Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Силникот и насилникот

Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Ја видовте снимката како член од обезбедување на лидер на политичка партија напаѓа полицаец на работно место за време на полициска акција? На прва изгледа како обична мафијашка реакција на насилник врз полицаец. Нема крв, но многу е страшна и грозна политичката конотација – чиј е тепачот(?) и манифестацијата на сила врз полицаец од позиција на партиска моќ. Тоа е нешто што мислевме дека сме го оставиле зад нас. Ама, јеби га, тука се луѓето на Мицкоски да нè потсетат дека времето на вмровскиот режим нè демне и не е заминато.

Им требаше нецел месец владение со МВР, за да се исилат и се обидат да го вратат МВРО.

Некако сите имаме перцепција за Мицкоски како за крут, професор без харизма, партиски лидер насаден без негова вина, кој губи избори, а и кога ги добива не знае како да ги валоризира. Гледаме фотки како се шета по планини, оди низ народ на партиски дешавки… сакаат, или барем се обидуваат да му направат слика како на човек од народот, еден од нас, но со предиспозиции да нè води. Се обидоа да му наденат и прекар „даскалот“. Ја знаете онаа смешна асоцијација што ја помислил вмровскиот ПР, во обид да го идентификуваме Мицкоски со Гоце Делчев.  Хахаха…. Или оние предизборни спотови каде се обидуваше да прикаже непосредност во разговор со млади и со повозрасни…

И сето тоа ајде некако да го замижеме, да го одземеме на погрешна стратегија и ПР, но она лице што во неколку наврати ни го покажа Мицкоски, е всушност тоа што мене најмногу ме плаши. Впечатокот ми е дека се работи за човек без емпатија.

Манифестирањето на самоволие, непочитување на закони и сега еве – примена на сила (тупаници во глава од обезбедувањето на Мицкоски на полицаец пред повеќе сведоци) не се само инцидент. Се сеќаваме како за време на ковид кризата за сите важеа правилата, само за Мицкоски и неговото обезбедување, не. Да, и на тие снимки лицето што го придружуваше Мицкоски е истиот овој тепач на полициски службеник на должност. Си се шеташе тој во кафани и теретани со тепачот, додека сите скапувавме по дома. И тоа онака, шверцерски, од задниот влез, да не го видат. Како Грујо што демнеше навечер парцели и менуваше ДУП-ови со телефонски повик скриен во кола.

Тоа се истите методи, ист карактер, иста школа, драги мои.

Некој би рекол дека изборот на луѓе што го прави е несреќен, но сè повеќе станува очигледно дека не е до погрешната проценка на луѓето што ги збира околу себе Мицкоски, туку дека проблемот е во Мицкоски и неговиот деспотски карактер. Човекот едноставно сака да покаже моќ, но начинот на кој избира тоа да го покаже е лузерски.

Таа распашана команда што ја манифестира Мицкоски и свитата околу него, таа ароганција и самобендисаност е само најава за тоа со какви методи би практицирал Мицкоски власт, ако му се даде шанса да се добере до неа.

Тој нон-стоп нè потсетува, ние упорно не веруваме дека може да ни се повтори Грујо. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен