Францускиот специјален претставник за Западен Балкан јавно ја најави средбата со лидерот на опозицијата, но нема никаква информација дали таа навистина се случила
Специјалниот пратеник на Франција за Западен Балкан, Рене Троказ, изгледа дека замина од неколкудневната посета на Македонија без да се сретне со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Барем немаше такви информации ни од француски, ни од вмровски извори.
Троказ во Скопје разговараше со претседателот Стево Пендаровски, со тројца вицепремиери (Фатмир Битиќи, Бојан Маричиќ и Славица Грковска) со министрите за надворешни работи и одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Во интервју за Сител во четвртокот, ден пред средбата со Пендаровски, Троказ рече:
„Треба да се сретнам со лидерот на опозицијата. Јас сѐ уште не сум разговарал со нив. Но секако ќе го направам тоа додека сум во Скопје. Ќе им кажам дека ние имаме еден јазик за секого. Немаме двојни стандарди и двоен јазик. Тоа е едека македонија ја има судбината во свои раце. Ова не е само должност на владата да ја движи земјата напред, туку и на сите политички сили кои се претставени во Собранието. Ова не е нешто само за владата, туку и за мејата. И ова ќе им го кажам кога ќе се сретнеме вечерва“, одговори специјалниот француски пратеник на прашањето што му кажеле од опозицијата на неговите средби.
Троказ уште рече: „Знам дека францускиот предлог беше критикуван, не од сите, туку од некои. Ајде да размислиме дали би било подобро овој предлог да го нема? Без него, ситуацијата би била целосен ќор-сокак. Гледаме дека сега има потешкотии. Ја разбираме чувствителноста, но сега треба да продолжите напред. Сакаме да помогнеме и да почитуваме. Ние не сме Македонци, ние сме пријатели на Македонија и не можеме да зборуваме во име на нашите македонски партнери и пријатели, но мислиме дека треба да се движиме напред, политички и институционално, да ги надминеме овие тешкотии и силно да тргнете по европскиот пат“, нагласи францускиот дипломат.
Според него целта – членство во ЕУ во 2030 година е возможна „ако има заедничка желба од двете страни. Вие имате домашна задача, ЕУ треба да ви помогне. Но, сѐ е возможно кога има желба“.
Дали се остварила средбата на Рене Троказ со Христијан Мицкоски, која самиот француски претставник ја најави, не е јасно. Можеби била одржана, но за неа било решено да нема јавни соопштенија (таква вест нема ни на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ, ни на Твитер профилот на Троказ, на кои се објавуваа фотографии и вести за другите состаноци во Скопје).
А можеби средбата на Троказ и Мицкоски била откажана на нечие барање, поради ваква или онаква причина. Но самиот Троказ јавно ја најави, па не е јасно зошто би се криела ако се случила. Освен ако нешто се договорило што не треба да го знае јавноста. Или поминала непријатно.
На 18 ноември, во саботата, Троказ имаше средби во Приштина.
Франција го назначи дипломатот Рене Троказ за специјален пратеник за Западен Балкан на 30 септември. Министерството за надворешни работи рече дека ова назначување кореспондира со зголемениот ангажман на Франција во регионот поради зголемените врски на Западен Балкан со Европската унија.
Според соопштението објавено тогаш, улогата на специјалниот пратеник на Париз ќе ги опфати клучните прашања во регионалната политика, усогласувајќи се со европските и американските колеги. Троказ ќе ги надгледува и иницијативите за регионална соработка, особено Берлинскиот процес, меѓу другите одговорности.
Троказ претходно служеше како генерален конзул на Франција во Ерусалим и беше на функцијата амбасадор на Франција на Кипар. Тој, исто така, имаше различни улоги во Министерството за надворешни работи и Министерството за Европа.
Троказ е петтиот западен пратеник назначен за Западен Балкан. Во моментов, Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на Соединетите Држави, служи како американски специјален пратеник, додека Стјуарт Пич го претставува Обединетото Кралство како британски специјален пратеник. Мирослав Лајчак делува како специјален претставник на Европската унија за дијалогот Косово-Србија и други прашања за Западен Балкан. Претставник на Германија за регионот е Мануел Сарацин. (Независен)