Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сеопфатното сексуално образование е клучно во детабуизација на менструацијата

Иако од крајот на 2021 година кога оваа студија беше објавена, се забележуваат придвижувања во рамки на дел од надлежните институции, сепак девојките и лицата кои менструираат сè уште се соочуваат со проблеми

Сеопфатното сексуално образование е клучно во детабуизирањето на менструацијата и ослободување од дискурсот на срам преку едукативни кампањи и јавни дебати, паралелно со едукација на стручните служби во образовните установи, порачаа учесничките на конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“ која се одржа вчера во организација на Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. заедно со иницијативата ПЕРИОД.

Оваа препорака е дел од барањата кои произлегуваат од заклучоците на сеопфатната студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија – Менструална правда: процена на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките, а и практиките кои веќе се применети во некои земји во Европа, како што се Шкотска и Хрватска за кои говореа Моника Ленон, шкотска парламентарка и Марија Трцол и Петра Чаргоња од хрватската организација ПаРитер. 

ШКОТСКА Е ПРВАТА ЗЕМЈА КАДЕ ЖЕНИТЕ ИМААТ ЗАКОНСКО ПРАВО НА БЕСПЛАТНИ МЕНСТРУАЛНИ ПРОИЗВОДИ

Иако од крајот на 2021 година кога оваа студија беше објавена, се забележуваат придвижувања во рамки на дел од надлежните институции, сепак девојките и лицата кои менструираат сè уште се соочуваат со проблеми. Тие, често се спречени во целост да ги извршуваат своите работни обврски и отсуствуваат од училиште. Заради срамот и стигмата, а и оскудната информираност како што посочија учесничките на конференцијата, ендометриозата која е гинеколошка состојба од која се засегнати 10-15 отсто од жените се открива доцна, а влијае на сексуалното и репродуктивното здравје.

„Препораките кои произлегоа од студијата се во насока на целосно ослободување, или пак на намалување на данокот за производите за менструална хигиена, мерка којашто ја најави како одлука на Владата премиерот Димитар Ковачевски. Искрено се надевам дека во скоро време ќе се одлучува за оваа мерка во нашето собрание и ќе имаме позитивен исход“, рече Јана Коцевска од Тиииит! Инк и потсети дека до сега не се имплементираше ниту одлуката на Град Скопје да се обезбедат бесплатни влошки за ученичките во средните училишта, а за што два пати до сега беше изгласан буџет.

МЕНСТРУАЛНАТА ХИГИЕНА НЕ Е ПРИВИЛЕГИЈА – ИНСТИТУЦИИТЕ ВЕТУВААТ, НО НЕ ИСПОЛНУВААТ

Емилија Ангелова, советничка во Град Скопје и претседателка на Комисијата за еднакви можности посочи дека иако два пати до сега беше усвоен буџет за да се обезбедат влошки за во средните училишта во градот, парите не се потрошени за таа намена затоа што градоначалничката Данела Арсовска прикажала анализа според која, со таа сума би можело да се купат само по десетина влошки за секоја ученичка за една година.

„Сфативме дека практично и оваа година, овие средства нема да се искористат за таа намена што е многу тажно и себично заради тоа што навистина сите од нас сакаат да дадат свој придонес во решавањето, барем и делумно, на менструалната сиромаштија па дури тоа да значи едно пакетче влошки за секое девојче и да почнеме од негде и во од да најдеме решенија“, рече Ангелова.

Теодора Милеска, претставничката од ПЕРИОД Скопје, истакна дека младите се свесни со проблемите со кои се соочуваат за да се прекине тишината и да се започне „револуцијата“ за менструална правда.

„Потребен е пристап до образование, пристап до информации за менструалната правда. Потребни се и адекватни тоалети во училиштата и јавните простори и бесплатни менструални производи. Ние сме држава која во 21 век им ускратува на средношколките квалитетно образование и не им обезбедува услови за адекватно да се грижат за своето здравје. Време е да ги отфрлиме стегите на незнаењето и предрасудите да ја надминеме стигматизацијата“ рече Милеска.

Таа истакна дека за надминување на овие проблеми се потребни иновативни пристапи, а и создавање на инфраструктура за да може достоинствено да се одржува менструалното здравје.

Пратеничката Санела Шкријељ осврнувајќи се на важноста за потребата за сексуално образование истакна дека се потребни едукации и обуки и за наставниот кадар, но и средби со родители.

„Има погрешни перцепции и влијание од лажни информации и дезинформации. Сведоци сме дека една огромна кампања се води сите овие години како дел од анти родовото движење и сексуалното образование. Така што, од досегашното искуство, од она што го знам од Бирото за развој на образование кои се посветени на оваа проблематика, е важноста од споделувањето на информациите со родителите за што всушност станува збор, дека децата треба да учат за сопственото тело, за насилство, за стереотипи и им помага на децата да добијат точни и прецизни информации наместо на интернет да пребаруваат неточни информации. И родителите кои се добро информирани немаат ништо против од сеопфатното сексуално образование. Комуникацијата со родителите е еден од клучните чекори“ рече Шкријељ.

Преземено од МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен