Пишува: МЛАДЕН ЧАДИКОВСКИ
Македонија после речиси 15 години се врати во првата половина на листата на “Репортери без граници”. Според глобалниот Индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници” земјава се наоѓа на, за наши услови, високото 38-мо место во светот. Релативно високо за земја, која до пред неколку години беше на 123-то место на оваа листа. Навидум прилично добра вест, за новинарите, за медиумите, за целото општество.
Но, секогаш има едно “но”, што треба да не држи и како граѓани, а особено како медиумска заедница, многу будни. Сведоци сме, што добар дел од новинарската заедница прави и правеше во изминатите десетина години за да се избори за слободата на медиумите, за слободата на говорот воопшто. Во време кога фигуративно, течеше “крв до колена” во медиумите, се затвораа телевизии и весници, се шиканираа и плукаа новинари на улица, тогаш вистинските професионалци останаа на страната на вистината, продолжувајќи ја основната битка за новинарското достоинство, за да останат да служат на јавниот интерес, во функција на граѓаните, а не во функција на партијата или партиите кои тогаш беа на власт.
Таа битка беше долга, мачна, со многу жртви, неретко на раб на функционирање и преживување. И што сега? Дали сега треба да речеме – доста е, готово е, слободата е освоена?
За да одговориме на ова прашање ќе се вратиме уште малку назад, во 2007 година. Таа втора година од владеењето на тогашната влада на ВМРО ДПМНЕ, Македонија забележа историски највисок успех на истата листа на „Репортери без граници“, на 36-то место. Но, од таа 2007 година до 2017-та, практично се забележува целосен распад во медиумските слободи и општо во слободата на говорот.
Ова искуствено покажува дека треба да бидеме многу свесни, дека медиумските слободи се лесно кршливи, особено во земји со кршлива демократија, како што е Македонија. Доволен е еден тригер, малку помалку демократски лидер, немање политичка волја, автократска балканска рака, помала свесност за тоа што значи слободата, за патот да тргне низбрдо, па пак сè да правиме одново. И во актуелниот извештај на „Репортери без граници”, тоа е практично нотирано, дека медиумскиот пејсаж остава простор да стравуваме и понатаму.
Комплексен медиумски пејсаж
Слободата на медиумите е основен пилар на секое демократско општество, обезбедувајќи критична платформа за слободно изразување, одговорност и транспарентност. Меѓутоа, мора да се напомене дека медиумската сцена во Македонија станува сè покомплексна, со предизвици предизвикани од политички притисоци, пропаганда, дезинформации, говор на омраза. И покрај релативно доброто рангирање во однос на слободата на медиумите, остануваат значајни прашања.
„Репортери без граници“ во својот најнов извештај за Македонија наведуваат дека, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади, а тенденцијата владините функционери да имаат лош и понижувачки однос кон новинарите продолжува.
“Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност”, пишува во извештајот.
“Репортери” нотираат и дека транспарентноста на институциите е прилично слаба. Последниот случај со договорот за изградбата на коридорите покажа на дело колку недоволната транспарентност може да предизвика штета во целата индустрија. Ја отвори пандорината кутија на шпекулациите, дезинформациите, ја покажа на дело штетноста на недоволната транспарентност или на неквалитетната, несуштинската транспарентност. Дали сите што сметаат дека договорот е лош, затоа што немаат доволни информации, се непријатели на САД, на македонската Влада и се против изградба на патишта? Се разбира дека не. Даночните обврзници на Македонија имаат право да знаат како се трошат нивните пари, а менаџерите на тие пари мора да бидат целосно отчетни за секој потрошен денар. Новинарите како претставници на јавноста не смеат да бидат критикувани за прашањата што ги поставуваат.
Да го забраниме Интернет?!
Јасно е дека живееме во ера на пропаганди и дезинформации, што ја поткопуваат и довербата во медиумите, го нарушуваат интегритетот на медиумите и ја нагризуваат довербата на јавноста. Како што вели познатиот новинар Ден Ратер, „начинот на кој се шират дезинформации и пропаганда денес е различен од она што беше пред неколку децении, но основниот концепт е ист. Се работи за контрола на наративот, а тоа е нешто што ја загрозува нашата демократија”.
Битката со дезинформациите и пропагандата во Македонија може и треба да се води на неколку нивоа. Прво, во реформата на менталитетот на носителите на одлуките, но создавањето на партиски онлајн системи за пропаганда или дезинформации секако не оди во прилог на оваа битка.
Паралелно, новинарската и медиумската заедница има обврска да ги засили саморегулативните тела. Саморегулацијата е од суштинско значење за одржување на интегритетот на медиумите и за обезбедување на етички стандарди. Сите знаеме дека не е совршена, можеби понекогаш ни се чини и дека не е доволна, но тоа во овој момент е најдоброто нешто што го имаме.
Што е втората опција? Да го забраниме Тик Ток? Или да го забраниме Фејсбук? Или Инстаграм? Или Гугл? Твитер да го забраниме? Не, ајде да го забраниме целиот интернет!? Ја сфаќате ли сериозноста на една ваква одлука? Да не бидеме погрешно сфатени, на интернет има многу глупави работи. Гадости, промоција на криминал, поттикнување на насилство, има сешто. Но, дајте да научиме да читаме. Да го одвоиме новинарството од пропагандата. Да им дадеме заслужено место на професионалците во онлајн просторот, да трагаме по начините што ќе направат достапност за граѓаните за вистинското новинарство. Сето друго, говорот на омразата, ширењето на дезинформации и пиратеријата, е веќе регулирано со законите во Македонија, само треба да дозволиме да функционира правната држава, со почитување на законите.
Во срцето на проблемот во Македонија лежи и прашањето на финансиската слабост, која ја загрозува независноста и одржливоста на медиумската индустрија. Новинарите се недоволно платени, а медиумите мака мачат да одржат високи новинарски стандарди поради недостаток на ресурси. Начините за нивно подобрување лежат во овозможување на форми за зголемување на квалитетот на новинарскиот продукт, без да се дозволи кој било, сега или во иднина, да влијае на нивната уредувачка политика.
Тешко до слободата, ама лесно до неслободата
Само со негување медиумска средина која ги поддржува принципите на слобода, професионализам и одговорност, Македонија може успешно да се соочи со предизвиците на политичките притисоци, пропагандата, дезинформациите и говорот на омраза, во исто време поттикнувајќи информирано и ангажирано граѓанство.
Да се навратам на почетокот, поминавме тешки премрежија за да го ослободиме просторот, но кога ќе ги погледнеме сите следни предизвици мора да сме свесни дека e време за суштински промени кои ќе гарантираат финансиска слобода на работењето, затоа што слободата на говорот, на мислата, тешко се стекнува, мачно се заработува, но искуството ни вели дека многу лесно може да се изгуби. Да не го дозволиме тоа.
Затоа денешното 38-мо место на „Репортери без граници“ не треба да не прави среќни, туку треба да бидеме будни. И да ги бараме решенијата.
(авторот е новинар и претседател на Здружението на новинарите на Македонија)
Извор: ИМА