На 17 јуни 1953 година во Источен Берлин започнале работнички немири заради економската политика која буквално ја загрозувала егзистенцијата на обичниот човек. Тие изрази на улично незадоволство бргу се прошириле на територијата на Источна Германија која била во советската зона на контрола, а задушени се со помош на „братските“ војници и тенкови.
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали знаете која е последната Сталинова желба пред смртта (5 март 1953 г.) Или барем една од последните за која се знае? Тоа е писмениот предлог упатен до челниците на Западна Германија за обединување на двата делови на оваа земја! Истиот предлог наишол на чудење, бидејќи токму генералисимусот бил диригент на многу форми на изолација на делот под негово старателство: Посебно се помни кога западните сојузници морале со авиони да носат јаглен и прехрамбени продукти во Западен Берлин заради прекини на сите комуникации со овој дел, кој формално останал во рацете на тројцата сојузници од Втората светска војна (САД, Британија и Франција). Писмото од Сталин е проценето како некаква замка и е отфрлено. Можно е Јосиф Висарионович веќе да имал сознанија дека во Источна Германија врие и дека решавањето на тамошните проблеми може многу да го чинат целиот источен блок.
И навистина, токму таму се јавила првата пукнатина во советската орбита. И тоа токму кога империјата ја треселе пост мортем турбуленции, односно кога советското раководство било зафатено со „династички борби“ – кој ќе го наследи моќникот!
Незадоволство што се ширело брзо низ сите социјални слоеви
Источногерманското востание од 1953 година (германски: Volksaufstand vom 17. Juni 1953 ) започна на 16 јуни, го доживеа своето крешчендо на 17 јуни 1953 година, а одвај се смирил до крајот на тој жежок месец.
Започна со штрајк на градежните работници во Источен Берлин на 16 јуни против работните норми за време на процесот на советизација во Источна Германија. Демонстрациите во Источен Берлин се претворале во широко распространето востание против Владата на Источна Германија и Партијата за социјалистичко единство следниот ден, во кое учествувал над еден милион луѓе во околу 700 локалитети низ целата земја.
Протестите против опаѓањето на животниот стандард и непопуларните политики на советизацијата довеле до бран незадоволства што не биле лесно ставани под контрола и се заканиле со соборување на источногерманската влада. Востанието во Источен Берлин било насилно задушено од тенковите на советските сили во Германија и Kasernierte Volkspolizei (нешто како жандармерија)
Всушност, по одбивањето на писмото на Сталин за создавање на една, независна Германија и на двете страни им станало јасно дека поделбата ќе остане на подолго време. Исплашени, властите во ФРГ (Западна Германија) го потпишала Договорот за Европската одбранбена заедница. И на оние од советската страна им дошло времето конечно да станат свесни дека е запалено „зелено светло“ за продолжување со „забрзаната изградба на социјализмот во ГДР“.
Оваа слика не била лесно да се голтне – како дел од поразена земја источногерманскиот граѓанин морал да плаќа воени репарации на СССР. Недостигот од основни продукти и исцрпувачките работни норми едноставно биле неспоиви а партиското раководство на чело со Валтер Улбрихт како дел од новата, планска економија проценило дека нивниот работник малку работи за тие плати што ги зема (и за кои и онака нема што да купи) и – ги зголемило работните обврски. Укината е приватната сопственост во индустријата, земјоделството и трговијата со што е драматично намалена понудата на стока за продажба и дошло до скок на цените на онаа понуда која останала. Државната политика за колективизација довела до тоа 40% од побогатите земјоделци во ГДР да побегнат на Запад, оставајќи над 750.000 хектари, инаку продуктивно земјиште необработено, што довело до лоша жетва во 1952 година. Во зимата 1952-1953 година, имало и сериозни прекини во снабдувањето со топлина и електрична енергија на градовите во Источна Германија.
Накусо, тоа е криза на планското стопанство во време на поствоената немаштија.
