Станува збор само за основицата, без затезни камати, кои по правило се предмет на споровите пред арбитражните судови и со кои овој износ се искачува на фантастични над 1,5 милијарди евра
МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ
Вкупната вредност на арбитражните постапки кои што во моментов се водат против Република Северна Македонија изнесува 1,36 милијарди евра, при што станува збор само за основицата, без затезни камати, кои по правило се предмет на споровите пред арбитражните судови и со кои овој износ се искачува на фантастични над 1,5 милијарди евра. Овој податок денес на брифинг со новинарите го изнесе вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој посочи дека Владата прави сѐда го заштити интересот на државата и да не се плати ниту евро или денар повеќе од што е потребно по основа на арбитражните спорови.
Тука влегуваат споровите на „Кунико ресорсис“ од Холандија за „Фени индустрис“, потоа две постапки од индиски „Бинани“ во врска со рудникот „Злетово“, на „Ел.Пет Балканики“ за „Окта“, постапката на Блажо Тасев против државата во врска со рудникот „Саса“, потоа на повеќе украински инвеститори во врска со рудникот „Казандол“, како и на турски „Гама Гуч“ за „Те-То“ и најновиот, на италијанската компанија „Инсо системи“ во врска со изградбата на Клиничкиот центар во рамки на комплексот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во овој список не влегуваат други потенцијални арбитражни постапки, како на пример онаа за „Иловица- Штука“ во Струмичко кои деновиве се многу актуелни во јавноста откако концесијата за нив беше споена и граѓаните стравуваат дека овој контроверзен проект ќе се реализира, а за кој се стравува дека може да надмине една милијарда евра. Инаку, од формирањето на Националното координативно тело во 2017 година до сега, по основа на арбитражни постапки, не се исплатени буџетски средства.
За колкав износ на вкупни побарувања по основа на арбитражни постапки станува збор доволно е да се направи паралела со годишниот буџет на државата, кој за годинава е проектиран на нешто над 5,2 милијарди евра, што значи дека постапките се речиси една третина од Буџетот за 2023, или околу осум отсто од домашниот бруто-производ (БДП).
Колкави се овие средства зборува и споредбата која што ја направиле во Владата дека со нив би можеле да се изградат 100 основни училишта, 100 средни училишта, 100 градинки, три најмодерни технолошки паркови (секој од нив по 70 милиони евра), потоа да се модернизираат најголемиот дел од здравствените установи, да се изгради водовод и канализација за сите населени места во државата, како и околу 1.000 километри локални и регионални патишта.
„Кога го подготвуваше Државниот завод за ревизија извештајот во врска со арбитражните постапки, го дадов истиот коментар: како заменик претседател на Владата во 2020 година имав една дилема кога потпишував најголема фактура за исплата. Дилемата ми траеше не повеќе од 10 минути, а беше дали да потпишам фактура за арбитражен спор или да го правам тоа што го правеле сите, да замижат и да остават некој друг да се занимава со последиците. Јас реков дека кога ме избраа на 31 август, ме избраа и ми кажаа дека согласно Уставот треба да го штитам интересот и имотот на државата, на моите сограѓани, моите деца… Ова е само еден од начините како тоа треба да го правиме, независно која бил основата и кој ја направил, намерно или ненамерно, за да бидеме доведени во арбитражни спорови“, вели вицепремиерот Битиќи.
Според него, секој пред и после него треба да направи соодветно сѐ што е можно да ги даде сите аргументи и да ги искористи сите правни механизми да го заштити тоа што е можно да се заштити, да не се плати едно евро или еден денар повеќе од што е потребно по основа на арбитражните спорови.
„Секако, има други институции кои што треба да се позанимаваат зошто некој, некогаш потпишал таков договор со кој што можеме да се доведеме во ваква ситуација“, вели Битиќи.
Како се избираат адвокатските фирми
Едно од прашањата на кои што имаше забелешки Државниот завод за ревизија беше и онаа поврзана со адвокатските фирми. Како што објасни Битиќи, Националното координативно тело при изборот на адвокатските фирми може директно да преговара за нивно ангажирање, но сепак, има направено постапка во која што изборот на адвокатските фирми се прави по основа на два критериуми, при што како и при секоја јавна набавка се повикуваат одредени фирми, вообичаено оние кои што се на листата на „Глобал арбитрејшн ривју“ која што ги рангира адвокатските фирми на глобално ниво на листа од еден од 30. Листата се менува секоја година, но може да се провери кои се фирмите на неа.
При изборот се цени техничкиот капацитет со 70 отсто и 30 отсто е финансиската понуда, појасни Битиќи додавајќи дека Националното координативно тело не прави избор, туку прави само ранг листа која што ја доставува до Владата која што одлучува која адвокатска фирма ќе се избере.
Арбитражни постапки:
1.
„Кунико ресорсис“ од Холандија против Република Северна Македонија од 21.12.2017 за стечајната постапка во „Фени индустрис“.
Адвокатска фирма: „Вајт енд Кејс“
Арбитражниот суд донел одлука за запирање на постапката затоа што тужителот не успеал да поднесе соодветни докази. Ова е можеби прв пат во историјата на државата каде што државата добива арбитражна постапка, вели Битиќи. Тужителот од страна на Арбитражниот суд е обврзан да исплати износ од 3 милиони американски долари кон државата.
2.
„Бинани“ (Индија) во врска со рудникот за олово и цинк „Злетово“ (незаконито спроведување стечајна постапка во „Тораница“).
Прва постапка: 03.08. 2017 година
Вредност: 250 милиони евра.
Во 2020 година тужителот „Бинани“ ја повлекол тужбата, а Арбитражниот суд наложил да ги надомести на државата адвокатските трошоци во износ од 653 илјади евра. Постапката за извршување е во тек (половина од износот или околу 300 илјади евра се наплатени).
3.
Тужителот („Бинани“) на 13.02 2020 година покренува втора постапка (според правилата на арбитражата тоа е дозволено) за истиот спор.
4.
„Ел.Пет Балканики“ (Грција) за случајот „Окта“
Покрената постапка: 05.12.2018 година
Вредност на побарувањето: 42.600.000 евра (од кои 31.500.000 американски долари се основица, а другото камати).
Адвокатска фирма: Дешерт ЛЛП (Dechert LLP).
Арбитражниот суд признал одреден износ (21.167.000 долари, или 51 отсто од вредноста на побарувањето), што било пресудено во почетокот на оваа година.
Има уште една поднесена тужба. Таа е практично трета по ред, откако во 2007 година „Ел.ПЕТ Балканики“ го добила спортот за 40 милиони евра (целосно усвоено побарувањето), при што потоа во спогодбена постапка биле исплатени 30 милиони евра.
Третата тужба се однесува на периодот 2012-2019 година, но тужителот немал доволно докази за да може да покрене постапка, односно ја губи можноста за уште 50 милиони евра побарување за последниот период.
Инаку, за донесената пресуда во износ од 21,16 милиони долари се прави финансиска спогодба, така што на крајот е можно овој износ да биде дополнително намален.
5.
Блажо Тасев (Словенија) против Република Македонија во врска со неоснована експропријација на рудникот „Саса“.
Адвокатска фирма: Ашурст ЛЛП (Ashurst LLP).
Вредност на побарувањето: 492.000.000 евра.
Постапката е во завршна фаза, одржано е последното усно рочиште, одлуката се очекува оваа есен.
6.
Артем Скубенко и други против Република Македонија во врска со рудникот „Казандол“
Постапка од 25.04.2019 година
Адвокатска фирма: Вајт енд Кејс (White and Case LLP)
Вредност на побарувањето: 77.820.000 евра.
Усно рочиште во октомври, по што ќе следи одлука. Од Владата веруваат дека одлуката донесена на референдум против изградбата на овој рудник е силен аргумент во полза на државата.
7.
„Гама Гуч“ Турција за „Те-То“
Датум: 14.12.2021
Вредност на побарувањето: 5 милиони евра
Адвокатска фирма: Вајт енд Кејс (White and Case LLP)
Постапката е во писмена фаза кога се поднесуваа докази, а потоа следи усно рочиште. Ова е класичен пример кога спор меѓу приватни компании прераснува во постапка против државата врз основа на договор за заштита на инвестициите кој што го имаат потпишано Македонија и Турција.
8.
„Инсо системи“ (Италија) за клиничкиот центар во рамки на комплексот „Мајка Тереза“
Вредност на побарувањето: 18.943.920 американски долари
Адвокатска фирма Вајт енд Кејс (White and Case LLP)
Постапката е во иницијална фаза.
Инаку, пред десетина дена Државниот завод за ревизија во ревизорски извештај за работењето на Владата во 2021 година посочи дека ако Македонија ги изгуби покренатите арбитражните постапки по склучените и ратификувани меѓународни договори ќе треба да плати повеќе од една милијарда евра оштети (945 милиони евра и 420 милиони долари), што ќе има импликации врз Буџетот на државата во наредни години. Ревизијата укажа на потребата за утврдување на причините поради кои се покренати арбитражни постапки, со цел утврдување на одговорност.
„Во период од 2018 до 2022 година во тек се пет арбитражни постапки против Република Северна Македонија, за кои исплатени се средства за адвокатски услуги во вкупен износ од 959.917 илјади денари односно 15,6 милиони евра“, стои во извештајот.
(Извор: Независен)