Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што би била умна политика кон Бугарија

Време е да ги подотвориме вратите и на едната и на другата страна и да инвестираме во доверба колку и тоа наивно да им звучи на нашите и на нивните националисти

Сега Бугарија знае дека чукаме на нејзината врата. Но и таа чука на нашата. Време е да ги подотвориме вратите, и да инвестираме во доверба колку и тоа наивно да им звучи на нашите и на нивните националисти

Ѓорѓи Спасов*

Љубчо Георгиевски им направи голема услуга на бугарските пропагандисти со својата изјава дека „Да си  вистински Македонец денес во Македонија  значи 100% да ги мразиш Бугарите“. Иако тој поимот „вистински Македонец“  го користи за цинично да го означи  македонскиот националист и шовинист, и ја користи оваа фраза  денес за да  ја осуди антибугарската пропаганда во Македонија, многумина во Бугарија тоа буквално го сфаќаат и ја користат изјавата за да кажат дека и еден Љупчо Гергиевски, во чие време не беше проблем да кажеш дека си Бугарин во Македонија, дошол до сознанието дека денес е опасно да го изјавиш тоа, бидејќи македонскиот идентитет во Македонија се брани само со антибугарска кампања и омраза кон Бугарите.

Така една незграпна изјава, на еден поранешен „вистински Македонец“ против сопствениот национализам може успешно да се користи за оцрнување на сите Македонци и опишување на „вистинската“ состојба во Македонија.

Но и втората изјава на Георгиевски по ист  повод, ја тера воденицата кон бугарската пропаганда. За него, резолуцијата на германскиот парламент за признавање на посебноста на македонскиот јазик  култура и идентитет имала исто значење како одлуката на Коминтерната од 1934 година која ја признала посебноста на македонската нација.

Бугарските националисти тоа одново си го толкуваат само како доказ дека  македонската нација не е историски настаната и втемелена нација, како сите други во светот, па и како бугарската, туку е вештачки создадена и одржувана  нација со политичка декларација.

Бугарските медиуми редовно ги цитираат и интерпретираат ваквите изјави на Георгиевски, како што редовно ги цитираат Арсим Зеколи и Ким Мехмети кои упорно се натпреваруваат во бугарскиот медиумски простор, да докажат дека проблемот на Бугарија со нас произлегува од тоа што Македонците не можеле да се ослободат од српскиот менталитет и од комунистичкото минато кое подразбирало покрај омразата кон Албанците да се шири и омразата кон Бугарите, со што Бугарите и Албанците во Македонија (тие сродни души) се изложени на исти маки и на ист терор од ист (србокомунистички) непријател.

Секако, има луѓе и автори во Бугарија кои оваа пропагандна подршка од Љубчо, Арсим и Мехмети ја користат за свои цели, но кои истовремено и размислуваат за тоа што ја поттикнува омразата на Македониците кон Бугарија, што е тоа што доведува до влошување на односите и колкав е уделот на Бугарија и на бугарската политика во тоа.

Еден од нив е професорот Иван Тодоров (правник, кој има докторирано во Софија, но и специјализирано во Јужна Каролина, САД), кој објавува свои редовни коментари во бугарскиот весник „24 часа“ и кој деновиве констатира дека политиката на Бугарија кон Македонија не би ја нарекол глупава, ама може слободно да каже дека таа не е паметна. Сегашната политика на Бугарија, вели тој, доведе до тоа се поголем број Македонци да нѐ мразат.

Тој смета дека декларацијата на германскиот парламент за посебноста на македонскиј јазик, нација и култура не треба да ја загрижува Бугарија, туку ако Бугарија сака да има напредок во односите со Македонија, бидејќи не го спори современиот идентитет на македонскиот народ, треба да ја признае посебноста на јазикот и на нацијата . „Нема точна дефиниција за тоа кога еден дијалект станува самостоен јазик“, вели тој. Најважно е тоа што големото мнозинство Македонци тој јазик го сметаат за посебен, а секој што се смета за Македонец има целосно право (без оглед на вистината) да смета дека никој од неговите прадедовци немале ништо заедничко со Бугарите. „А ако ја почитуваме желбата на мнозинството во Македонија ќе видиме како ќе се подобрат односите со Македонија“.

Веројатно, по извесно време, вели тој, Бугарите ќе бидат внесени во Уставот како нација заедно со Египќаните и уште какви ли не други, но тоа  нема ништо да смени за Бугарите во Македонија. Македонија ќе влезе во ЕУ. Зошто да не развиваме пријателски односи со најблиските луѓе до нас во светот, наместо да се мразиме, прашува тој.

Според него, блиските трговски и културни односи многу подобро кажуваат како стојат работите отколку договорите и декларациите.

А што се случува на тој план?

Тодоров наведува дека извозот на стоки и услуги од Бугарија кон Македонија во овие услови бележи голем пораст. Споредено со (предпандемичната) 2019 година во 2022 година извозот на Бугарија во Македонија пораснал за 46 отсто. Македоније е шестиот по обем трговски партнер на Бугарија надвор од ЕУ. Ако се исклучи Украина, во која извозот се има зголемено нагло (заради војната), Македонија е меѓу осумте трговски партнери на Бугарија  (вклучително и земјите од ЕУ) во кои најмногу е зголемен извозот на бугарски стоки и услуги.

Затоа тој предлага двете страни да ги остават малку проблемите од минатото и двете земји да се фокусираат на подобување на инфраструктурните врски меѓу земјата, на условите за бизнис и изградба на автопат од Софија до Скопје.

За него, Бугарија на 27 јули 2017 година склучила ретко штетен, кобајги договор за добрососедство со Македонија. Со него историската комисија е осудена да не постигне ништо во однос на историската вистина. И наместо да ги подобри односите, посветените на раскол историски преговори им даваа само храна на националистите од двете држави за сеење омраза. Во меѓувреме, Македонија стана членка на НАТО со помош и на тој договор, и веќе не постои доволна стимулација за неа да се сообразува со барањата на Бугарија.

Но, интезивирањето на трговската и културната размена меѓу двете земји може повеќе да помогне во подобрувањето на односите од сите нови договори и декларации. Слободното и без пречки емитување на програмата на бугарската национална телевизија во Македонија, но и на програмата на македонската национална телевизија во Бугарија, според Тодоров, би било од голема корист.

А што се однесува до инцидентите со Бугарите во Македонија, вели тој, ако се тоа бугарски државјани за секој напад врз нив Бугарија може да бара и испорачување на сторителите на кривични дела врз бугарски државјани според меѓународните конвенции, и со тоа ги обесхрабри уште повеќе сторителите.

Ваквите ставови на Тодоров  се многу блиски до оние со кои настапи и дојде во Македонија премиерот Кирил Петков од партијата Продолжуваме со промената, но не се далеку и од она за што се залагаше ГЕРБ на Бојко Борисов, кога секоја од тие влади не беше под притисок и уцената од страна партиите на екстремната десница во Бугарија.

Новата влада на Продолжуваме со промената и ГЕРБ со ротациски мандат за премиер во наредните 18 месеци може ќе успее да ги врати односите меѓу двете земји на вистинска патека.

И за тоа не треба да се чека иницијатива од нив, туку да се влезе во разговори од потребата за вистинско взаемно разбирање и почитување.

Со сета неправда што ја чуствуваме, време и кај нас да почне да се размислува за тоа што би била наша умна политика кон Бугарија. Лесно е да кажеме што ни пречи во нивното негирање и провокациите што ги прават преку изјавите на разни светски џаџбази и трговци, преку разни провокатори и безделници од тнр. бугарски (не) културни клубови во земјава. Лесно е да кажеме дека нашиот национализам е одбранбен и заштитнички, за разлика од нивниот кој е агресивен и освојувачки. Но тешко е да најдеме како ние да ја разбереме нивната мака и убеденоста или верувањето дека тие низ целата нивна историја нѐ сметале за „браќа од другата страна на границата“ за чие „ослободување“ давале жртви и да прифатиме дека секоја интерпретација на минатото различна од нашата не е напад врз нашиот национален идентитет и омраза, туку верување кое може да опстојува напоредно со нашето.

Како врз тие основи да се изгради наша умна политика, која ќе создава основи за цивилизирана комуникација, подобрени односи и соработка. Тоа не значи заборавање ниту откажување туку поместување кон нештата што нѐ спојуваат и ќе нѐ однесат најбргу кон ЕУ во која границите ја губат важноста. И не само државните граници што ја губат важноста, туку и оние што ги имаме во своите глави заедно со предрасудите, болките и верувањата. Има една добра изрека за поука на соседите и комшиите. Таа гласи: Кога имаш мака чукни на вратата од пријателот. Ако не ти ја отвори вратата ќе ти ги отвори очите.

Сега Бугарија знае дека чукаме на нејзината врата. Но и таа чука на нашата. Време е да ги подотвориме вратите и да инвестираме во доверба колку и тоа наивно да им звучи на нашите и на нивните националисти.

Не мора ништо да биде заедничко ако не го чуствуваме како заедничко. Не мора ништо да правиме заеднички ако не чуствуваме потреба од тоа. Заедништвото е чуство што се создава со трпение и со љубов. А љубовта на сила е силување. Оттаму треба освен дипломатските, економските и културните да се отворат и сите други канали за зближување, посети и разговори. Во времиња на кризи, државите можат и да ги прекинат односите, но сите други човечки и граѓански врски  и пријателства остануваат непрекинати и тие се најголемата гаранција за надминување на кризата во односите. Тие имаат море, а ние го имаме Охридското Езеро. За почеток и тоа не е малку.

*Ѓорѓи Спасов е унуверзитетски професор и поранешен амбасадор

Зачлени се на нашиот е-билтен