Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Шкариќ: Не е важно што пишува во Изборниот законик, треба да се почитува Уставот!

Соња ТАНЕСКА

Уставот е позначаен акт од Изборниот законик и според тоа треба да се почитува одлуката за уставното име на Република Северна Македонија која важи од 2019 година и се однесува на примена на името на државата. Токму затоа не е важно што пишува во Изборниот законик бидејќи Уставот е позначаен, вели професорот по уставно право Светомир Шкариќ во коментар за Градска.мк за она што  за време на инаугурацијата во Собранието го направи новата претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Таа  ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија, но не го изговори целото уставно име. Потоа, грчката амбасадорка во Скопје, Софија Филипиду, ја напушти собраниската галерија среде заклетвата.

Иако во јавноста имаше тврдења дека во Изборниот законик стои името Република Македонија, сепак според професорот Шкариќ е многу јасно кој правен акт е најважен, бидејќи според официјалните документит придавката „Северна“ во името на државата е регулирано со 33-от уставен амандман, изгласан на 11 јануари 2019-та.

Во Уставот „зборовите Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со „Северна Македонија“, освен во членот 36. Од тогаш до сега, за овие 5 години, Изборниот законик е менуван неколку пати, но не и овој член.

– Од денот на влегувањето во сила на амандманот XXXIII, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзинотот скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „ на Северна Македонија“.

Целиот документ можете да го видите на овој линк:

odluka_za_proglasuvanje_novi_amandmani

Исто така донесен е и Уставен закон за спроведување на 4-те амандмани, кој предвидува дека „одредбите од амандман 33 во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегување во сила на овој закон“. Со измени на уставниот законик се определува дека новото име важи во сите домашни прописи без да мора да се менуваат сите закони еден по еден.

Меѓународната заедница очекува Северна Македонија да ги почитува билатералните договори, пред се Европската Унија и САД Грција, која е земја потписничка на Преспанскиот договор, до овој момент не се дојдени до точка да стават вето, но дека почитувањето на Преспанскиот договор е неопходен предуслов за ЕУ перспективата на Северна Македонија.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, пак, вчера информираа дека таа ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека во своите јавни настапи има право да го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.

– Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Македонските институции во последниве пет години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата, велат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја окарактеризира одлуката на Сиљановска-Давкова како недозволива и провокативна и ја повика „да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога“. Во објава на Фејсбук, Мицотакис порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име.

Од германското Министерство за надворешни работи вчера порачаа дека Северна Македонија има обврска да го почитува Преспанскиот договор. Владата во Берлин, како што пренесе Дојче веле, сака да ја продолжи соработката со новата влада во Скопје, и смета дека е важно земјата да го продолжи патот кон ЕУ и да ги спроведе неопходните реформи на тој пат.

Од македонското Министерство за надворешни работи апелираат сите политички чинители, особено избраните државни функционери, да бидат внимателни кон меѓународно признаните договори.

За важноста на Преспанскиот договор и за соработката меѓу двете држави телефонски разговарале и поранешните премиери на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Ципрас и Заев разговарале за политичкиот случувања кај нас, а освен важноста на Договорот од Преспа, според информациите на МИА од Атина, посочиле и „колку е лицемерен и опасен националистичкиот популизам што се разви и на двете страни“.

Паралелно се договориле во следниот период да преземат заеднички иницијативи за поддршка и имплементација на Договорот од Преспа, за унапредување на односите меѓу народите на Грција и Северна Македонија и за мирот и стабилноста во поширокиот регион. (Градска)

Зачлени се на нашиот е-билтен