Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Руската пропаганда меѓу Албанците: Континуирана поларизација и дестабилизација

ДЕСТАН ЈОНУЗИ

Руската пропаганда во албанските медиуми во регионот се шири преку изјавите на српските политичари. Русија има неколку портали кои преведуваат на српски јазик. Како најважни извори на руската пропаганда се издвојуваат Спутник, „Russia Today“ и „Russia Beyond“. Оваа пропаганда, ја преземаат и дистрибуираат понатаму десничарските таблоиди и портали, се вели во истражувањето на Центарот за проверка на факти „Фактоје“ од Албанија, за ширењето дезинформации на Западен Балкан.

„Руското влијание во Албанија е ограничено. Дури и дезинформациите за војната во Украина се чини дека не шират руска пропаганда во интерес на Русија, туку се користат за собирање на кликови преку сензационални тврдења“, се вели во истражувањето на „Фактоје“.

Сепак, според „Фактоје“, тврдењата за руско влијание се користат како потсмев за дискредитација на партиите и поединците кои главно припаѓаат на политичкиот спектар. Растечките тензии меѓу Косово и Србија се преувеличуваат во медиумите во Албанија. Секој инцидент се труби како доаѓање на нова војна. Албанскиот премиер Еди Рама е претставен како сојузник и слуга на Александар Вучиќ и Владимир Путин. Јасна последица на овој наратив е видливото заладување на односите меѓу Рама и неговиот косовски колега Албин Курти.

Клодиана Капо, извршна директорка на „Фактоје“ за ЦИВИЛ Медиа изјави дека руското влијание во Албанија е ограничено. Таа, додава, дека дури и дезинформациите за војната во Украина немаат за цел да шират руска пропаганда во интерес на Русија, туку се користат за собирање кликови преку сензационалистички тврдења.

Клодиана Капо

„Медиумите во Албанија постојано објавуваат изјави од српски и косовски политичари без да ги верификуваат, особено кога станува збор за провокативни изјави од Србија. Клучен извор на овој тип на дезинформации се српските таблоиди, но и косовските медиуми“, изјави Капо за ЦИВИЛ Медиа.

Од друга страна, најголем дел од дезинформациите што се шират на Косово доаѓаат од надворешни извори, главно Србија и Русија.

„Српските власти се еден од главните извори на дезинформации за Косово. Руската и српската пропаганда потоа ја репродуцираат косовските медиуми кои ги објавуваат изјавите на политичарите и од други портали без да ја потврдат нивната вистина. Косовските медиуми користат „клик-бајт“ за да поттикнат кликови и да ги зголемат приходот, што доведува до паника кај косовските граѓани. Ова чувство на паника и неизвесност е како Русија го зајакнува своето влијание во Србија и на Западен Балкан, користејќи канали како Спутник Russia Today и Russia Beyond“, се вели во извештајот на „Фактоје“.

Косовскиот експерт за безбедност Дризан Шала во разговор за „Фронлајн“ вели дека Русија е заинтересирана косовското прашање да се користи како маска за покривање на стратешките грешки, како што е оставањето на енергетската безбедност во рацете на Москва. Од своја страна, вели Шала, Москва го користи ова влијание врз прашањето за статусот на Косово како лост за привлекување на српската јавност и ширење проруски чувства и политики.

Дризан Шала

„Тоа го докажуваат изјавите на руските функционери. Србија со членството во НАТО би го изгубила Косово, дел од националниот суверенитет и меѓусебното разбирање со пријателската земја Русија, како и заедничките активности на БИА и ФСБ на територијата на Србија. ФСБ ја користи инфраструктура на БИА за да функционира и да дејствува на територијата на Република Косово, преку нивните криминални структури инсталирани на северот на земјата. Поради интензитетот и начинот на работа на овие структури на Русија во Косово, сите оние луѓе кои имаат своја тежина во јавноста и носат различни потенцијални функции се загрозени со дејствија кои можат да имаат облик на пропаганда или дури и во формат што сега е познат како воен хибрид“, изјави Шала за ЦИВИЛ Медиа.

Според него, проблемот во овој дел би можел да биде двојниот идентитет што можат да го добијат сите оператори на руските безбедносни структури инсталирани во Србија, каде БИА ќе ги обезбеди сите материјали за да бидат опремени со нов српски идентитет и со тоа да можат слободно да се движат во земјите на Западен Балкан, но особено во северот на Косово за да се изврши каква било операција.

Извештајот на „Фактоје“ за медиумите во Северна Македонија вели дека се поларизирани. Тие главно ги застапуваат пристрасните мислења на политичките партии што ги поддржуваат. Честопати, овие онлајн портали за вести немаат јасна внатрешна структура, сопственичка и уредувачка линија и објавуваат написи без автори, што го олеснува ширењето на дезинформациите.

Во студијата, меѓу другото, се вели дека руските дезинформации во Северна Македонија се шират главно на Интернет, пред сѐ, на информативните портали и Фејсбук. Политичката партија Левица отворено ја поддржува руската политика. Други извори на проруски наративи се српските таблоиди кои имаат верзија на македонски јазик и ги објавуваат истите дезинформациски наративи, информативните портали поврзани со македонската дијаспора, како и поединци на Фејсбук кои силно ја поддржуваат руската агресија.

Ќенан Алиу

„Алатките што ги користи Москва се многубројни, а најефикасни се пропагандата и дезинформацијата. Русија има инсталирано специјални центри во Западен Балкан, по инвазијата што ја направи во Украина. Албанците треба да внимаваат, за да не станат плен на дезинформации. Секоја информација треба да се споредува со сигурни извори и со здравата логика“, вели за ЦИВИЛ Медиа адвокатот Ќенан Алиу.

Како да се борите против руската пропаганда?

Енвер Робели, уредник на швајцарскиот весник Tages Anzeiger во изјава за ЦИВИЛ Медиа зборува за пет лекции за тоа како да се бориме против руската пропаганда:

ПРВА ЛЕКЦИЈА: Секое општество треба да научи од Финска, особено албанското општество.

ВТОРА ЛЕКЦИЈА: во Финска образовниот систем игра клучна улога. Училишните наставни програми беа адаптирани во 2016 година со цел да се зголеми медиумската компетентност. Учениците уште од мали нозе учат како да разликуваат лажни вести, манипулации, лаги, пропаганда.

ТРЕТА ЛЕКЦИЈА: Финска има Национална агенција за итни случаи (The National Emergency Supply Agency), која се фокусира на темата за лажни вести. Владата соработува со приватни претпријатија за да го зајакне отпорот на општеството против заканите и да ги подготви луѓето против несакани упади.

Енвер Робели

ЧЕТВРТА ЛЕКЦИЈА: Многу граѓански организации во Финска се ангажираат во развојот и спроведувањето на програми против лажни вести. Во овие програми учествуваат училишта, библиотеки, министерства, универзитети.

ПЕТТА ЛЕКЦИЈА: Во Финска постои наставна програма за критичко размислување. Целта на оваа наставна програма е да се анализираат изворите и да се проверат фактите, како и да се анализираат техниките на манипулација. Во најдобар случај, образованието во областа на медиумската компетентност започнува кога децата одат во градинка. Анкетите и студиите покажуваат дека жителите во Финска имаат највисока медиумска компетентност. Очекувано и воопшто не изненадува: на дното на листата се балканските земји.

Астрит Истрефи, извршен директор на тинк-тенк организацијата Балкан Форум, нагласува дека Република Косово и Албанците од Косово историски биле важна цел на руската пропаганда.

Според него, Русија не само што се противи на независноста на Република Косово, туку користи пропаганда за манипулирање со јавното мислење и создавање негативна слика за Албанците на Косово.

Астрит Истрефи, Извршен директор, Балкан Форум (фото: ЦИВИЛ)

„Русија, преку кампањи за дезинформација, постојано се обидуваше да ја искриви вистината за праведната борба за слобода на косовските Албанци, дури и во 90-тите години кога Србија вршеше етничко чистење на Косово и кога доказите за злосторствата, масакрите и геноцидот на Србија беа осудени од целиот демократски свет. Руската пропаганда отиде дотаму што интервенцијата на НАТО ја прикажува како неправедна. Исто така, Русија има за цел да ја ослабне социјалната кохезија, институциите и државноста на Косово и да ги попречи аспирациите на народот на Косово за интеграција во евроатлантските структури“, вели Истрефи за ЦИВИЛ Медиа.

Руски наративи кон Западен Балкан

Истражувањето „Руските наративи за Западен Балкан“, од Атлантскиот совет на Црна Гора, објавено од НАТО Центарот за извонредност за стратегиски комуникации (СТРАТКОМ), идентификува неколку руски наративи кај медиумите од Западен Балкан. Истражувањето се базира на медиумски објави во 2018 година, кои го цитираат српското издание на државната руска новинска агенција „Спутник“. Веб-страницата „Спутник“, којашто е директно финансирана од Кремљ, е препознаена како еден од основните канали на руското влијание во медиумскиот простор на Западен Балкан.

Насловна страница на истражувањето за „Спутник“

Во истражувањето се идентификуваат примарните наративи што ги дава медиумот за шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и за Европската Унија (ЕУ) и НАТО.

Истражувањето констатира дека, иако речиси една третина од написите се неутрални, Спутник – Србија користи сензационалистички наслови за да привлече читатели, додека самите написи се поизбалансирани. Иако истражувањето е направено за медиумски написи во 2018 година, сепак, и во сегашноста може да се забележи дека истите наративи сè уште се актуелни и застапени во медиумскиот простор.

Русија ги користи медиумите за да ја намали поддршката на Балканот за НАТО

Кремљ ги користи „информациите како оружје за војна“ за да ги подели сојузниците на Соединетите Држави на Балканот, а медиумите во регионот мора да ги засилат напорите за откривање на руската дезинформација и нивно одвојување од вистината, изјави американскиот дипломат Џејмс Рубин во интервју за Радио Слободна Европа на 2 јуни 2023.

Според него, Кремљ го гледа тоа како компонента на поширока стратегија бидејќи, како што вели, Русија знае дека не може идеолошки да доминира во војната во Украина со конвенционални или традиционални средства.

Џејмс Рубин

„Тие се обидуваат да ја искористат секоја техника за да го поделат Западот во неговата поддршка за Украина“, рече тој, во интервјуто за бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа во Софија, една од постојките за време на неговата актуелна европска турнеја.

Општиот заклучок од ова наше истражување е дека руската дезинформациска и пропагандна активност е агресивна и континуирана и меѓу Албанците во Западен Балкан, но не пробива. Сепак, не може ни да се занемари. Матрицата на Спутник е јасна – вестите и пропагандата се мешаат во истите медиумски прилози. Изворите се користат селективно и целта воопшто не е да се добијат сеопфатни информации. Напротив, целта е да се покаже и докаже на светот дека само рускиот став е точен. Покрај тоа, националните спорови на Балканот постојано се подгреваат.

Извор: CivilMedia

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново