Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Придобивките од Гранада: Квалификуваното мнозинство во одлучувувањето на ЕУ е сигурност од евентуални нови условувања

Реформскиот приод што го нуди француско – германскиот предлог ја зајакнува позицијата на ЕУ како глобален играч. Во делот на проширувањето, за нас, уставните измени остануваат услов кој мора да биде исполнет за да можеме да ги продолжиме евроинтеграциите, но при тоа воведувањето на одлучување со квалификувано мнозинство драстично ја зголемува сигурноста дека по пат нема да се појават други нови услови.

Ова е оценката во анализата за МИА на претседателот на Советот на Амбасадори, амбасадорот Ѓорѓи Филипов и на Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје во врска со Извештајот за реформи на ЕУ, изработен од француско – германската група на експерти во кој за нас од особено значење е предлогот со кој се укинува ветото преку воведување на принципот за одлучување со квалификувано мнозинство  (со гласовите на 55 отсто од државите членки или 15 од 27 членки и при тоа претставуваат најмалку 65 проценти од вкупниот број жители во ЕУ), освен за отворањето на преговорите и конечниот прием.

На прашањето колку ова ќе го забрза процесот на проширување и што значи тоа во контекст нашите обврски за уставни измени, односно преговарачката рамка, амбасадорот Филипов истакнува дека ваквиот реформски приод кон начинот на одлучување ја зајакнува позицијата на ЕУ не само кон одлучувањето во однос на проширувањето што нам во овој момент најмногу ни значи, но и во однос на брзината на одзивот или брзината на проактивното делување на ЕУ кога се работи за низа прашања од надворешната и безбедносната политика, фискалната политика (стапките на даноци и распределбата на ЕУ буџетот) и во последно време актуелната политика на имиграциите и миграциите.

Ѓорѓи Филипов, Претседател на Советот на Амбасадори

-Со еден збор, ЕУ ќе стане позначаен фактор на глобален план не само како економска, туку и како политичка и одбранбена сила. Се разбира дека доколку се усвојат реформите во оваа насока предложени од француско-германската група на експерти македонското приклучување кон ЕУ ќе добие потврда плус, овој пат зајакната и со квантитативен фактор во облик на квалификуваното мнозинство гласови, а не само квалитативното ветување на најистакнатите членки на ЕУ Германија и Франција или обратно. Нормално уставните измени остануваат услов кој мора да биде исполнет бидејќи прифаќањето да го исполниме тој услов овозможи да ги почнеме преговорите. На овој начин, сигурноста дека нема да се појават други услови по пат е драстично зголемена, оценува Филипов кој е поранешен македонски амбасадор во Германија.

Тој се осврнува и на мислењата неодамна изразени на он-лајн брифинг од двајца членови од експертската група со членството на Германското друштво за надворешна политика (ДГАП), чиј што член е и самиот од 2006 година. Даниела Шварцер од фондацијата „Бартелсман“, наведува Филипов, нагласила дека владеењето на правото во земјите кандидати и земјите членки нема да губи на значење ниту за земјите кандидати, ниту за земјите членки, што значи и ЕУ и кандидати паралелно ќе се приспособуваат на реформите кај себе и во ЕУ, односно ќе се трансформираат во од.

За разлика од неа, експертот Шаин Вале од ДГАП, член на Групата изготвувачи на предлогот, како што посочува, поголемо внимание му дава на проширувањето отколку на продлабочувањето на ЕУ посочувајќи дека продлабочувањето е внатрешна категорија и ќе биде постојана задача на ЕУ како некој вид модус вивенди за постоење.

Филипов посочува и на ставот искажан во дискусијата од Елмар Брок, долгогодишен ЕУ парламентарец, кој, вели, изразил задоволство што конечно постои предлог како да одат заедно проширувањето и продлабочувањето, а тоа е гласање со квалификувано мнозинство, но и мала сомнеж дека источните земји во ЕУ ќе се сложат со ваквиот предлог бидејќи имаат малку парадоксален став. Имено, тие се за проширување, но против квалификувано мнозинство бидејќи вели, им ја одзема можноста да бидат поставувачи на вето во надворешната, безбедносната, даночната и буџетската политика на Унијата.

-Тоа се засега само внатрешни прашања на ЕУ, а за нас е важно дека овој предлог не ја отстранува нашата обврска да ги направиме уставните промени, да ги внесеме Бугарите во македонскиот Устав и да ги исполниме Копенхашките критериуми, особено реформите и зајакнувањето на правната, законската и судската регулатива и нивната имплементација во пракса. Доколку се однесуваме според предлогот тоа само ќе ја забрза нашата ЕУ интеграција, дециден е амбасадорот Филипов.

Зоран Нечев од ИДСЦ, смета дека воведувањето на принципот на донесување одлуки со квалификувано мнозинство секако ќе придонесе кон забрзување на процесот на проширување.

Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас Цивилис

-Секако овој предлог не предлага укинување на ветото од страна на земјите членки заради зачувување на националниот интерес. Притоа, едногласноста секако останува, но таа се предлага за почетокот и крајот на преговорите. Новина би била воведување на квалификувано мнозинство за фазите помеѓу почетокот и крајот. Овој засега само предлог, нема да влијае на нашите веќе преземе обврски за уставни измени кои мора да се исполнат доколку Македонија сака да ја комплетира првата Меѓувладина конференција, вели Нечев.

Четирите брзини не се далеку од фактичката состојба во ЕУ, но целта на Северна Македонија е да стане полноправна членка

Во Извештајот е наведена и временска рамка за спроведување на внатрешните реформи, како и фазно приклучување во Унијата, преку четирите круга или „четири брзини“ на интеграција. На прашањето колку ваквиот концепт е во согласност со нашата цел за полноправно членство, односно дали можеби ова не е алтернатива на членството во Унијата, двајцата аналитичари подвлекуваат дека наша цел е да станеме полноправна членка на ЕУ. 

Филипов во контекст на прашањето, посочува дека поставил слично прашање на он-лајн форумот, а одговорот на двајцата претставници од групата бил дека најзначајно е ЕУ да го усвои концептот на гласање со квалификувано мнозинство оти само така македонскиот, но и патот на останатите земји членки ќе стане порелаксиран од опасноста за политички блокади.

-Инаку француско-германската група инсистира на временската рамка зашто промените во светот нема да ја чекаат ЕУ или која било земја членка или кандидат. ЕУ мора да стане пофлексибилна во однос на пристапот на кандидатките кон неа. 2030 година останува како точка на спојување на кандидатките од Западен Балкан со ЕУ. Да повториме, тоа важи само доколку се усвои гласањето со квалификувано мнозинство, вели Филипов.

Тој нагласува дека фазното приклучување кон Унијата не се разликува многу и од сегашната фактичка состојба во ЕУ.

-Постојат држави, моторна сила, Германија и Франција или обратно, држави кои се членки на Шенген зоната, држави членки на евро зоната, и држави членки на ЕУ. На почетокот тоа ЕУ беше само економска заедница, а сега во неа постојат четири категории на држави, што лесно може да се каже и четири круга, ако сакате и четири брзини. Некои од членките едноставно не сакаат да возат во четврта брзина (да бидат членки на евро зоната), други не сакаат да се членки на Шенген, а постојат и земји надвор од ЕУ (не сакаат да бидат во ЕУ, Исланд, Норвешка, Швајцарија), а се земји членки на Шенген, вели Филипов.

За нас, наведува тој, е важно што сакаме да станеме членка на ЕУ, заради закрилата што ја пружа во смисла на политичко-економска и финансиска солидарност и бројните други предности.

-Внатрешните реформи и продлабочувањето на ЕУ, наредните други внатрешни реформи во вертикална и хоризонтална насока се само начин на адаптација на една голема политичко-економска и безбедносна сила на промените што ги носи времето. Овие промени не се никаква алтернатива ами се сосема разбирлив дел на ЕУ секојдневието во кое верувам дека ни е местото и нам. Таму, внатре, а не на маргините на Европа, зашто Македонија е во Европа физички отсекогаш. Зошто македонскиот и останатите народи што живеат тука не би бил и политички, економски и одбранбено во неа. Зошто македонскиот јазик не би бил и еден од службените јазици во работните тела на Унијата, прашува Филипов. 

Нечев посочува дека државата аплицирала за полноправно членство во Европската унија и треба да опстои на ова свое барање и да продолжи да спроведува домашни реформи.

-Како Унијата, односно експертите кои работеле на овој извештај, ја гледаат Унијата е сосема друго прашање. Иако битно е да се напомене дека и сега постојат тие четири круга.  А еден од тие четири круга за кои зборувате е токму оној кон кој државата претендира да стане член. Оттука, не гледам дека ваквиот концепт е некаква алтернатива на јасно искажаниот став на Македонија за членство во ЕУ, вели Нечев.    

На неформалниот Самит на ЕУ, што ќе се одржи во петок, еден ден по состанокот на Европската политичка заедница, во Гранада, почнува дебатата за реформите на ЕУ, во кои е вклучено и проширувањето. 

Виолета Геров/МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен