Северна Македонија оваа година се најде на 32-то место на најновата виножитна мапа и индекс на организацијата ИЛГА-Европа, со остварени само 30,5% од потребните реформи за унапредување на позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ луѓето.
ИЛГА-Европа секоја година започнувајќи од 2009 година, во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден против хомофобија, бифобија и трансфобија ја објавува виножитната мапа и индекс што ги рангира сите 49 европски земји на скала од 0% (грубо кршење на човековите права, дискриминација на ЛГБТИ луѓето) до 100% (почитување на човековите права, целосна рамноправност).
На врвот на виножитната мапа и индекс се најде повторно Малта, која веќе девет години е на прво место во однос на почитување и унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата, а на последно место е Русија со само 2%, која за разлика од минатата година изгуби седум поени и падна за три места поради федералната легислатива која забранува правно признавање на родот и специфична здравствена заштита за транс лицата.
Од земјите во регионот најдобро котира Хрватска која е на 18-то место со 50,06%. Албанија е на 26-то место, Србија е на 27-то место, а Косово на 28-то место. Полошо од нас од земјите во регионот е рангирана само Бугарија која оваа година е на 39-то место на виножитната мапа и индекс на ИЛГА-Европа.
Повеќето земји кои се во процес на пристапување во ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Украина) заостануваат во своите обврски, го стопираат воведувањето на закони и на тој начин ги ставаат своите граѓани сè повеќе во ризик од реални реакции и поткопување на основните човекови права, потенцираат од ИЛГА-Европа.
Според извршниот директор на ИЛГА-Европа, Чабер: „ЕУ треба да посвети големо внимание не само на порастот на политичкиот говор на омраза против ЛГБТИ луѓето, туку и на новите алатки за угнетување, како што е руската криминализација на цел сегмент од населението на земјата. Напорите за поделба и одвлекување на вниманието од консолидираните авторитарни режими дополнително протекуваат во другите европски земји во време кога изборите би можеле да ја турнат Европа во рацете на лидерите што сакаат да формираат радикална десница, антидемократска Европска Унија. На Европа ѝ требаат посилни закони и политики за заштита на ЛГБТИ луѓето. Без нив, не можеме да зборуваме за безбедност или за владеење на правото и демократијата“.
За повеќе информации за виножитната мапа и за рангирањето на другите европски земји консултирајте го сајтот на ИЛГА-Европа со клик овде.
Ј.Џ. (ЦивилМедиа)