот договор е од извонредно значење за мирот и безбедноста во регионот и светот.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Во ера на хаос и конфликти во светот и во 2018 година, кога беше потпишан, и овие денови во пресрет на одбележувањето 6 години од неговото постигнување, на Преспанскиот договор се гледа како на „модел за мирно решавање на транснационалните спорови“.

Оттаму и повикот на највисоките претставници на меѓународната заедница, која под покровителство на Обединетите нации активно учествуваше во неговото оставрување, Преспанскиот договор максимално да се почитува и целоснио да се спроведе, откако новото државно лидерство на Северна Македонија го предизвика договорот од Преспа со толкувања кои не се во духот на овој меѓународен договор.

Последното укажување во оваа насока дојде како заеднички апел на претседателите на САД и Франција Бајден и Макрон, кои за повод за овој нивни повик го избраа одбележувањето на 80 години од најголемата копнено-воздушно-поморска операција во историјата, Денот Д, за ослободување на Европа од нацистичката окупација, со што јасно ставија до знаење дека Преспанскиот договор е од извонредно значење за мирот и безбедноста во регионот и светот.

Франција и САД, односно Бајден и Макрон, ја повикаа новата влада во „Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да ги почитува меѓународните обврски, се вели во француско-американскиот патоказ, кој Белата куќа го објави на 8 јуни.

Во контекст на овој апел, освен Северна Македонија, во повикот на двајцата претседатрели спомнуваат и другите држави на Западен Балкан, како и Украина, НАТО, Блискиот Исток и други региони, со што станува сосема јасна и геостратегиската важност на Договорот од Преспа од 17 јуни 2018 година.

Уште тогаш, истиот ден и во деновите што следуваа, Преспанскиот договор беше вест број 1 во светските медиуми, кои освен од настанот од Нивици/Преспес, ги пренесуваа и честитките што до Македонија и Грција тогаш, ги испратија првенците на голем број земји и на најзначајните меѓународни организации.

Гутереш: Преспанскиот договор е надеж и за сите други спрови

Договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија е успешен пример за мирно решавање на транснационалните спорови, истакна генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во оценките за значењето на Преспанскиот договор.

 „Договорот ќе му биде од корист на целиот балкански регион“, нагласуваше Гутереш и повикуваше на засилување на напорите на меѓународната заедница за решавање и на другите отворени прашања во светот кои предизвикуваат тензии според моделот на договорот од Преспа.

„Во ера на хаос и конфузија гледаме голема надеж за успешно решавање на разликите и споровите како што беа меѓу Грција и Македонија за прашањето за името. Тоа нè потсетува и ни покажува дека кога работиме заедно можеме да постигнеме големи работи во корист на нашите народи“, порачуваше генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Ерупцијата од честитки за лидерите на државите потписнички на Преспанскиот договор особено се засили откако двата договори беа ратификувани во Грција и Северна Македонија, со што конечно, договорот беше и официјално прифатен како меѓународен договор – Pacta sunt servanda.

Тоа значи дека овој тип на меѓународни договори ги уживаат највисоките стандарди на заштита според меѓународно прифатените кодекси, депониран во Меѓународниот суд на правдата на ОН,  и налагаат целосно исполнување и почитување на сите инволвирани страни и не можат да се менуваат или доведуваат во прашање еднострано и своеволно.

Трамп: Преспанскиот договор треба да биде инспирација за другите држави во регионот

Откако договорот беше ратификуван во националните парламенти на Грција и Северна Македонија, меѓу првите кои испратија пораки за значењето на Преспанскиот договор и честитки за неговото постигнување, беше тогашниот американскиот претседател, Доналд Трамп. Во писмото до тогашниот премиер Зоран Заев, тој во име на американскиот народ, со честитките за ратификацијата и имплементацијата на договорот од Преспа нагласи дека Северна Македонија е голем партнер на САД.

„Ова е најисториското достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор и сведочи за Вашето храбро лидерство. Преку Вашите напори со премиерот Ципрас обезбедивте постабилна и попросперитетна иднина не само за вашите две земји туку и за целиот регион. Вашата земја сега ќе го заземе местото што ѝ припаѓа во Северноатлантскиот сојуз како Република Северна Македонија“, стои во писмото на Трамп.

Американскиот претседател Трамп тогаш изрази надеж дека Преспанскиот договор ќе послужи како инспирација за другите држави во регионот.

„Северна Македонија е голем партнер на САД. Ние се радуваме што ќе можеме да ве пречекаме како наш 30-ти сојузник во Северноатлантскиот сојуз и да продолжиме со нашата заедничка работа со цел да обезбедиме мир и просперитет на Западен Балкан“, истакнува во писмото Трамп.

Претседателот на САД во писмото потенцира дека со политичка храброст и способност за фокусирање на долгорочна корист наспроти краткорочни ризици, лидерите може да направат тешки компромиси кои се неопходни за да ги насочат своите земји на патот кон посветла иднина.

И следниот претседател на САД, Џо Бајден со истите оценки во повеќе наврати потенцираше колку е значаен Преспанскиот договор.

Џо Бајден е претседателот на САД кој го „заштити“ Преспанскиот договор со извршна наредба.

Во декретот, односно извршната наредба број 14033, од 8 нјуни 2021, кој почнува со зборовите „Јас Џозеф Бајден помладиот“, од содржината јасно се чита дека и македонската јавност и политичките елити, не се изземени од евентуалните санкции, доколку како што се наведува ги загрозуваат мирот, стабилноста или територијалниот интегритет и ги поткопуваат демократските процеси и институции, вклучително и лица што ги загрозуваат Преспанскиот и Охридскиот договор. Санкциите кон овие лица предвидуваат замрзнување на имотите и забрана за влез во САД.

