Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што е мултикултурализам, а што интеркултурализам?

„Дефинирањето на мултикултурализмот не секогаш го дава точниот одговор  како во една заедница/држава со мноштво културни и етнички идентитети, различни и посебни, можат да се обединат и да коегзистираат меѓусебно не губејќи ги карактеристиките што ги прават различни едни од други, а истовремено поврзувајќи се преку заеднички именител, пишува Биљана Јордановска во „Перцепции за мултикултурализмот во Северна Македонија на патот кон ЕУ“.

Мултикутурализам, интеркултурализам, културна разноликост

Мултикултурализмот е политика која го поддржува принципот на културна различност и го поддржува правото на различни културни и етнички групи да ги задржат карактеристичните културни идентитети обезбедувајќи нивен правичен пристап до општеството, опфаќајќи ги уставните принципи и заедничките вредности кои преовладуваат во општеството.

Ова е една од многуте дефиниции што можат да се сретнат, секоја од нив зависи од демократските факти, филозофските, политичките и општествените уредувања и вредности.

Од тој аспект мултикултурализмот или ги истакнува културните разлики и нивното коегзистирање паралелено во одреден простор и време или ја промовира таа различност во насока на разбирање, прифаќање и комуницирање, односно интеракција.

Критиките, пак, од друга страна, се во правец на истакнување на различностите по било која основа што може да доведе до поделба на општествата или државите, дополнително маргинализирање на одредени групи и отуѓување кое доведува до дестабилизирање на општествено-политичките состојби во одредено државно или општествено уредување.

Затоа, често се прибегнува да се зборува и за интеркултурализам, како поим кој означува идеолошко, политичко, општествено промовирање почит, толеранција и културна и социјална интеракција кај индивидуалецот без оглед на расата, верата или етничката припадност во една држава.

Во корелација со мултикутурализмот е и културната разноликост која ги промовира и застапува интересите на разновидните форми на култура одразувајќи ја сопствената различност и плурализам во времето и просторот уникатен за одредени идентитети во општеството. Истовремено тоа значи и заштита и промоција на различноста во културното изразување.

(ЦивилМедиа)

Перцепции за мултикултурализмот во Северна Македонија на патот кон ЕУ

Зачлени се на нашиот е-билтен