Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Руската култура како пропаганден Путинов штит

Како кукавици, кои губат и на бојното поле и во пропагандната војна, путиновци посегнаа да се бранат со наследството на класиците на руската култура. Ова не значи дека руските ракети, во меѓувреме,  престанаа да рушат опери, театри, музеи во нападната Украина, па и оние каде беа играни, печатени или изложувани руските класици!

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Секоја војна има три аспекти на кои се потпираат војсководците – класично воените, пропагандните и на крајот – економските. Рускиот агресор, по брзото губење на здивот на надменоста, осозна дека и покрај сите напори, брзо ја изгуби и пропагандната војна. Прашањето што стана со обидите да ја исцрпи Европа преку прекинот на евтината енергија, исто така, има свој актуелен одговор уште зимава, која, нели, требаше да биде „фаталната дама“ која го убива својот довчерашен спонзор (купувач). И ова не го даде очекуваниот ефект за Москва.

Барем во областа на пропагандата, Кремљ се обиде да го поправи резултатот, секако со подготвена шема на прашања што требаа да го замислат целиот свет за нивната кауза. Определбата падна на темата за загрозеноста на нивната култура и второ, на неможноста да се обезбеди рамномерен информатички третман на оваа војна. Акцентот отиде пред сè на она – „Европа војува против Достоевски, Толстој, Чајковски …“, што на теренот имаше замена на името на континентот кој се обедини во одбрана на Украина, со името на конкретна нападната земја. Па така и оние кои ја поддржуваа одбраната на Кијив кај нас, станаа „душмани“ на цветот на руската култура. Нејзините претставници не биле сакани, биле исфрлани од програмите на институциите, делата на класиците биле забранувани…

ДРАМАТИЧНО На влезот во Народниот театар во Лвив стојат овие симболи на животот, некогаш и сега – нема претстави, театарот е скривница за бегалците

Окупаторите не може да стојат зад културни вредности

Пред влезната капија на познатото Атеље 212 на почетокот на септември 1968 година протестираа видни белграѓани. Сите имиња поврзани со културата. Во тек беше познатиот БИТЕФ, а настапуваше и руски театар под водство на режисерот Товстоногов со претставата „Малограѓани“ на Горки. Претставата била добра и е наградена како најдобра за таа година на овој интернационален театарски фестивал! Тоа никој не го спореше. Но имињата на Желимир Жилник, Борка Павичевиќ или Љуба Стојиќ, уметници влезени во еден спачек со легендарниот лимен оџак кој излегува од внатрешноста, со своето трубење и привлекување на внимание укажуваа на сериозна етичка дилема – дали можеме да бидеме неутрални, да не ја видиме окупацијата на Чехословачка која започна две недели претходно и која ја подигна, навистина, цела Југославија на нозе?! Да окупирате една земја, независна, која патем има своја импозантна култура, свое минато за респект… и тоа треба да ја остави рамнодушна земјата домаќин, но и уметниците дојдени од тогашен СССР, окупаторот? Сите да се прават „на Тошо“ и да ги гледаат „Малограѓани“? Да, па да се видат себе си како во огледало.

ПРОТЕСТ Не можете да окупирате туѓа земја и да испратите театар да гостува во Белград – Борка Павиќевиќ

И да одиме по некој ред. Бил забранет романот „Војна и мир“ од Толстој. Го ваделе од список на лектири, го тргале од излози на книжарници, па дури и менувале имиња на плоштади и улици што го носеле Толстоевото име… Имало и образложение, пред сè, во Украина, дека се работи за роман што го будел патриотизмот на Русите во војната (веројатно како и филмовите мотивирани од него). Добро, во еден сегмент романот го следи патот на своите јунаци во одбраната на нивната земја пред армадата на Наполеон. Но тоа е само еден сегмент, јунаците инаку минуваат низ повеќе битки, а најголем дел од нив тие се лоши по резултатите за царска Русија, ако говориме со јазикот на фудбалските стадиони!

Кога бев втора година во гимназија, наставникот по македонски јазик (и литература) ме дигна на табла и морав да говорам за битката кај Аустерлиц, место кое е доста далеку од границите на империјата на московскиот цар. Како би се третирала таа војна во некакво „црно-бело“ гледање на работите што секако е наметнато од пропагаторите? Како империјална од страна на неколку монарси контра францускиот император, околу „поделба на пленот“? Како одбранбена за Русија надвор од националните граници, односно како претчувство дека „мечката ќе заигра во нивниот двор“? Јас пред таблата го гледав аспектот на личните судбини и говорев за Толстоевиот опис на битката што беше илустрација на применетите тактики.

„Одлично“ – ми рече професорот откако со креда, која ја побарав, ги цртав финесите на битката на табла. И ми стави – четворка. Имав впечаток дека таквата замена на оценките при ротирање од описна во писмена форма ме следеше цел живот! Особено кога земав плата или хонорар.

Како Толстој го напушти Кремљ

Но да немаме бегање од темата – вистинско салто се прави и при проценките на Толстоевиот однос кон војната од сите оние кои го користат авторот од Јасна Полјана последните години како штит за руската агресивна политика кон соседите.

Никој од нив не би сакал да ги прочита неговите „Севастополски раскази“ (руски: Севастопольские рассказы) – три кратки стории издадени во 1855 година. Во овие раскази, Толстој ги забележал своите искуства од опсадата на идното главно руско/советско пристаниште на Црното море во периодот 1853 -1855). Името на книгата доаѓа од битките околу Севастопол, град на Крим, како коинциденција. Овие кратки раскази ја чинат основата за многу епизоди од Толстоевото ремек-дело „Војна и мир“. Книгата на македонски првпат е издадена во 1947 година од Државното книгоиздателство на Македонија.

Тоа дело, второ во хрониката на неговото творење и се базира на сопственото искуство во битките што ги опишува и дотолку е збирката поавтентична за да се процени неговиот став кон војната генерално! Збирката има три раскази. „Севастопол во декември“ е првиот и тука.

Толстој користи раскажување во второ лице (со заменката „вие“) во воведот за животот во Севастопол. Раскажувачот го води читателот (вас) низ привремената воена болница. Во неа се сместени многу ранети војници со ампутирани делови од телото, некои сместени на полски кревети, но најчесто легнати на подот. Таму читателот следи разговори со ранетите, ги прашува за нивните страдања и маки во војната. Потоа ќе го посети местото каде офицерите и војниците јадат и слушаат фантастични приказни за четвртиот бастион, поради што е неопходно да се посети истиот. Толстој го води читателот во четвртиот бастион каде што седи и разговара со тогашниот командант на бастионот неколку метри од непријателските позиции.

Во „Севастопол во мај“, Толстој ја истражува бесмисленоста и суетата на војната. Расказот истражува многу аспекти на психологијата на војната, хероизмот и привидното присуство на хуманизмот во склучениот мир (привидно затоа што државите постојано водат војни една против друга покрај многубројните договори за мир во минатото). Толстој заклучува дека единствен херој на неговата приказна е вистината. (Севастополски раскази)

По ова следи расказот „Севастопол во август“ каде гинат неговите јунаци (браќата Козелцови) и се прашувате – зошто? Дали ова прашање не ги поставуваат актуелни семејства во Русија кои во туѓина ги изгубиле своите синови и татковци? И кој тука го злоупотребува големиот Толстој? Тоа е, како што вели српскиот режисер Горчин Стојановиќ „еден од најантимилитаристичките дела на планетата“! (Во исто време правнукот на Лав Толстој – Пјотр, кој е потпретседател на руската Дума се фали дека неговиот прадедо ги „колел“ британските и француските војници на Крим во 19 век, инсистирајќи дека Москва нема да ја заврши војната во Украина додека не стигне до границите на Полска.

Овој беден човек, инаку, бил и портпарол на партијата Единствена Русија, потсетува британскиот Телеграф. А загрепскиот Јутарњи лист му реплицира на Пјотр дека не го заслужува презимето на својот прадедо, бидејќи тогаш младиот аристократ, токму по оваа војна, се откажува од високото општество, се изолира во Јасна Полјана и се посветува на пишувањето! Но ова е добра илустрација за начинот на користењето на името на големите уметници од страна на Путиновата машинерија.

ТОЛСТОЈ НА КРИМ По ужасите на војната за Крим, разочаран, младиот Толстој го напушти високото општество и се затвори во Јасна Полјана

Одамна заборавени лектири

Кога сме за исфрлањето на Толстој, онаму каде тоа се случило, јас како родител на две деца кои одамна одеа во средно, можам да речам дека нашите просветителски власти ОДАМНА го имаат исфрлено Толстој од училниците. Ова само да ги потсетам тукашните русофили за користењето на сторијата дека оние кои се бунат против агресијата на Русија врз Киев се за активност против една голема култура! „Војна и мир“ не ги заморува учениците уште од почетокот на овој век (долга е, не ја собира во таблетите и телефоните, не може да се опишува во шорт верзија) па Тостоевиот уметнички легат е присутен само преку „Смртта на Иван Иљич“, што е патем катастрофален избор, велат педагозите и во право се. Ама, куса била, па била практична. Јасно е дека барем кај нас сè си останува исто во однос на вредностите кои се одамна општоцивилизациска вредност. Тие со векови не се само руски.

А кутриот Достоевски… И него руската пропаганда, како дел од машинеријата на Путин, го става пред себе како заштита на своите ужасни, девастирачки апетити. Од каде доаѓа тој мотив да се користи името на уметникот кој напиша дека „сите идеали на овој свет не вредат ниту една солза на дете“. Може ли овој автор со таков став да го користат оние кои горат сè пред себе, неселективно убиваат, ги тераат да станат бегалци 9 милиони луѓе од Украина и најмалку 700 илјади луѓе во Русија кои заминаа во други држави пред мобилизацијата!? Па да земеме само колку солзи на невини детски суштества се стркалале по образите меѓу другото и за над 200 илјади убиени војници од двете страни на фронтот, кои претходно биле нечии татковци, браќа, вујковци…

ДОСТОЕВСКИ Ја прикажуваше бедата на народот и неговите маки, а не стоеше зад оние кои во исто време беа бесчесни зад ѕидините не Кремљ

И оние кои се бунат против војната, се жртви на војната

Да упростиме – од интелектуалците во Русија се очекува да го дигнат гласот против војната. Не само што таа е ужасна и апсолутно е неоправдано дело на еден налудничав политичар, туку е вперена и кон внатре, кон јакнење на еден култ и кон осиромашување на земјата во секој поглед. Па и културен, а затворањето на земјата на ова поле треба да биде поука во таа насока. Впрочем, дали од руските ракети беа изземени градовите кои носеа имиња на руски класици во Украина или зарем не беа палени театрите кои играа автори од истокот? Гореа ли стотина симболи на културата на Украина?

НОЌТА ПАЃА Во театарот „Лесја Украина“ во Лвив време е да се спие- ова е сега дом за бегалците, а и онака ретко кога има струја

Неодамна згасна и „Новаја газета“, последниот независен медиум во Русија. Не видовме да се побунат по овој настан македонските новинари, па и здруженија кои реагираа кога се згаснаа пропагандните канали од најлош вид на Кремљ, како „Раша тудеј“!

Формалната причина за гаснењето на овој медиум (Новаја газета) беше што не ја идентификувал правилно организацијата која властите ја сметаат за „странски агент“, а неформалната причина е, едноставно, затоа што не е усогласена со Кремљ.

„Го суспендираме објавувањето на весниците на нашата веб-страница, социјалните мрежи и печатот до крајот на ’специјалната операција’ на територијата на Украина“, објави „Новаја газета“.

Редакцијата одлучи да престане со работа откако доби второ предупредување од државниот регулатор за комуникации Роскомнадзор поради неговото известување. Уредникот на овој весник Дмитриј Муратов, инаку добитник на Нобелова награда за мир, им порача на читателите дека одлуката е тешка, „но дека немаат друг избор“.

ДИМИТРИЈ МУРАТОВ Никој не крена кај нас глас против затворањето на неговиот весник, а ги имаше многумина што гласно жалеа за Раша Тудеј

„Новаја газета“ е позната по критички написи за Кремљ. Веднаш, на почетокот на војната, Дмитриј Муратов го изрази своето жалење што Русија ја нападна Украина. Потоа, откако рускиот претседател Владимир Путин издаде декрет со кој се казнува секој „кој шири лажни вести за активностите на руската војска во Украина и повикува на воведување санкции“, тој најави дека ќе се бори против цензурата со тоа што ќе престане да ги објавува сите содржини за воени акции во Украина, но затоа ќе продолжи да известува за растечката економска криза, падот на животниот стандард и прогонот на руските дисиденти. Читателите на „Новаја газета“ и Русите ориентирани кон опозицијата изразуваат жалење за затворањето на овој медиум.

„Би сакал Роскоманзор да престане да работи“, напиша на Твитер Андреј Пивоваров, еден од уапсените антивоени активисти.

По декретот кој пропишува како да известуваат за руската инвазија на Украина, поголемиот дел од руските медиуми се придржуваат до официјалните ставови на Кремљ, додека независните медиуми престанаа да работат. Државата го блокираше радиото „Ехо на Москва“ и многу портали, вклучувајќи ги Би-Би-Си, Гласот на Америка и Радио Слободна Европа и Дојче Веле на руски. Многу странски новинари ја напуштија Москва, бидејќи и за нив важат правилата за известување за војната.

Овој мал „missing context“ е само патоказ кој може да покаже дека пропагандата на Кремљ мисли дека може да го користи оној сентимент кој таму никогаш после 2014 година не постоел кон културните вредности на Украина. Па и кон здравиот разум на светот.

Извор: CivilMedia

Зачлени се на нашиот е-билтен