Економската положба на жената во државата се подобрува, но и натаму сè уште е голем јазот меѓу жените и мажите во однос на платата, вкупниот приход и ризикот од сиромаштија
„Жените во Северна Македонија заработуваат помалку и се наоѓаат во повисок ризик од сиромаштија во споредба со мажите. Пониските приходи, пократкиот работен век и високата неактивност на пазарот на труд придонесуваат за поголем ризик од сиромаштија, поголема економска несигурност и влошени финансиски изгледи за жените во секоја фаза од нивниот живот“ – пишува во новообјавеното истражување Национален индекс на родова еднаквост што го објави Државниот Завод за статистика. Порталб.мк објавува детали за родовата еднаквост преку три клучни позиции: пари, моќ и знаење.
Плати
Економската положба на жената во државата се подобрува, но и натаму сè уште е голем јазот меѓу жените и мажите во однос на платата, вкупниот приход, ризикот од сиромаштија. Кога се зборува за просечната месечна заработувачка, родовиот јаз се продлабочува.
„Вредностите за 2019 година покажуваат дека и покрај подобрувањата на просечната месечна заработувачка и на просечниот нето-приход кај жените и мажите споредено со 2015 година, сепак, во просек, примањата и расположливиот доход на жените се помали споредено со просекот на мажите“, се вели во истражувањето во кое се нотира дека кај родовата еднаквост земјава најмногу заостанува во однос на европскиот просек токму според индикаторот „пари“.
„Споредено со земјите членки на ЕУ, како и со земјите од регионот на Западен Балкан, Северна Македонија се рангира на 28 место, односно има четврт најнизок резултат во доменот “пари“. Земјата има повисок резултат само од земјите од регионот Албанија, Србија и Црна Гора“, се сумира во истражувањето.
Образование
Се зголемува бројот на мажи и на жени со завршено високо образование, но и натаму доминира „традицијата“ при изборот на „машки“ и „женски“ факултети и професии. Во овој домен е регистрирана голема сегрегација. Студентките доминираат во областите здравство, образование, социјални работи, хуманистички науки, области кои за разлика од природните науки, технологијата, математика, се сметаат за помалку платени.
„Повисоката застапеност на жени во споменатите области покажува сè уште високо ниво на концентрација на жените во областите што се сметаат како традиционално женски и со пониски приходи (посветени кон грижа, помош, поддршка, општествени односи и сл.), наспроти природните науки, технологијата и инженерството како области со повисоки приходи“, се наведува во истражувањето.
Во однос на „знаењето“, земјава заостанува минимално во однос на европскиот просек – само 0,3 отсто, и е подобро рангирана од Србија, Албанија и Црна Гора. Сепак, вредноста на индексот за завршено високо образование е значително понизок во однос на ЕУ.
Моќ
Најмал родов јаз постои кај индикаторот за учество на жените во парламентот, но длабок јаз има во извршната власт, како и кај водечките позиции во котираните компании и во управни тела.
„Иако има одреден пораст на застапеноста на жените на различни нивоа на власт, сепак тој не е доволен и не е во согласност со стратегиската „Заложба 50-50“ за еднакво политичко учество на жените и мажите на сите нивоа на политичката власт“, пишува во истражувањето.
Просечно, во тригодишен период (2018, 2019, 2020) застапеноста на жените во извршната власт била со само 14,7 отсто, додека мажите е 85,3 отсто.
Истражувањето покажува дека во 2019 година во споредба со 2015 се намалил бројот на жени во управните тела и одбори на најдобро котираните компании во земјава. Родовата нееднаквост кај овој индикатор е силно изразена – 19,1 отсто застапеност на жените наспроти 80,9 проценти на мажите (2018, 2019, 2020 – просек).
„Падот на учеството на жените во управните тела и одбори е загрижувачки тренд. Овој негативен тренд е неконзистентен не само со националните стратегиски цели и заложби во областа (Стратегија за родова еднаквост 2022 – 2027) туку и со Агендата за родова еднаквост на ЕУ“, нотира истражувањето.
Интересно е дека земјава е подобра од европскиот просек кога се работи за економска моќ, особено во делот на општествена моќ, но заостанува во родовата еднаквост кога се зборува за политичка моќ. (МЕТА)