Во јавноста, полека но сигурно се смири тензијата, што пратениците од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов ја предизвикаа со својот вандалски чин, кршејќи опрема во Собранието.
Овој собраниски состав влегува во последните месеци од мандатот и за првпат Левица е парламентарна партија со двајца пратеници.
Очекувањата на гласачите што им ја дадоа довербата беа прилично високи, но на неколку месеци пред крајот на мандатот, може да се заклучи дека Левица, малку што направи во овие скоро три и пол години во Парламентот.
Иако програмската определба на Левица е грижата за работниците, ранливите и обесправени категории граѓани, пратениците од оваа партија не направија ништо за да го подобрат животот на граѓаните.
Оние (малкумина) што ги следат преносите од Собранието во изминативе години, речиси и да не паметат конкретни предлози за подобрување на положбата на работнците, пензионерите, земјоделците.
Но затоа, кога се работи за теми кои будат национализам (како француски предлог, уставни измени, па и избор на одредени државни функционери) тогаш Апасиев и Крмов се гласни, бунтовни и дејствуваат заканувачки.
Пратениците на Левица, се противеа на новиот модел на субвенционирање на земјоделците, кој обезбедува предвремена исплата на субвенции, но и крај на делењето субвенции на таканаречени лажни земјоделци.
Од само ним познати причини пратениците на Левица не гласаа за Законот за унапредување на македонскиот јазик, се противеа на покачување на платите во некои сектори, како судството на пример, а се обидуваа и да го закочат стратешкиот проект за коридорите 8 и 10Д.
Но, пратениците на Левица беа прилично агилни кога требаше да се усвојат заклучоците по однос на Францускиот предлог, ревносно се борат против „косоваризација“ на Македонија, ширејќи национална омраза од говорницата и често пати употребуваа „филибастеринг“ на одредени законски решенија.
И додека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ им замеруваат зошто не биле толку воинствени и за други според нив лоши закони, јавноста, особено гласачкото тело им замерува што со толкава агилност не се бореле за работничките и граѓанските права.
Во неофицијалниот старт на предизборието, Левица влезе со висок влог и најверојатно така и ќе продолжи.
Сепак, месеците до изборите ќе покажат, дали скршените монитори и средниот прст на Апаиев во пленарната сала, ќе останат единствените резултати на Левица во парламентот. (24Инфо)