Дали македонскиот народ кој е квантитативно еден од најмалите народи глобално кои имаат своја држава, ќе го има луксузот под овие геополитички околности да реобликува сопствена нова – поинаква држава која повеќе емоционално би нè исполнила
Пишува: Тони ПОПОВСКИ
Првиот круг на претседателските избори неспорно докажа дека радикалниот етно-национализам е извонредно исплатлив во мултиетничко општество како нашето, а кое сè уште е во фаза на демократска адолесценција.
Во продолжение извадок од мојата колумна од крајот на август минатата година.
„Во прилог на потребата од свесност за тенденциозна злоупотреба на закономерности поврзани со емотивното однесување на луѓето пишува и Роберт Чиалдини, американски психолог и професор на Државниот универзитет во Аризона, како и на приватниот универзитет Стенфорд во Калифорнија. Во својот реиздаван бестселер „Влијание – Психологија на убедување“ Чалдини потенцира дека 95 проценти од луѓето се всушност имитатори, а само 5% се иноватори, и дека луѓето градат убедување повеќе врз основа на активности и одлуки на други луѓе отколку врз основа на било каков рационален доказ. Кога набљудуваме дека многумина прават нешто тоа не значи само дека се работи за „добра“ идеја туку дека и ние може тоа да го правиме. Се чувствуваме повеќе општествено прифатени ако сме дел од многумина, од „народот“. Мотивирани од општествено прифаќање и тоа најмногу поради природен нагон да избегнеме општествено отфрлање, ги отфрламе сите оние кои не се согласуваат со нас, ги сметаме за аутсајдери. Кога сме информирани дека само малцинството спроведува одредена активност, се двоумиме дали таа активност или став е полезна за нас. Овој психолошки феномен, Чиалдини го нарекува возење на автопилот, но истовремено посочува и на последици поради можноста информацијата во контролниот панел на автопилотот да е погрешна.“
Ако се поведеме по неточни и тенденциозни гласини и се залетаме сите – наеднаш да повлекуваме заштеди од некоја банка, банката неминовно ќе банкротира. Се работи за масовна психологија. Така е и со државата. Ако се залетаме да го повлечеме нашиот и евро-атлантскиот влог во градење на Македонија како европска држава, има голем ризик државата да ја растуриме.
Дали македонскиот народ, кој е квантитативно еден од најмалите народи глобално кои имаат своја држава, ќе го има луксузот под овие геополитички околности да реобликува сопствена нова – поинаква држава која повеќе емоционално би нè исполнила, односно би се чувствувале подостоинствено односно ГОРДИ, и кои се поврзаните ризици ако тоа не се направи, а притоа се деконструира ова што имаме, е релевантно прашање кое заслужува одговор од сите чинители на политичката сцена.