Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со членството во ЕУ Романија од сиромашна држава под режим стана најброзрастечка економија во унијата

Дваесет и четири години под режимот на суровиот Николај Чаушеску Романија важеше за најсиромашна држава и најизмачена нација во Европа. Триесет и пет години подоцна, по атентатот на диктаторот во 1989 година, Романија се издвојува како земја-членка на ЕУ со најбрз економски раст.

Букурешт, некогаш познат како „малиот Париз на истокот“, навистина се претвора во „мал Париз“ од кадешто „извираат“ технолошки компании.

Во јануари 2007 година Романија заедно со Бугарија влегоа во Европската унија. Во изминатите 17 години Романија забележува постојан пораст на животниот стандард, како и многу промени во спроведувањето на реформите во сите области на јавниот живот, од економијата, до многу потребната ревизија на правосудните системи. Романија успеа да инкасира десетици милијарди евра од Брисел, пари што беа наменети за изградба на нова инфраструктура и проширување на нејзината економија. Според претставништвото на Европската комисија во Букурешт, од почетокот на членството до 2022 година, Романија добила финансии од ЕУ во висина од 62 милијарди евра и уплатила 21 милијарда евра во буџетот на Унијата.

Минимална плата од 79 евра бруто до 418 евра нето

Од 2007 година платите во Романија постојано се зголемуваат. Бруто минималната плата во Романија се зголеми од 390 леи (79 евра) во 2007 година на 2300 леи (465 евра) во 2021 година, според компанијата за пазарни податоци „Статиста“. Минималната нето плата во Романија во 2024 година е 2.079 леи (418 евра).

Просечната плата во Романија во 2008 година изнесуваше 1.296 леи (360 евра), а денес, во 2024 година, е 5.000 леи нето (1.000 евра).

Букурешт, Романија / Фото: EPA/ROBERT GHEMENT

Во моментов, според статистичките податоци, 1,8 милион работници во Романија заработуваат минимална плата, од околу 7,6 милиони вработени. Она што е важно да се напомене е дека почнувајќи од 2022 година на работодавачите им е дозволено да ги задржат вработените на минимална плата најмногу 24 месеци. Тоа значи дека после тоа е задолжително зголемување на платата над минималната.

Во еден округ во оваа земја, Бистрица-Насауд, нема невработени лица. Нивниот број е нула. Згора на тоа, во четири града и 325 села, со население од 300 до 330.000 жители, тамошното стопанство итно бара дополнителни 3.000 работници. Просечната плата во оваа земја изнесува 1000 евра, а храната и другите потреби на едно просечно семејство, како и цената на горивото, значително се пониски во однос на европскиот просек. Само од 2012 година до денес во овој округ се слеале околу половина милијарда евра од европските фондови.

Странски инвестиции

По комунизмот, на Романија ѝ требаше капитална инфузија, претприемачки и менаџерски вештини, а најбрзиот начин да се добие тоа беше преку странски директни инвестиции.

Само во 2006 година, во пресрет на влезот во ЕУ, Романија остварила речиси девет милијарди евра инвестиции. Во 2013 година во Романија почна научниот ласерски мегапроект Extreme Light Infrastructure, кој значеше нови 350 милиони евра вложувања. Во 2012 година, од Француска Гвајана, Романија го лансираше својот прв сателит. Две години подоцна оваа земја стана косопственик на Меѓународната вселенска станица.

Земјата е водечка дестинација во Централна и Источна Европа за странски директни инвестиции. Заклучно со 2018 година, вкупните странски директни инвестиции во Романија се 81 милијарда евра, а 63 отсто од вкупните (51 милијарда евра) се гринфилд инвестиции. Земји кои најмногу инвестираат во Романија се Холандија, Германија, Австрија, Италија , Кипар…

Романија е најголемиот производител на електроника во регионот. Во изминатите 20 години Романија исто така прерасна во главен центар за мобилна технологија, безбедност на информациите и сродни хардверски истражувања. Земјата е регионален лидер во области како што се ИТ и производство на моторни возила. Букурешт, главниот град, е еден од водечките финансиски и индустриски центри во Источна Европа.

На домашните индустриски џинови како Дачиа, Петром, Ромпетрол, Ромстал, Мобексперт, Битдефендер… им се надоврзуваат и компании како Даеву и Сиеменс. Дваесет и пет проценти од БДП на Романија се однесуваат на инвестиции. И сето ова се случува во земја каде што две третини од работниците се вработени во мали и средни претпријатија. Потоа следуваат ИТ-секторот, биотехнологијата и рударството.

Една од најевтините земји во Европската унија

Живеењето во Романија во 2024 година чини околу 1.200 евра месечно. Ова ги опфаќа киријата, комуналните услуги, храната и основната забава, овозможувајќи пристоен и главно скромен живот.

За изнајмување на стан со една спална соба во поголемите градови е потребен е буџет од 400 до 500 евра месечно. Во помалите градови тие се движат околу 275 евра месечно. И цените за изнајмување, како и трошоците за купување имот во Романија, во моментов се на највисоко ниво.

Најважно е што Романија успеа значително да ги намали страшните нивоа на социјални разлики и сиромаштија. Во 2012 година околу четири проценти од граѓаните имале по три евра дневно за преживување.

Во својот извештај за состојбата на интернет-комуникацијата, Акмаи ја прогласи Романија за земја со најбрз интернет во Унијата, со 57,7 Мбпс во третиот квартал од 2015 година, што беше шести резултат на светско ниво. Образовниот систем во Романија особено се развива во насока на високи и ИТ- технологии.

Романија и Бугарија делумно влегуваат во Шенген зоната

Романија и Бугарија на 31 март 2024 делумно ќе се приклучат на Шенген зоната, што ќе важи само за патувањата со авион и со брод, одлучи Европската комисија. Со тоа зоната на слободно движење ќе биде проширена на 25 од 27 членки на Европска Унија, а таа ги вклучува и Норвешка и Швајцарија. Од членките на ЕУ, само Ирска и Кипар остануваат надвор од Шенген зоната.

Романците и Бугарите и натаму ќе треба да покажат пасош кога ќе ги поминуваат копнените граници на своите соседи од ЕУ.

Преземен од Слободен печат

Зачлени се на нашиот е-билтен