Две години изминуваат откако Орце Ѓорѓиевски со убедлива победа, стана нов градоначалник на скопската општина Кисела Вода.
Ѓорѓиевски на изборите излезе со обемна Програма со бројни проекти за што доби силна поддршка од граѓаните.
Денес, две години од мандатот, Ѓорѓиевски е еден од најпопуларните градоначалници во ВМРО-ДПМНЕ, а многумина веќе го гледаат и како кандидат на оваа партија за градоначалничкото место за Град Скопје, на следните локални избори.
Ѓорѓиевски вети нова поликлиника, противпожарна и полициска станица, но нив се уште ги нема
Во својата програма Ѓорѓиевски ветуваше дека во Кисела Вода ќе има нова поликлиника, нова противпожарна станица, нов објект на полициска станица, но до ден денес, овие објекти се уште ги нема.
Не е изградено ниту новото основно училиште што Ѓорѓиевски го ветуваше, а нема ниту монтажни паркинзи низ општината.
Ветуваше Ѓорѓиевски нови спортско рекреативни центри, санација на комплексот „Расадник“, нов затворен базен во Драчево, но и тие проекти се далеку од реализација.
Далеку од реализација е и ветената населба за млади, „Чупино брдо“, како и двете ветени технолошко развојни индустриски зони, а слабо се работи и на поставувањето мерни станици околу загадувачите, исто така едно од клучните ветувања на Ѓорѓиевски.
Што има реализирано?
Ѓорѓиевски ветуваше нови детски градинки и успеа да реализира една детска градинка во населбата Усје, а се проширува и објектот на градинката „Кокиче“.
Ѓорѓиевски целосно го реализира ветувањето за изградба на затворен пазар во општината.
Иако нема монтажни паркинзи, Ѓорѓиевски успеа да прошири дел од постоечките паркинзи, а реализиран е и дел од планот за реконструкција на улици и тротоари низ општината.
Инаку, покрај неговата работа, минатата недела Ѓорѓиевски беше во центарот на вниманието носејќи часовник за кој се претпоставува дека чини неколку илјади евра, но тоа градоначалникот Ѓорѓиевски го демантираше. (24Инфо)