Професорот Дејан Трајковски во својот пост на Фејсбук укажува дека Грција го става акцентот на модернизацијата на железничките врски кон Бугарија преку преминот Промахона/Кулата и преку Токсотес до граничниот премин Орменио, додека пругата кон Македонија низ Идомени останува со ограничен капацитет.
Како доказ за ова, Трајковски посочува официјални извори кои наведуваат дека на пругата Солун – Идомени е предвидена само инсталација на нов сигнален систем и замена на старите шини, но колосекот ќе остане единечен, што значи ограничена пропусност.
Сателитските снимки од влезот во железничката станица Идомени покажуваат единечен колосек, додека пак пругата од Солун кон Бугарија преку Промахона се реконструира со двојни колосеци, електрификација и капацитет за возови до 500 метри.
Трајковски ја критикува македонската Влада дека сака да инвестира во брза двоколосечна пруга која нема да го надмине „тесното грло“ кај Идомени, што го ограничува капацитетот на целата пруга кон север.
Исто така, според него, проектот е економски неисплатлив, а Македонија планира да земе кредит од Велика Британија со неповолни услови, бидејќи ЕУ одбила да даде грант поради слабата физибилност на проектот.
Професорот предупредува дека доколку проектот продолжи, загубите ќе изнесуваат околу 3,3 милијарди евра, што би значело задолжување од околу 8.000 евра по македонско семејство.
Трајковски смета дека само членството во ЕУ и добивањето на грант од 85% може да ја промени ситуацијата, и дека до тогаш треба да се прекине со инвестирање во скапи и неисплатливи железнички проекти.