Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Решенија за долгиот фитил на неизвесноста на бомбашките закани

Зоран БОЈАРОВСКИ

Заканите со мејл известувања за поставени бомби веќе дефинитивно се ставени во категоријата сајбер закани како дел од хибридната војна што, сега засега, не е до крај дефинирано кој ја спроведува, иако сѐ погласни се укажувањата дека станува збор за руско потекло.

Без разлика дали некогаш јасно и отворено ќе биде докажан изворот на овие закани, она со што секојдневно се соочува јавноста во Северна Македонија, особено во Скопје, но и во другите градови во земјата одвреме навреме, е континуираното вознемирување кое се обнови со дојави во поголем број училишта и други јавни објекти веднаш откако заврши зимскиот одмор на учениците.

Нема никакво сомневање дека, колку и да трае оваа „војна“, надлежните институции, пред сѐ антитерористичките единици на Министерството за внатрешни работи, немаат друг избор освен да ги спроведуваат протоколите за евакуација и постапување при вакви ситуации додека не се утврди дека станува збор за лажни дојави за поставени експлозивни направи.

Тоа е она што е видливо и само дел од активностите на повеќето сектори во министерството, во кое што Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика има посебна и засилена активност во овој период.

Тие активности можат да се поделат на превентивни и на таргетирани активности, а една од тие активности е редовното прибирање, анализа и споредба на сите дигитални траги што ги оставаат мејловите преку кои пристигнуваат дојавите за бомби. Оваа оперативна активност вклучува и детална претрага за тоа каде се појавува мејл адресата на „дојавувачот“ која вклучува пребарувања на сите отворени извори на интернет, веб страници, форуми, и други интернет платформи, како и трагите на тој мејл на социјалните мрежи за да се утврди конечниот извор, или сопственик на таа мејл адреса откако ќе бидат исфрлени сите ризици за погрешна идентификација.

Македонија да ги зајакнува капацитетите за отпор против хибридните закани

Соработката со сите земји кои се соочуваат и се справуваат со овие појави е исклучително добредојдена, иако има и специфики за секоја земја одделно.

Во регионот со овие закани се соочуваа(т) Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, а пошироко и Молдавија, па дури и Германија, некои други европски земји и САД.

Во пресрет на руската воена агресија на Украина, за неколку недели во јануари 2022 година во повеќе градови во оваа земја имаше повеќе од 600 дојави за бомби, колку што вкупно имаше во текот на претходната 2021 година. Тогаш, високите претставници на безбедносните служби објавија дека најголем број од овие дојави пристигнале од привремено окупираните делови на земјата и од Руската Федерација што претставувало дополнителен проблем за идентификација на сторителите на овие дојави.

Сепак, она на што инсистираат експертите е дека првата линија на одбрана во однос на облици на специјалната војна која сега се нарекува хибвридна, секога е земјата против која се насочени овие активности.

Во интервју за Радрио Слободна Европа Џејсон Вајсмeн, специјален советник за борба против тероризмот во Европскиот парламент, вели дека овие напади имаат за цел во таргетираните земјите да предизвикаат длабоки сомнежи за евроинтеграциските процеси .

Како членка на НАТО и земја кандидат за влез во ЕУ овие организации може многу да направат за поддршка за Северна Македонија, вели Вајсмен, но во основа сѐ сведува на градење и на зајакнување на сопствените капацитети.

На прашањето како може Северна Македонија да се бори против ваквиот вид на хибридните закани, Вајсмен вели дека „најдобриот начин е да не бидете ранливи“, „да се гради отпорна јавна инфраструктура, и да се инвестирање во обуки и опрема“ во соработка со сојузниците на НАТО.

Секој предлог треба да се прифати како можно решение и да му се посвети внимание

Паралелно со системските и институционални решенија треба да бидат разгледани и сите дополнителни и добронамерни предлози кои укажуваат на можни решенија на овие прашања.

Игор Војноски, експерт за информатичка безбедност, на својот Фејсбук профил пишува дека, за жал, „коментарите за тоа дека институциите се неспособни, дека сите се разочарани од државата… говорат дека иницијаторите на заканите со бомби ја постигнале целта, односно предизвикале сомнмевање.

„И истото ќе важи кој и да е на власт. Не се тоа дечишта што си играат туку некој малце поозбилен. Веќе еднаш пишував дека проблемот нема техничко решение. Ако тој што ги испраќа пораките знае што прави нема да го најдат никогаш. И не е тоа воопшто нешто многу тешко да се изведе. Испраќачите воопшто не се во Македонија и нема никогаш да бидат најдени“, истакнува Војноски.

Сепак, вели тој, иако сите знаат дека бомби нема и нема да има сепак системот наложува дека мора да се реагира и прашањето е како да се игнорираат дојавите, а сепак да се прави нешто.

– Една опција е да се распоредат по двајца полицајци за обезбедување на секое школо 24/7 со овластување рандом да проверуваат секој што влегува во школото. На тој начин ќе може да се каже дека дојавите може да се игнорираат затоа што “знаеме” дека не може да има бомба – пишува Војноски.

Како експерт за информатичка безбедност Војноски предлага привремено да се укинат мејл адресите на училиштата.

– Анонимно пријавување по телефон е многу потешко отколку преку мејл. А ако и тогаш стигаат дојави од странски телефонски броеви и тоа може да се забрани за службените телефони во телекомите. Ако некој се јави и пријави од македонски број многу многу полесно е да се најде отколку сега со мејловите – укажува Војноски.

По заканите за бомби во кавадаречките училишта се огласи и професорот Димитрија Ангелков кој како решение за надминување на проблемот предлага користење централизиран имејл сервер, на кој ќе бидат пријавени сите дигитални сертификати издадени од телеком или од други организации за сертифициран електронски потпис.

– Така никој нема да може да прати имејл на школо ако нема валиден дигитален сертификат. Решенија има, треба да се практикуваат. Друго решение е користење десктоп-апликација Вибер, која работи преку активација од мобилниот телефон, така исто секој што ќе се осмели да прати порака, ќе се знае од кого е пратена – смета професорот кој има добиено многубројни награди за иновации.

Она што доаѓа како уште една препорака од експертите е дека е неопходна подигање на степенот на сајбер културата, па во таа насока и на сајбер безбедноста како задолжителна обврска од дигитализацијата, и секако поголемата суштинска потреба од поголема поврзаност и размена на информации на сите агенции и служби за безбедност.

Зачлени се на нашиот е-билтен