– Станува збор за лица кои, се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор…

Меркел: Преспанскиот е историски договор

Тогашната канцеларка на СР Германија Ангела Меркел, која останува запаметена по нејизните исклучителни заложби кај лидерите на Грција и Македонија да се најде решение за спорот за името и да се деблокираат евро-атлантските интеграции на нашата земја, неколку дена после 17 јуни 2018, му испрати писмо на Заев во кое таа ја изразува својата радост за постигнатиот договор за македонско-грчкиот спор за името.

„Оваа спогодба го отвора патот за историски договор, и Вам и на Вашата влада срдечно Ви честитам за овој успех“, напиша во писмото Меркел.

Истата таа 2018 година, Ангела Меркел дојде во официјална посета на Република Македонија како прв сојузен канцелар на СР Германија во нашата земја и тоа точно на Денот на независноста, на 8 септември.

За време на еднодневната посета, Меркел рече дека со радост го очекува членството на Македонија во НАТО и отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ.

Овие свои пораки, како и честитките за Алексис Ципрас, таа ги испорача и за време на својата посета на Грција во јануари 2019.

„Благодарна сум на Алексис Ципрас, кој работеше со Заев за решение за номенклатурата.  Името Северна Македонија е јасно. Јасно е дека односите се формирани. Можам само да му честитам на грчкиот премиер, бидејќи решението нема да биде од корист само за Грција и Северна Македонија, туку и за цела Европа“, вели таа.

Макрон: Преспанскиот договор е одличен пример за Европа и надеж за сите

Договорот од Преспа е одличен пример за Европа и порака на надеж за сите нас дека дијалогот води до резултати, беа пораките и на францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговите обраќања кои се однесуваа на регионот.

„Да ги споменам Алексис Ципрас и Зоран Заев, кои заедно се договорија за името Северна Македонија со усвојувањето на Договорот од Преспа. Тоа е одличен пример за Европа и порака на надеж за сите нас, за тоа што може да понуди способноста на дијалог и дијалогот меѓу луѓето кои сакаат да најдат решение и дава многу надежи за Европа и секаде каде што постојат несогласувања“, нагласуваше Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика Косово и Србија да постигнат компромис следејќи го примерот на Преспанскиот договор.

„За мене Договорот од Преспа, кој беше спроведен благодарение на заедничката волја на двајцата лидери на Северна Македонија и Грција, е пример, извор на корисна инспирација за целиот регион. Затоа ги охрабрувам Косово и Србија да дејствуваат како Европејци, целосно посветени на барањето компромис што ќе им овозможи на Белград и Приштина решително да се движат кон европската иднина“, укажа Макрон.

Столтенберг: Северна Македонија е 30-та земја членка на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така во повеќе наврати порачуваше колку е важен Преспанскиот договор. Кога Грција го ратификуваше договорот тој најави дека наскоро се очекува приемот на Северна Македонија како 30-та земја членка на Алијансата.

„Ја поздравувам денешната ратификација на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, значаен придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Го очекува приклучувањето во НАТО на идната Република Северна Македонија“, порача Столтенберг.

И многу други европски и светски лидери го поздравија и го истакнуваа значењето на договорот од Преспа

„Имаа имагинација, преземаа ризик и беа подготвени да ги жртвуваат своите интереси за поголемо добро. Зоран, Алексис – одлично направено! Невозможната мисија е успешно завршена“, порача Доналд Туск, во фукција претседателот на Европскиот Совет.

„Атина и Скопје напишаа нова страница за нашата заедничка иднина во ЕУ“, напишаа во зедничката честитка претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер и високата претставичка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, како „извонредна вест за Европа“ го оцени ратификувањето на Преспанскиот договор во грчкиот парламент.

„Ги поздравувам овие демократски одлуки. Со тоа се отвора патот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО и за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Одговорните во Атина и Скопје, во прв ред премиерот Ципрас и премиерот Заев, вложија огромни напори за конечно решавање на спорот за името. Договорот е исто така охрабрувачки пример за конкретност, издржливост и храброст во политиката“, рече во 2019 година Мас оценувајќи дека компромисот меѓу Скопје и Атина е победа за дипломатијата.

Овие денови, на апсурдното однесување на новото македонско лидерство кон Преспанскиот договор најилустративно му одговори шефот на Делегацијата на ЕУ, евроамбасадорот Дејвид Гир. Според него, Преспанскиот договор, Охридскиот рамковен договор и Договорот за добрососедски односи со Република Бугарија, секој  на различен начин, имаат донесено значителни придобивки за земјава и вели дека затоа за Европската Унија е од огромно значење да се работи на целосна имплементација на трите договори.

„Преспанскиот договор за којшто се води толку жешка дебата во овој момент има донесено енормни придобивки за вашата земја. Трговијата меѓу Северна Македонија и Грција се има двојно зголемено по потпишување на Преспанскиот договор, развиена е културната соработка, а комуникацијата помеѓу народите на двете земји се има зајакнато исто како и соработката помеѓу двете земји и соработката на воено поле помеѓу војските на двете земји“ укажа Гир.

Тој потсети дека како резултат на потпишувањето на Преспанскиот договор се имаат зајакнато перцепцијата и позицијата на земјава на меѓународно ниво и дека токму од тие причини за ЕУ е од огромна важност да може да се надгради оваа соработка и овие достигнувања коишто се направени досега и да се работи на целосна имплементација на сите три договори коишто ќе придонесат за поскоро зачленување, всушност за забрзување на евроинтегративниот пат на Северна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен