Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН „Српските национални дејци“ во Македонија меѓу двете Светски војни: Народни претставници и(ли) „тендераши“

Национално-просветната пропаганда во Македонија под турска власт се сметала за државен приоритет и во Србија и во Бугарија. По создавањето на Кралството СХС, мнозинството „национални дејци“ и комитски војводи (дури и членови на ВМРО) станале столб на југословенскиот бирократски апарат во Македонија, под изговор дека се најдобри познавачи на тамошните состојби. Многумина од нив се етаблирале како првенци на Народната радикална партија, сенатори, пратеници, банови, жупани и високи полициски службеници

Како функционирал бирократскиот апарат во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), подоцна Кралството Југославија, меѓу двете Светски војни на територијата на Македонија? Колку и како заслугите од борбата против Османлиската империја биле „наплатувани“ преку вносни тендери и бизнис со државата? Која била тајната врска меѓу четниците и комитите?

Рацин.мк пренесува делови од студијата „Југословенската кралска бирократија во Јужна Србија“ на историчарот Владан Јовановиќ.

Прашањето за односот меѓу владините претставници и државата се наметнал во Србија веднаш по Балканските војни. Потсетувајќи ги своите колеги во парламентот во февруари 1914 година дека поранешната политичка борба под знамето на програмите и народните трибини мутирала во „борба за финансиските институции“, Јован Скерлиќ истакнувал дека сè поголем број српски политичари успеале да го усогласат мандатот на народен претставник со мандат на државен лиферант („тендераш“).

Практиката на владините претставници да влегуваат во отворена трговија со државата укажувала на сериозно деградирање на моралните вредности, додека повоената стихија и неконсолидираноста на југословенската држава го поттикнуваше развојот на корупцијата. Нерасчистени економски афери ја девалвирала довербата во судскиот систем, а во исто време младата југословенска буржоазија растела во фаза на некаква „доцна првобитна акумулација“ на капиталот.

Прогласување на Кралството СХС

За разлика од експонираните носители на највисоките државни функции, политичарите крунисани со ореолот на национални работници биле на маргините на јавниот интерес. Важноста на „националната работа“ во Македонија и Стара Србија – главните територијални придобивки што им се припишуваат на радикалите, била причина за евоцирање спомени на пожртвуваните национални дејци, храбри војводи, четници и учители. На таа плејада на ликови им припаѓале многумина кои по 1918 година ги претвориле своите национални заслуги во успешни политички кариери.

Инаку, национално-просветната пропаганда во Македонија под турска власт се сметала за државен приоритет и во Србија и во Бугарија. По создавањето на Кралството СХС, мнозинството „национални дејци“ и комитски војводи (дури и членови на ВМРО) станале столб на југословенскиот бирократски апарат во Македонија, под изговор дека се најдобри познавачи на тамошните состојби. Многумина од нив се етаблирале како првенци на Народната радикална партија, сенатори, пратеници, банови, жупани и високи полициски службеници.

Еден од нив бил првенецот на Народната радикална партија, Јован Ќирковиќ, чија слава од периодот на турското владеење придонела за неговата политичка афирмација во Кралството СХС. И покрај формалното признание за национално дело кое доаѓало од кралот, патријархот и локалните функционери, Ќирковиќ бил подложен на искушенија карактеристични за бирократскиот апарат на југот, па може да се каже дека покрај големите доблести, тој бил и носител на сите маани на Радикалната партија. Според сведочењето на поранешниот функционер од Кратово, Стеван Симиќ, Ќирковиќ како владин комесар за бегалци во Солун, заедно со началникот на кумановската област Ранко Трифуновиќ, ја однеле државната печатница и ја продале во Скопје.

Српски комити, 1903 година

Истовремено, Ќирковиќ бил обвинет и за проневера на 1.000 наполеондори наменети за српска пропаганда во Албанија, а потоа се бранел со приказната дека чамецот со парите се превртел на Охридското Езеро! Заклучокот на новинарот на весникот „Радник“ дека „на дното на Охридското Езеро лежат уште многу селски спомени од неговата управа“ е токму алузија на таа солунска епизода.

Според кажувањата на Симиќ, Ќирковиќ во 1922 година за 100.000 динари го спасил од казна велешкиот рентиер и „воен злосторник“ Борис Крстиќ, кој набрзо добил помилување од кралот. За истата сума, во 1925 година, Ќирковиќ го „помилувал“ битолскиот лекар Робе, кој за време на бугарската окупација беше осуден на 20 години затвор за проневера, затајување, кражба на болнички инструменти и храна, како и за смрт на 136 српски ранети и војници, кои се затекнале во болница во моментот на бугарскиот напад. Според истиот извор, Ќирковиќ од Бугарија ги донел дезертерите и „воени злосторници“ Крсто Лондрев, Јован Алтипармаковиќ, Илија Дарков и други.

Разгледница од Битола од периодот на Кралството СХС

И покрај обвинувањата на политичките противници, Никола Пашиќ го држел кај себе како доверлив човек. Ќирковиќ, како највлијателен радикал во битолскиот крај, бил заслужен за сите изборни махинации, поради што неговите противници во 1925 година го нарекувале „архилопов“ и „сплектарош“. Дополнително, познанството на Ќирковиќ со ВМРО-вецот Петар Чаулев и врските со заменик-министерот за внатрешни работи Живојин Лазиќ, веројатно придонеле ќерката на војводата Марин Чаулев да се најде на списокот на државни стипендисти на Кралството во 1925 година.

Еден од финансиските спонзори и идеолози на „четништвото“ во Македонија бил Живојин Рафајловиќ. Во 1921 година, заедно со тогашниот претседател на југословенскиот парламент, Марко Трифковиќ, бил вмешан во афера со препродажба на бакарни жици, но истрагата била насочена кон гонење на поситни функционери во Велес. Бакарната жица е купена од Управата за воен плен како старо железо за 80.000 динари, а потоа проценета на милион динари и продадена како нова.

Покрај тоа, во летото 1922 година, како министер за шуми и рудници на Кралството СХС, Рафајловиќ бил обвинет дека самоволно издал концесии за вадење камен и експлоатација на рудници на политички пријатели (на пример, Радомир Пашиќ, син на премиерот). Покрај фабриката за тули, Рафајловиќ отворил и стругара во Скопје каде што преработувал дрвна граѓа од државните шуми. Во парламентот бил обвинуван за кражба на шумски комплекси од приватни сопственици преку нему лојалните комисиите, во соработка со АД Треска, како и за манипулации со колонистичката населба Душаново. Концесии за сеча на шумите во Рожден во мандатот на Рафајловиќ добил и Јован Ѓорѓевиќ, демократски активист од Велес.

Четници на војводата Јован Бабунски

Бившите комити и национални дејци и по воведувањето на Шестојануарската диктатура во 1929 година, како етаблирани политичари и државни функционери, добро котирале во највисоките општествени кругови. Некои од разбојниците и „лоповите“ еволуирале во банкари, а многумина како поранешни четници се инфилтрирале во безбедносните служби. Голем број од нив успеале да имаат по неколку мандати во Народното собрание и Сенатот.

Банот на Вардарска Бановина Живојин Лазиќ станал министер за внатрешни работи, а Михајло Каламатијевиќ, основачот на злогласното штипско „Здружение против бугарските бандити“, стигнал и до ниво на функционер на Интерпол!

Најострата критика стигнувала од страниците на софискиот весник „Македонија“, која ја уредувал македонскиот емигрант Тодор Крајничанец. Тој со своите текстови ширел уверувања дека општинската политика во целата Бановина била во рацете на Жика Лазиќ, кој на највисоките позиции ги поставил нему лојалните „градски кметови“, соборци од времето на „четникувањето“ во Османлиската империја. И покрај апелите на окружните началници дека арогантното однесување на народните работници ја нарушува и онака напнатата ситуација во Македонија, управата на Вардарската бановина во 1939 година продолжила да издвојува големи суми пари за „помош на заслужните борци од времето под Турција и нашите национални работници“.

По убиството на кралот Александар во Марсеј, многу негови блиски пријатели останале без работа, како што е поранешниот претседател на општина Куманово, Ќире Маневиќ. Во 1935 година во неколку наврати го потсетувал кнезот Павле за неговите заслуги во борбата против Турците, барајќи работа во државната служба. Патем, сите итни случаи за државната служба поминувале преку помошникот за внатрешни работи. Покрај анонимни службеници, барања пристигнувале и од познати личности, национални дејци и државни функционери.

Извор: Пешчаник

(продолжува)

Зачлени се на нашиот е-билтен