Двете последни највисоки функции на Ричард Гренел за администрацијата на САД се полни со, најблаго речено – контроверзи.
Во септември 2017 година, тогашниот претседател Трамп го назначи Гренел за амбасадор во СР Германија.
Мандатот на Гренел како амбасадор во Германија беше тежок, барем од перспектива на Берлин. Тој се дружеше со екстремно десничарски групи, отворено зборуваше за желбата да се смени владата на Ангела Меркел и даваше изјави за ставовите на САД кои звучеа како директни наредби за чувствителните германски уши. Лидерите на двете најголеми германски партии СПД и ЦДУ го нарекуваа „детиште“ и „неуспех“ и побараа негово отповикување.
Како амбасадор и дипломат за време на неговата должност во Берлин, Гренел беше редовен гостин на дебатните емисии на Фокс Њуз, што е крајно невообичаено за дипломатската професија. Негова мета на отвотрена критика беше канцеларката Ангела Меркел и нејзината имиграциската политика.
Угледното списание Der Spiegel ги нарече овие забелешки „прикриен повик за промена на власта во Берлин“, а критиките на Гренел на германската политика предизвика критики од неколку високи германски политичари. Во март 2019 година, Волфганг Кубицки, потпретседател на Бундестагот и заменик-претседател на Слободната демократска партија, го обвини Гренел дека се однесува „како висок комесар на окупаторска сила“ и повика Гренел да биде протеран од Германија.
Штитеникот на Трамп, дури и во аналите на сите негови контроверзни настапи и одлуки, поддршката на Гренел беше оценета како политика без преседан, но, како што му доликува на Трамп, тие контроверзии само му помогнаа на угледот на Гренел во очите на тогашниот претседателот, кој после противречната дипломатска кариера во Берлин, ја доби функцијата в.д. директор на Националното разузнавање.
Функцијата Директорот на националното разузнавање телото кое ја координира работата на разузнавачката заедница на САД, го надгледува и раководи спроведувањето на Националната разузнавачка програма и дејствува како главен советник на претседателот, Националниот совет за безбедност и Советот за домашна безбедност за разузнавачки прашања поврзани со Национално обезбедување.
Ричард Гренел оваа функција, иако само неколку месеци, ја извршуваше уште додека беше амбасадор на САД во Берлин, што е крајно контроверзно, но ниту нему, ниту на Трамп тоа не им беше проблем.
Не им беа проблем ниту изјавите и активностите на Гренел со кои ги оправдуваше своите средби поддршка за екстремните десничарки лидери во повеќе земји во Европа.
Подоцна Гренел остана познат во јавноста и во нашиот, балкански регион, заради обидот да издејствува размена на територии меѓу Косово и Србија и на тој начин да го реши спорот меѓу Белград и Приштина, што беше дочекано на нож од ЕУ и пропадна по покренувањето на обвинението против Хашим Тачи од Хаг.
Гренел и Трамп немаа проблем и да си помагаат еден со друг и по прашањето на правата на ЛГБТ заедницата во САД.
Гренел како отворен геј, кој сам за себе вели дека неговата сексуалност го направила подобар христијанин, се обиде да ги „омекне“ ставовите на Трамп за хомосексуалната заедница нарекувајќи го како американски претседател кој направил најмногу за оваа заедница.
Но, ова негово тврдење веднаш беше побиено со долгата листа анти-геј одлуки и политики на Трамп. Трамп потпиша закон кој ја поткопа антидискриминаторската заштита за лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите и квир личностите на Обама.
Трамп го постави ад-акта федералниот закон за граѓански права за заштита на вработените од дискриминација врз основа на сексуална ориентација, исто така закон донесе во времето на Обама.
Администрацијата на Трамп презеде голем број чекори за поткопување на правата на трансродовите Американци, вклучително и забрана за трансродовите војници, отстранување на антидискриминаторската заштита и усвојување регулатива што го дефинира родот како биолошки пол на една личност.
Стејт департментот на Трамп дури ја обжали одлуката на федералниот судија дека мора да го признае американското државјанство на млада девојка родена преку сурогат од геј пар. Иако парот е законски во брак, Стејт департментот тврди дека бидејќи ќерката е родена во Канада од сурогат, таа е „родена вонбрачно“ и нема право на државјанство по право на раѓање.
Иако мисијата на Гренел да го прикаже Трамп како претседател кој направил најмногу за ЛГБТ заедницата на САД не беше успешна, најдобар резултат од оваа кампања беше познатата изјава на Трамп кога на еден геј собир рече: „Јас сум вашиот најдобар пријател“.
Јавноста во Северна Македонија овие денови малку повеќе се занимаваше со Ричард Гренел, откако Христијан Мицкоски информираше дека имал „плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот. Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката“.
Овие информации за ликот и делото на Ричард Гренел, со кој Мицкоски вечераше во Вашингтон (или Њујорк, сѐ едно), фрлаат дополнителна светлина на средбите на македонскиот премиер во САД.