Колебливи политички упатства од иста адреса
На 9 јуни, Политбирото на Улбрихт се состанало и утврдило како да одговори на упатствата на советското раководство. Иако повеќето членови на Политбирото сметале дека објавувањето на „Новиот курс“ бара внимателна подготовка во партијата и населението во целина, советскиот висок комесар за Германија Владимир Семјонов инсистирал тоа да се спроведе веднаш. Така, програмата Нов курс е објавена во Нојес Дојчланд, официјалниот партиски весник на 11 јуни.
Во коминикето свесно се критикуваа грешките направени од СЕД и најавија дека поголемиот дел од кампањата за советизација на Улбрихт сега ќе биде обратна, во спротивна насока, како што е наложено од Москва. Сега ќе има промена кон инвестиции во стоки за широка потрошувачка; ќе престанат притисоците врз малите приватни претпријатија; ќе престане присилната колективизација; а политиките против религиозните активности би биле прекинати.
Но, најважното, зголемувањето на работните квоти не беше отповикано, што претставува закана за легитимитетот на марксистичко-ленинистичката држава која тврдеше дека ги претставува своите работници: буржоазијата и земјоделците имаа многу повеќе корист од Новиот курс отколку пролетаријатот, се сметаше во берлинското раководство.
Коминикето и неговото искрено признавање на грешките од минатото шокираше и збуни многу Источни Германци, и членовите на партијата и пошироката популација. Разочарување, неверување и збунетост ги опфатиле локалните партиски организации, чии членови се чувствувале изневерени и паничеле. Пошироката популација гледала пак на Новиот курс како на знак на слабост од страна на источно-германскиот режим.
Зад синдикалните стигнале и политички барања
Во атмосфера на општа збунетост во 9 часот наутро на 16 јуни, 300 работници од градилиштата во „Болницата Фридрихшајн“ и „Сталинали блок 40“ во Источен Берлин штрајкувале и марширале кон седиштето на Слободната германска синдикална федерација (ФДГБ) на Валштрасе; потоа до центарот на градот, кревајќи транспаренти и барајќи враќање на старите работни квоти.
Барањата од работниците што штрајкуваат се прошириле за да ги опфатат политичките прашања надвор од квотите. Преку Александарплац и Унтер ден Линден (Улица на липите), повеќето од демонстрантите се преселиле до седиштето на владата. На пат, тие презеле два камиони со звучници и ги искористиле за да ги шират своите повици за генерален штрајк и демонстрации, закажани за 7 часот следниот ден. Пред Домот на Владата на ГДР, брзо растечката толпа барала да разговара со Улбрихт и Гротевол.
Во Политбирото се размислувало, без одлука што да се прави. И покрај итноста на ситуацијата, само по повеќечасовна дискусија – под притисок на демонстрантите, а веројатно и на Семјонов, рускиот „ревизор“ во Берлин , раководството одлучило да го отповика зголемувањето на работните норми. Членовите на Политбирото изјавиле дека зголемувањето на продуктивноста сега ќе биде доброволно, а вината за штрајковите и демонстрациите го насочиле кон странските провокатори.
Меѓутоа, додека еден функционер на СЕД стигнал до зградата на Владата за да им ги соопшти вестите на работниците, агендата на демонстрантите се проширила на многу повеќе од прашањето за зголемување на работата. Раководството било изненадено сега од тој факт – се очекувало дека голем пропаганден напор ќе биде доволен за да се справи со кризата што се појавува на хоризонтот.
Очигледно, тоа не било доволно, а Улбрихт веројатно го сфатил тоа само неколку часа по пресвртот во барањата на улицата. Советските власти, исто така, биле целосно изненадени од широко распространетите протести што следеле по демонстрациите во Источен Берлин. Нивниот одговор бил импровизиран и некоординиран. Подоцна истата вечер, Семјонов се состанал со Улбрихт и ги информирал за неговата одлука да испрати советски трупи во Берлин.
Путер а не пендреци
По одлуката на Семјонов, советските трупи влегле во околината на Источен Берлин во раните утрински часови на 17 јуни. Во меѓувреме, толпи работници почнаа да се собираат на Штраусбергер Плац и други јавни места и почнале да маршираат кон центарот на градот. На пат, тие наишле на безбедносните сили на ГДР – редовните и единиците на Kasernierte Volkspolizei („Касарната на народна полиција“, КВП) – кои, очигледно без инструкции, првично не интервенирале.
Заедно со функционерите на СЕД и ФДЈ, полициските службеници се обиделе – и главно не успеале – да ги убедат учесниците на маршот да се вратат во своите домови и работни места. Повиците преку автомобилите и велосипедите со звучници обезбедувале комуникација помеѓу различните колони учесници од надворешните области додека цело утро тие се собирале во центарот на градот.
На импровизирани транспаренти и плакати, демонстрантите повторно барале враќање на старите работни норми, но и намалување на цените, ослободување на колегите демонстранти, уапсени ден претходно, дури и слободни и фер сегермански избори. Пароли како „долу власта!“ ги имало многу, а видливи биле оние „путер, а не пендреци“. Партиските плакати и статуи биле запалени или обезличени.
До 9 часот, 25.000 луѓе се собрале пред Владата, а уште десетици илјади биле на пат кон Лајпцигер Штрасе или во Потсдамер Плац. Помеѓу 10 и 11 часот, 80 до 100 демонстранти очигледно упаднале во седиштето на Владата, видливо демонстрирајќи дека 500-те членови на Volkspolizei и Stasi веќе биле совладани. Потоа, одеднаш се појавиле советски воени возила, проследени со тенкови, за да го одбијат она што се чинело дека е непосредно преземање на власта.
За еден час, советските трупи ја исчистиле и изолирале областа околу седиштето на владата. Напладне, советските власти го прекинале целиот сообраќај со трамвај и метро во источниот сектор и ги затвориле сите граници на секторот кон Западен Берлин за да спречат повеќе демонстранти да стигнат до центарот на градот. Еден час подоцна, тие прогласија воена состојба во Источен Берлин.
Надвор од полицискиот штаб во Источен Берлин, советски тенкови отвориле оган врз протестантите. Борбите меѓу советската армија (а подоцна и полицијата на ГДР) и демонстрантите продолжила до попладневните часови и ноќта, додека во некои случаи, тенкови и војници пукале директно во толпата.
Ноќ на масовните апсења
Во текот на ноќта, Советите и Штази почнале да апсат стотици луѓе. На крајот, до 10.000 луѓе биле приведени и најмалку 32, а спорд некои извори веројатно и 40, биле убиени, во што влегуваат и војници на советската армија кои одбиле да ги почитуваат наредбите. И биле стрелани Откако раководството на ГДР беше ефективно парализирано во советскиот штаб во Карлшорст, контролата врз Источен Берлин им биле предадена на тамошните советски воени власти.
Секој од 24-те градови во Источна Германија со население поголемо од 50.000 доживеа своевидна окупација, како и приближно 80% од градовите со население меѓу 10.000 и 50.000. Приближно 339.000 луѓе учествувале во 129-те демонстрации што се одржале надвор од Берлин; над 225.000 започнале штрајкови во 332 фабрики. Главните центри на протест го вклучијле индустрискиот регион околу Хале, Мерсебург и Битерфелд, како и градовите со средна големина како Јена, Герлиц и Бранденбург. Не повеќе од 25.000 луѓе учествуваа во штрајкови и демонстрации во Лајпциг, но имало 32.000 во Магдебург, 43.000 во Дрезден, 53.000 во Потсдам и во Хале, близу 100.000.
На почетокот, ваквите демонстрации биле релативно мирни, но како што почнале да се омасовуваат тие станале понасилни. Грабежот, особено на продавниците во сопственост на владата, станале редовна појава; имало одредени палежи а многу локални функционери биле претепани подоцна, во текот на следниот ден. Во некои градови, затворите биле заземени од демонстранти, кои барале ослободување на одредени политички затвореници. Во Герлиц група од 30.000 луѓе го уништиле седиштето на комунистичката партија, канцелариите на тајната полиција и затворот, додека во Магдебург партиското седиште и затворот биле запалени..
Во меѓувреме, во селата демонстрации се одржале во над 200 населби. Сепак, многу фармери од Источна Германија не презеле колективна акција против режимот: најчестиот израз на протест во руралните области бил земјоделците да ги напуштат или да ги распуштат неодамна формираните задруги и сами да продолжат со земјоделството.
Како преживеал партискиот водач Улбрихт?
Ситуацијата во земјата е смирена на 24 јуни. Улогата на советските власти секако била клучна. Партискиот водач Улбрихт ја преживеал кризата, иако во Москва бил одамна проценет како политичка жртва чија смена може да ги смири немирите. Причината е банална – московските кадровски игри кои оделе во бескрај после смртта на Сталин. Времениот заменик Маленков му спремил „идеолошка ортома“, дури и го повикал во Улбрихт во Москва, ама додатните турбуленции (апсењето на Берија, министерот за внатрешни) ги менувал и кремљовските одлуки. Улбрих останал генерален секретар на партијата до 1971 г. а починал две години потоа.
Што може да се заклучи од овие настани
Најпрвин, во времето на „рамнотежата на ужасот“, односно ладната војна, проблемите во едниот блок главно се сметани за внатрешни и немало посилни обиди за мешање и помагање од страна. Бунтовниците во такви услови немале многу шанси да опстојат на подолг рок.
Потоа, во Москва станало јасно дека социјалните проблеми и незадоволства лесно се претвораат во политички. Нивниот заклучок е дека треба да се дејствува брзо и одлучно и да не се мисли на инструментариумот на силата кој ќе се користи.
Следната слична ситуација ќе биде во Познањ на 28 јуни 1956 г. кога единствена парола на побунетите работници била „бараме леб“: Имало сто илјади протестанти а против нив интервенирале 300 тенкови и 10 илјади војници кои биле полски, ама со нив командувал советски висок офицер Поплавски.
Биле убиени 100 протестанти, меѓу нив и едно 13-годишно дете. Повеќе од протестите во ГДР кои траеле и подолго и во кои учествувале милиони луѓе, а биле и со политички барања! Се дувало во матеница….
Потоа може да се заклучи дека партиските форми на пропаганда (Ноес Дојчланд и Трибуна) се недоволни за да ги држат масите под контрола – во време кога телевизијата не постоела една американска радио станица од Западен Берлин (RIAS) лесно излегла победник во пропагандната војна. (Ова ќе го зголеми потоа значењето токму на радио програмите во студената војна!).
Благодарејќи на ова востание и посебните привилегии кои ги донела за работниците, селаните и трговијата, Источна Германија станала излогот на планското стопанство кон западните соседи и очевидно обезбедила највисок стандард за граѓаните во целиот источен блок (не треба да се потценува и традиционалната германска работливост), сè до падот на Берлинскиот ѕид.
Влијанието на „редот и мирот“ во оваа земја е толкаво што по обединувањето остава силен белег на политичката сцена на обединета Германија: се подржуваат партиите од левицата со подогматски погледи, но таму е и изворот на крајно десничарските и фашистички движења, дури и такви кои готвеле сериозна дестабилизација на државата и кои ги буделе духовите од хитлеровско доба. Реал – социјализмот бил индикативен замрзнувач за фашизмот и особено за омраза кон се’ што е странско.
Новите пукнатини во социјалистичкиот блок ќе се шират потоа – освен бунтот во Полска (само во Познањ), продолжија со познатата смена на власта во Будимпешта во 1956 г., потоа дојде рушењето на прашката пролет (1968 г.) , па заврши со промените во цела Полска (1980 г.). Тоа беа ситуации кога оружјето или барем генералите (како во случајот со Јарузелки) ја завршуваа работата, не секогаш на кус рок.
Она што секако треба да го знае актуелниот претседател на Русија -Путин, кој води војна во Украина е дека клучната дестабилизација на советскиот блок настанаа во мигот кога СССР поведе војна во Авганистан (1979) и ги трошеше и онака скромните ресурси за сметка на стандардот на граѓаните. И кога една таква војна ја исцрпе издржливоста на системот кој падна десет години подоцна и тоа на најширок фон.
Тогаш тенковите не помогнаа.
(ЦивилМедиа)