Доналд Трамп, извесно повторно кандидат на американските републиканци за претседателската функција, деновиве е чест посетител на судниците.
Во јануари, поротата во Њујорк пресуди дека тој мора да му плати на една писателка милиони долари поради сексуално вознемирување и клевета, што Трамп го обжали. Тоа беше граѓанска постапка.
Сега Трамп е првиот поранешен претседател, кој некогаш се соочува со кривично судење.
Почнувајќи од 15 април, Њујорк истражува дали Трамп платил за да ги закопа приказните за неговиот вонбрачен секс со порно ѕвезда во средината на кампањата во 2016 година – по што влезе во Белата куќа.
Тоа е првиот од четирите кривични случаи – два државни, два федерални – кои се во тек против Трамп. Друго судење во Џорџија се однесува на обидот да го негира поразот на изборите во таа држава во 2020 година.
Првиот федерален случај се однесува на тоа дека тој, наводно, свесно ширел лаги за тоа како биле наместени изборите, а вториот тврдејќи дека незаконски задржал доверливи документи кога ја напуштил Белата куќа.
Дали Трамп може да биде кандидат доколку биде осуден?
Да. Уставот на САД предвидува само три барања за кандидатите – тие мора да се родени како државјани на САД, да имаат најмалку 35 години и да престојуваат во САД најмалку 14 години.
Постојат аргументи дека лицата кои се под кривично гонење не треба да бидат кандидати, изјави претходно за ДВ Лаура Мерифилд Вилсон, професорка по политички науки на Универзитетот во Индијанаполис.
„Но, сите тие аргументи се засноваат на морал и преференции, а не на правни или процедурални пречки“, рече таа.
Може ли Трамп да биде дисквалификуван со 14-тиот амандман?
Американскиот Устав има амандман додаден по Граѓанската војна, според кој дека ниедна функција не можат да имаат оние кои се заколнале дека ќе го почитуваат Уставот, а потоа биле „ангажирани во бунт“.
Оние кои би сакале Трамп да излезе од трката веруваат дека овој 14-ти амандман може да се повика поради упадот на Капитол на 6 јануари 2021 година. Тие велат дека лагите што Трамп ги кажал за наводната изборна измама ја поттикнале толпата да ја изврши крвавата инвазија.
Некои држави, како Колорадо, сакаа да му забранат на Трамп воопшто да учествува на прелиминарните избори на републиканците поради оваа причина.
Но, во март оваа година, Врховниот суд го отфрли обидот на Колорадо, наведувајќи дека поединечните држави немаат овластување да спречат некој да се кандидира за федерална функција. Врховниот суд потврди дека само Конгресот има надлежност за ова прашање. Бидејќи Конгресот е поделен – со републиканците кои го имаат мнозинството во Претставничкиот дом, додека демократите имаат тесно мнозинство во Сенатот – мали се шансите на Трамп да му биде забрането да се кандидира таму.
Дали на Трамп ќе му биде дозволено да гласа доколку биде осуден?
Најверојатно не. Бидејќи Трамп е регистриран како гласач на Флорида, каде осудените граѓани го губат правото на глас. „Повеќето престапници во Флорида ги добиваат своите права на глас кога ќе ја отслужат целата казна, вклучително и условната казна, или ги платат сите казни и задоцнети такси“, пишува Њујорк Тајмс.
Но, казната или условната казна на Трамп најверојатно нема да истече до ноември, кога ќе се одржи гласањето. Ова би довело до парадокс – човек може да стане претседател, но не може да гласа за себе.
А што ако Трамп оди во затвор?
Никој не знае. „Вакво нешто досега не се случило“, вели Ервин Чемерински, експерт по уставно право од Универзитетот во Калифорнија. „Можеме само да нагаѓаме. Законски, Трамп би можел да биде кандидат од затвор. Но, би било доста логистички предизвик да се води земјата од затворска ќелија.
Некои шпекулираат дека во тој случај Трамп би можел да поднесе тужба, тврдејќи дека евентуалната затворска казна го спречува да ги исполни своите должности како претседател на САД.
Може ли Трамп да се помилува себеси?
Теоретски Трамп би можел да се помилува себеси како претседател или дури да издаде целосно помилување. Но, тоа би било екстремен дел од претседателските овластувања и како случај на врвен непотизам веројатно би завршил пред Врховниот суд. Таму, пак, конзервативните судии имаат удобно мнозинство од шест спрема тројца.
Друг начин би бил претседателот Џо Бајден, доколку ги загуби изборите, да го помилува Трамп за да нема вакуум и целосен хаос.
Потоа повторно, тоа може да се однесува само на федералните судења. Затоа што дури и претседателот нема овластување да помилува некого кој е осуден по обвинение за одредена држава, да речеме Њујорк или Џорџија. (Дојче веле / МИА)