Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ПРОПАГАНДНИ НАРАТИВИ: Српска „братска одбрана“ на Македонците од Албанците, закани со „судбината на Украина“ и ѕвецкање со оружје

  • Само низ примерот на неколку изјави дадени во август и јули годинава, особено ако се стават во контекст на пораките од руските дипломати во 2018 година, може да се види врската меѓу пропагандните наративи на Белград и Москва. Во сите нив, јасно се гледа намерата да се внесат поделби и тензии, да се сопре или отежни европскиот пат на нашата земја и земјите на Западен Балкан. Националистичкиот популизам на Курти и нему сличните е само дополнување на целата слика, но тие се споредни актери. 
  • Овој текст не се занимава со ботови и тролови, туку ги анализира пропагандните наративи што доаѓаат од највисоките политички ешалони.
  • Ако никој не се разбудил досега, може слободно да продолжи да спие.

ЏАБИР ДЕРАЛА

Без оглед на тоа колку изгледа дека се различни, треба да биде јасно дека „братските“ изјави на српскиот претседател Александар Вучиќ и на неговиот пријател и штитеник, српскиот министер за одбрана, Милош Вучевиќ, се дел од истиот наратив. Едниот со стап, а другиот со „прегратка“, градат наратив на „братска поврзаност“ – колку против Албанците, толку, ако не и уште повеќе – против Западот.

Во најновата сезона од балканската пропагандна мелодрама (беше крвава трагедија до не така одамна), водечките српски политичари промовираат „братство“ и „одбрана од Албанците“, но не забораваат да се заканат и со „судбината на Украина“. Зад сето тоа стои добро разработена пропагандна шема со која се предизвикува отворање или одржување на кризни состојби и вмешување на што е можно повеќе актери во играта.

Неуспехот да се препознаат и разобличат овие пропагандни наративи само ќе ги продлабочи кризите и ќе предизвика нови. Јасно е кој ќе профитира (Москва и нејзините сојузници на Балканот и во Европа), а кој ќе претрпи загуби (демократските сили во земјите кои се ориентирани кон Запад).

Закани со сценарио „како во Украина“ и ѕвецкање со оружје

„Згрешивте и ќе ви се удри по глава, како што во Украина им се удира во глава на сите кои го промовираа Косово и Метохија како независна држава. Ја отворивте Пандорината кутија. Смешни се вашите бирократски одговори дека Косово е sui generis, дека е посебен случај. Ниту Албин Курти, ниту Тирана ви веруваат во тоа“, изјави министерот Вучевиќ за ТВ Пинк, која е под контрола на шефот на државата.

ЌЕ ВИ СЕ УДРИ ОД ГЛАВА КАКО ВО УКРАИНА Српскиот министер за одбрана, Милош Вучевиќ, во распламтувачка реторика на ТВ Пинк, 19 август 2023

Инаку, Вучевиќ, како протеже на Вучиќ, стана новиот претседател на владејачката Српска напредна странка, откако овој, со сета мелодрама, даде оставка од партиската функција во мај, кога десетици илјади демонстранти бараа оставки. Оставката, секако, беше уште една во низата крајно манипулативни политички акробации на Вучиќ. А сега повикува и на предвремени избори на кои планира да победи и да го продолжи владеењето за нови четири години.

Кон крајот на ова интервју во ТВ Пинк, Вучевиќ отворено се закани, велејќи дека Курти „го слуша тој бат“ на српската војска распоредена под Копаоник и неколку други локации на границата со Косово, кои тој, со нескриен сарказам, ѝ ги наброја на ревносната водителка Јована.

Сите Албанци со проект – Голема Албанија. Дали Македонците спијат мирно?

Министерот за одбрана, Вучевиќ, во интервјуто го рече и тоа, дека не е само Курти тој што негува големоалбански идеи, туку дека сите Албанци ја имаат истата цел и амбиција – да создадат Голема Албанија. Најблаго речено, тоа е опасен наратив, со кој обележува цела една нација како непријател и имплицира омраза кон секој припадник на таа нација.

Вучевиќ ги праша Македонците и дали спијат мирно. Па истури серија манипулативни и анти-НАТО пораки.

„Дали спиете мирно? Тие мислат дека се во НАТО Алијансата и дека си ги решиле проблемите. Ова е мантра и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно на НАТО Алијансата, мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека веќе ништо не може да им се случи“, рече, меѓу другото, Вучевиќ, со омаловажување кон значењето на членството во НАТО.

Со 25% застапеност – Албанците држат 50% од власта во Македонија

Се разбира, каков политичар ќе беше Вучевиќ, ако не се повикаше на историјата, па ги повика „кутрите“ Македонци и Црногорци да погледнат што се наоѓа во историјата, за да разберат што се случува во нивните сопствени дворови. И дека Србија не се меша во внатрешните работи на соседните држави. Но…!

„Но, можеме да констатираме дека 25 проценти од Албанците имаат 50 проценти од власта во Северна Македонија. Ако е ОК за Македонците, ОК е и за нас, само очигледно ќе имате политика која нема да ја гледаат Македонија како своја земја“, рече Вучевиќ.

РЕВНОСНА ВОДИТЕЛКА Јована од ТВ Пинк му даде простор и шлагворт на министерот Вучевиќ, ТВ Пинк, 19/8/2023

И ова е опасен наратив со кој се поттикнува поларизација и тензии, што е директно мешање во внатрешните работи на нашата земја. Интересна е сличноста на овој наратив со пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои не еднаш го имаат кажано истото, во различни контексти.

Северна Македонија и Црна Гора се мешаат во внатрешните работи на Србија, а не обратно

Пропагандните наративи често имаат својство да ја превртат приказната и да манипулираат со фактите. Така и Вучевиќ. Во своето интервју за ТВ Пинк тој даде неколку изјави кои претставуваат флагрантно мешање во внатрешните работи на двете земји. Тоа се гледа од заканувачкиот тон и омаловажувањето во контекст на членството на двете земји во НАТО, кои потоа завршуваат со обвинувања во сосема обратна насока.

„Велат се мешаме во внатрешните работи. Вие ни се мешате во нашите внатрешни работи! Го признавте Косово! Има ли полошо, понепристојно и отворено мешање во внатрешните работи“, изјави Вучевиќ.

Да не се заборави, се работи за министер за одбрана и формален шеф на владејачката партија. Но се разбира, не се виновни Македонците. Нели, Албанците држат 50% од контролата таму? Македонските националисти меѓу експертите и невладините би додале дека, на пример, надворешната работа ја креира Албанец, кому му го одрекуваат правото да преговара за македонските интереси со Бугарија. Ова, се разбира, не е претпоставка, такви – и многу порадикални – ставови се промовираат во јавната комуникација веќе со години.

Вучиќ го пофали Ковачевски

И во Атина, на Балканскиот самит кој го организира грчкиот премиер Мицотакис, по повод 20-годишнината од Солунската декларација (кога европските и лидерите на земјите на Западен Балкан се согласија дека иднината на регионот е во ЕУ), Вучиќ не пропушти да нагласи дека Србите и Македонците се братски народи.

„Србија и Северна Македонија се навистина пријателски земји. Ако ме прашаш мене, братски. Недоразбирања меѓу нас нема и не смее да има. Ништо не бараме од нашите браќа, единствено што нудиме е искрено пријателство“, напиша Вучиќ на својот ноторен Инстаграм профил насловен како buducnostsrbijeav („Иднината на Србија АВ“, каде што АВ се иницијали на неговото име).

Вучиќ, во обраќањето пред камерите, силно го „пофали“ и го „храбреше“ македонскиот премиер, за неговата „силна реакција против Албин Курти“. И им упати порака на српските политичари, да не изјават ништо што би можело да им даде простор на оние што сакаат да ги направат „исти како Курти“.

„Видов кога Димитар Ковачевски многу силно му реагираше на Албин Курти за она што го направи во Тетово. Многу силно, јавно и отворено и сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат внимателни, да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не направат исти како Курти“, рече Вучиќ, чии изјави често се конфузни, би рекол и опскурни, но пораките, сепак, се доволно јасни. Тој нагласи дека Ковачевски „многу, многу остро говореше против Курти, што многумина ги изненади“.

Значи, која е пораката овде?

Немојте, колеги српски политичари да ги критикувате Македонците, си имаат тие мака со Албанците. Ние не сме исти! Курти е лош, а ние сме добри. Но исходиште на наративот е: ориентацијата не треба да биде НАТО и ЕУ, туку братска Русија. Македонските медиуми не ја препознаа манипулацијата тука, па само пренесоа вести во кои се чувствува покровителскиот став на „големиот српски брат“.

ГОЛЕМА АЛБАНИЈА Курти на „приватна забава“ во Тетово, каде што се вее знаме со Голема Албанија и се пее „Добредојде во Албанија“ (фото: Фејсбук профил на лидерот на Беса, Касами)

Се разбира, солиден материјал за оваа и ваквата реторика на Вучиќ и неговите партнери, обезбеди настанот со кој Курти деновиве се „прослави“ со „приватната забава“ во Скопје и Тетово, пречекан (на македонско тло!) со песната „Добредојде во Албанија“ и со знаме со мапа на Голема Албанија.

Стари, добро познати руски наративи

Употребата на Украина како закана не е нов наратив. Да се вратиме малку наназад.

Рускиот амбасадор Олег Шчербак, кој во април 2018 година, во пресрет на Референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор, беше поканет на скопскиот Факултет за безбедност (!) да одржи предавање, рече дека постои пропаганда со која Русија се претставува како агресор. Тој рече и дека земјите од Балканот се принудуваат да направат вештачки избор меѓу Истокот и Западот.

ПОСЛЕДИЦИТЕ Ѝ СЕ ПОЗНАТИ НА УКРАИНА Рускиот амбасадор истакна дека постои пропаганда со која Русија се претставува како агресор и дека земјите од Балканот се принудуваат да направат вештачки избор меѓу Истокот и Западот. „Последиците од тоа ѝ се познати на Украина која беше ставена под таков ултиматум, што предизвика раздор и граѓанска војна. За жал, нашите западни партнери ништо не научија од ова“ – изјави Шчербак, Скопје, Факултет за безбедност, 2018 година

„Последиците од тоа ѝ се познати на Украина која беше ставена под таков ултиматум, што предизвика раздор и граѓанска војна. За жал, нашите западни партнери ништо не научија од ова… Руската Федерација не може да не биде загрижена за воената доктрина на НАТО во која Русија е прогласена за непријателска. Тоа е многу опасна игра и не би сакале во оваа авантура да ја вовлечат и Македонија. Македонскиот народ да се користи како топовско месо и нејзината територија како НАТО база“, рече Шчербак тогаш. Никој не реагираше. Добро, јас го „почестив“ со еден милозлив текст „Щербак, GO HOME!“.

Некој можеби наивно ќе каже дека оваа споредба е long shot, но не е. Тој наратив е тука со децении, а особено се засили од првата руска агресија против Украина во 2014 година.

И Лавров, среде Белград, ширеше дезинформации за Тиранската платформа

Илустрација за руското мешање и идентичните наративи што ги промовираат Вучиќ и неговите штитеници и партнери, е и изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата со српскиот претседател на 21 февруари 2018 година. На брифингот со новинарите, шефот на руската дипломатија ја открива „загриженоста“ на неговата земја за македонските политички состојби.

ЗАГРИЖЕНИ ЗА МАКЕДОНИЈА Лавров и Вучиќ во Белград, 21 февруари 2018 година

„Се разбира, ние сме загрижени за пасивноста на ЕУ во однос на иницијативата што доаѓа од Тирана за ‘Тиранската платформа’, која е експлицитен повик за создавање Голема Албанија. Има доволно примери кои ни даваат причина за загриженост. Неодамна, кога се одржаа парламентарни избори во Македонија, претседателот на парламентот, еднаш избран на оваа функција, влезе во неговиот кабинет и на бирото стави албанско знаме. Во Македонија!“ – рече Лавров, во бесрамен обид да ја претвори теоријата на заговор во оружје на ултранационалистичка и антизападна пропаганда во Северна Македонија.

Воедно, тој со оваа изјава ја обелодени и „загриженоста“ на Москва токму во периодот кога паѓаше авторитарниот режим на Груевски, по што уследи серија од ултранационалистички и антизападни протести кои кулминираа со крвавиот напад на Собранието на 27 април 2017 година.

Српска „одбрана“ од Албанците, преку „големите мисли“ на Вучиќ (еден месец порано)

Пораките што доаѓаат од „братска“ Србија, пак, секогаш го имаат елементот на „српска одбрана“ од Албанците. Така, пораките на Вучевиќ се, повеќе или помалку, истите пораки како и оние на Вучиќ, на истата телевизија, на 14 јули. Повод за тоа гостување беше неговиот пријател, Александар Вулин, шеф на БИА, кој заврши на американската црна листа, меѓу другото заради учество во транснационален организиран криминал и затоа што ѝ обезбедува на Русија „платформа за натамошно, малигно влијание врз регионот“.

И тогаш, Вучиќ ги „бранеше“ Македонците од Албанците.

„Кога Македонците тргнаа да апсат терористи кои им убија 75 полицајци, тогаш рековте ‘е, застанете, па немојте да ги апсите, зошто ги апсите?’ Сега убаво донесете закон за амнестија, ти претседателе лично да помилуваш толку и толку, сега ќе направите мир, мир, мир – никој не е виновен. Тоа што ви убија толку полицајци, никому не му е гајле. Мора Албанец да биде претседател на собранието или на владата, мора министерот за надворешни работи да биде Албанец, службен јазик да биде албанскиот заедно со македонскиот. А тоа може!?“, рече, возбуден, Вучиќ во „своето“ медиумско гнездо, ТВ Пинк.

Човек просто да се разнежи. Американците му го „поцрнеа“ партнерот, а тој не престанува да се грижи за Македонците.

Да се стопира или барем да се отежни евроатлантскиот пат на Северна Македонија

Не смее да се занемари фактот дека пропагандните наративи за кои зборуваме овде доаѓаат од највисоките политички ешалони во споменатите и неспоменатите центри на моќта.

Низ примерот на овие неколку изјави дадени во август и јули годинава, во споредба со пораките на руските дипломати во 2018 година, може да се види врската меѓу пропагандните наративи на Белград и Москва. Во сите нив се бележи намерата да се внесат поделби и тензии. Крајната цел на тие наративи е да се стопира или барем да се отежни евроатлантскиот пат на Северна Македонија. „Одбраната“ од Албанците и „судбината“ на Украина се само еден дел од тие наративи.

И сите тие, без да го испуштиме ниту националистичкиот популизам на Албин Курти „од другата страна“ (кој, нели, ги брани Албанците од „српската закана“), воопшто „не се мешаат“ во внатрешните работи на нашата земја.

Напротив, како што кажа српскиот министер за одбрана, Северна Македонија и Црна Гора „непристојно“ и „отворено“ се мешаат во внатрешните работи на Србија, со признавањето на Косово. Како што не е Бугарија таа што негира постоење на цела една нација, туку таа нација, македонската, е „напаѓачот“ на бугарскиот идентитет и државност. Русија „не е агресор“, туку Украина и НАТО кои ја „загрозуваат“ Русија, а притоа Украина е нацистичка и не постои (истовремено).

Ако никој не се разбудил…

Да резимираме. Само низ примерот на неколку изјави дадени во август и јули годинава, особено ако се стават во контекст на пораките од руските дипломати во 2018 година, може да се види врската меѓу пропагандните наративи на Белград и Москва. Во сите нив, јасно се гледа намерата да се внесат поделби и тензии, да се сопре или отежни европскиот пат на нашата земја и земјите на Западен Балкан. Националистичкиот популизам на Курти и нему сличните е само дополнување на целата слика, но тие се споредни актери.

Овој текст не се занимава со ботови и тролови, туку ги анализира пропагандните наративи што доаѓаат од највисоките политички ешалони. Ако никој не се разбудил досега, може слободно да продолжи да спие.

Пропагандните наративи се едноставни и провидни, звучат како хорор приказни за деца, но предизвикуваат тешки последици кај возрасните. Кои, пак, се лутат кога им се обраќате како на мали деца. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен