Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со корекцијата од денеска минималната плата ќе биде двојно повисока од 2016 година и ќе достигне висина од над 20.000 денари

Со последната корекција, со растот на трошоците за живот и просечната плата, повторно расте минималната плата и овој пат се искачи на 20.175 денари. Покачувањето од 2.175 денари ќе значи дополнителен буџет за граѓаните за да се надомести изгубената куповна моќ поради растот на трошоците во време на криза.

Ова се очекува да биде денеска потврдено на состанокот на Економско социјалниот совет.

Инаку, можноста за корекција на минималната плата два пати годишно, е резултат на измените на законот за минимална плата, кои беа постигнати со социјален дијалог помеѓу Владата, работодавачите и синдикатите. Со овој договор на трите засегнати страни се овозможува раст на минималната плата, кој не е зависи од политичката волја на бикло кој владин состав, од актуелниот министер, туку е креирано системско решение.

Пред промената на власта во 2016 година, минималната плата се покачуваше бавно и секогаш тоа беше проследено со некаква политичка позадина. Од 2012 до 2016, кога Владата ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ минималната плата од 8050 денари се искачи едвај до 10. 080 денари, најчесто како предизборен обид за добивање гласови.

По 2017 година се промени начинот на вреднување на трудот на работниците и се пронајде решение за системско покачување на платите. Така, за само шест години по промената на власта, минималната плата се удвои и сега се очекува да изнесува 20.175 денари.

Растот на минималната плата ја зголемува и куповната моќ на граѓаните. Пред 10 години, кога минималната плата изнесуваше 8.050 денари, минималната синдикална кошничка беше 31. 989 денари потребни беа четири минимални плати за едно домаќинство да може да ја обезбеди кошничката. Ситуацијата не беше ништо подобро ни во 2016 година, кога минималната потрошувачка кошничка беше 32. 254 денари и беа потребни 3,2 минимални плати од 10 080 денари за едно домаќинство да може да си обезбеди достоинствен живот.

Со минималната плата во 2021 година  и покрај борбата со ковид пандемијата, кошничката од 34. 574 денари се обезбедуваше со 2,28 минимални плати од 15. 194 денари. Економската и енергетската криза изминатата година, малку ја влошија ситуациајта, но сепак дури и покрај кризата и растот на цените, куповната моќ на граѓаните е повисока од најповолната во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Сега се потребни 2,5  минимални плати од 20.175 денари за покривање на минималната синдикална кошничка, која според ССМ изнесува 51.235 денари.

Растот на минималната плата, но и вистинските економски политики, навремените антикризни мерки доведуваат и до раст на просечната плата. За декември 2022 година, беше исплатена просечна плата од 34.364 денари со што се исполни и предизборното ветување на владејачката коалиција, една година порано.

За пет години, од декември 2017 до декември 2022 година, просечната плата порасна за над 10 илјади денари, од 23.850 во 2017 на 34.364 во 2022 година, што е раст за речиси 50 отсто.

Освен платите,  растат и пензиите, за кои исто така се најде системско решение. Повеќе од 340 илјади пензионерии за месец март ќе добијат покачување од 6,8 отсто на пензиите. Со новата методологија за системско усогласување на пензиите два пати годишно, се обезбедува постојан раст на пензиите во согласност со растот на просечната плата и растот на трошоците на живот.

На овој начин се обезбедува постојан раст на пензиите, без разлика на гарнитурата на власт и се спречува манипулација со пензионерите, како што се случуваше во годините порано, кога усогласувањето се правеше обично пред избори.

Р. Р.

Зачлени се на нашиот е-билтен