Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ
Како се дефинираат човековите права во меѓународните акти во медиумски контекст? Што вели Уставот на Република Северна Македонија и домашното законодавство за заштитата на човековите права во медиумските содржини? Што предвидува Етичкиот кодекс на медиумите за почитување на човековите права во медиумите од различни формати? Што е предвидено со Упатството за имплементација на Етичкиот кодекс во онлајн медиумите? Колку саморегулаторните тела, Комисијата за жалби на CЕММ и Советот на честа на ЗНМ ги штитат човековите права во медиумите? Кои се најеклатантните случаи на прекршување на човековите права во медиумите? Која е улогата на медиумскиот омбудсман и какви се шансите тој да проработи кај медиумите во земјава?
Медиумите во функција на заштита на човековите права
Како своја суштинска мисија, новинарството ја има борбата против неправдите кои на граѓаните им ги нанесуваат разни државни институции, но и други општествени фактори. Но, освен што јавно објавуваат разни девијации на штета на граѓанинот, особено во општество со неконсолидирана демократија како во Северна Македонија, медиумите имаат професионална и етичка мисија и обврска да ги заштитат основните човекови права и слободи, без разлика дали се тие традиционални или нови медиуми, локални или национални медиуми, или пак јавни (јавни се користи за да ја објасниме вистинската мисија на Македонската радио телевизија, бидејќи таа во суштина не е тоа) или приватни (комерцијални).
Новинарството во функција на јавен интерес значи дека медиумите имаат општествена одговорност, почитувајќи ги човековите слободи и права. Ангажирано новинарство не значи само известување за кршење на човековите права, обично на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Новинарството значи и известување и интерпретирање, односно едукација на граѓаните за корпусот на права кои природно им припаѓаат, и кои државните и јавните, но и приватните институции и нивните вработени не смеат да ги прекршат од која било причина.
Меѓународната нормативно-правна рамка за медиумите и човековите права
Медиумите се многу моќен инструмент за гарантирање и унапредување на човековите права, како универзална и неоспорна категорија, меѓу кои е и правото на слобода на изразување, гарантирано со многу меѓународни документи или конвенции.
Универзалната декларација за човекови права[i], е усвоена на 10 декември 1948 година од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, а во својот вовед нагласува дека „создавањето свет во кој луѓето ќе уживаат во слободата на говорот е прогласено како највисока аспирација на секое човечко суштество“.
Правото на слобода на изразување „претставува еден од камен темелниците на едно демократско општество“, се наведува во Водичот за имплементација на член 10 од Европската конвенција за човекови права[ii], кој го носи насловот „Слобода на изразување“.
Во Водичот се вели: „Тоа е клучот за развојот, достоинството и исполнувањето на поединците, тоа е суштинска компонента на земја која ја цени правната држава и е основа за отворено и инклузивно општество. Ова право е признаено и во Универзалната декларација за човекови права“.
Член 19 од Меѓународниот пакт на ОН за граѓански и политички права
„Секој има право на слобода на мисла и изразување; ова право ја вклучува слободата на мислата без мешање, како и слободата да се бараат, примаат и пренесуваат информации и идеи на кој било начин, без оглед на границите“.
И Меѓународниот пакт на ОН за граѓански и политички права [iii], усвоен и отворен за потпишување, ратификација и пристапување од страна на Генералното собрание на Обединетите нации со Резолуцијата 2200 A (XXI) од 16 декември 1966 година, стапена во сила на 23 март 1976 година – се однесува на прашањето на слободата на изразување како основно граѓанско и политичко право.
Во членот 19 од овој Пакт се вели:
- Никој не може да биде вознемируван поради своите мислења
- Секое лице има право на слобода на изразувањето. Ова право, без оглед на границите, ја подразбира слободата на изноаѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усмена, писмена, печатена или уметничка форма, или на кој и да е начин по слободен избор.
- Остварувањето на слободите предвидени во точката 2 на овој член опфаќа посебни должности и одговорности. Следствено на тоа, тоа може да биде подложено на извесни ограничувања што мораат, меѓутоа, да бидат одредени со закон, а се потребни од причините:
а) на почитување на правата или угледот на други лица;
б) на заштита на државната безбедност, на јавниот ред, на јавното здравје и на моралот.
Вредноста на ова право е јасно изразена со широкото толкување на член 10 од Европската конвенција за човекови права[iv], од страна на Европскиот суд за човекови права. Како резултат на тоа, правото на едно лице на слобода на изразување веројатно ќе влијае врз уживањето на правата од Конвенцијата од страна на други лица, и затоа членот 10 не е апсолутно право. Во случај на интеракција помеѓу правата од Конвенцијата, потребна е рамнотежа меѓу нив. Оваа ситуација често се јавува во контекст на членот 8 – „правото на почитување на приватноста“.
Член 10 од Европската конвенција за човекови права
- Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации и идеи, без мешање на државните органи и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радиодифузна дејност, телевизија или кината да им наметнат режим на дозволи за работа.
- Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да подлежи на одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, спречување нереди или криминал, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на откривањето доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
Според публикацијата со наслов „Слободата на изразување и нејзиниот однос со правото на почитување на приватноста и правото на правилен процес“[v], објавена од страна на Четвртиот форум за владеење на правото во Југоисточна Европа чија цел е да се промовира имплементацијата на Европската конвенција за човекови права, член 10 служи за повеќе цели. За заштита на слободата на изразување се смета дека таа го промовира општественото и индивидуалното добро, како и дека е предуслов за ефективен демократски систем.
Судот декларирал дека:
„Слободата на изразување е еден од основните темели на едно демократско општество, еден од основните услови за негов развој и самоисполнување на секој поединец“.
Во основа, членот 10 е поврзан со остварувањето на човековите права во целост. Без слобода на изразување, кршењето на човековите права би можело да се занемари и злоупотребите од страна на државата би биле неконтролирани. Следствено, ќе има недостаток на универзална одговорност. Покрај тоа, ова право служеше како олеснувачка алатка во размената на културното, политичкото и општественото информирање.
Слободата на изразување промовира знаење, разбирање и толеранција во културолошки различни општества како што се тие во Европа.
Опфат на Членот 10
Националните власти треба да бидат свесни за широкиот опсег на примена на концептот на слободата на изразување. Членот 10 гарантира слобода на изразување за „сите“, вклучително и поединци и компании, дури и кога тие се занимаваат со профитабилни активности. Исто така, овој член гарантира слобода на изразување за широк спектар на информации или идеи, на пример на политичко, комерцијално, па дури и на поле на забавата.
Членот 10 од Конвенцијата ги штити информациите и идеите објавени на интернет страниците, чија важност беше истакната од страна Судот во последните години во контекст на практикувањето на слободата на изразување. Секое ограничување поставено над средствата за ширење информации или идеи претставува мешање во правото на размена на информации.
Државна нормативно-правна рамка за медиумите и човековите права
Човековите права во областа на медиумите се загарантирани со највисокиот правен акт на државата, Уставот на Република Северна Македонија.
„Член 16 од Уставот на Република Северна Македонија“[vi]
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.
Правна рамка за човековите права и медиумите
Правното регулирање на областа на медиумите се врши преку закони, кои во различни земји имаат различни називи, но иста цел: нормативно – законско дефинирање на областа на делување на медиумите, вклучително и ограничувањата кои треба да се постават исклучиво во интерес на јавноста и никогаш во служба на политиката или власта.
Правната рамка, која го регулира почитувањето на основните човекови права и слободи во медиумските содржини, е составена од два закони: Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои беа усвоени во 2013 година, при претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во координација со Здружението на новинарите на Македонија.
Во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги[vii] се посветува посебно внимание на заштитата на малолетниците, што е законско решение во целосна хармонија со меѓународните стандарди:
„Член 50 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
(1) Давателите на аудиовизуелни медиумски услуги не смеат да емитуваат програми кои можат сериозно да му наштетат на физичкиот, психичкиот или моралниот развој на малолетните лица, особено програми кои содржат порнографија или непотребно насилство.
(2) Непотребно насилство претставува ширење текстуални, вербални и визуелни пораки со кои, во термини од програмата што им се достапни на малолетниците се глорифицираат физички, вербални или психолошки облици на садизам или слични видови на насилство кое е цел самото за себе и на ниту еден начин не може да се оправда ниту преку контекстот на жанрот, ниту преку мотивите на драмското дејствие на прикажуваната програма.“
Забраната за програми кои му штетат на развојот на личноста на децата и малолетниците ја обврзува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Агенција за медиуми) да ги определи техничките мерки, периодите на емитување, звучното предупредување, визуелните ознаки и начинот на дејствување на давателите на медиумски услуги.
Според овој член, операторите на електронските комуникациски мрежи можат да емитуваат или реемитуваат програмски услуги со порнографија само во шифрирана форма, додека емитувањето или реемитувањето на детска порнографија е забрането.
и Законот за медиуми[viii] ги обврзува медиумите да обезбедат заштита на малолетниците, додека за разлика од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, овој закон се занимава и со печатените медиуми, не само со електронските.
„Член 6 од Законот за медиуми
(1) Печатен медиум со порнографска содржина мора да има видливо предупредување дека содржи порнографија, како и предупредување дека неговата дистрибуција, односно продажба е забранета за малолетни лица и да биде спакуван во проѕирна најлонска фолија.
(2) Издавач на електронска публикација е должен со помош на технички средства или со соодветна заштита за ограничување да оневозможи малолетните лица да имаат пристап до електронски публикации со порнографска содржина.
(3) Заштитата на малолетните лица при емитување на радио или телевизиски програми се обезбедува на начин утврден во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.“
Член 111 пак јасно ги дефинира основните стандарди и принципи на јавниот радиодифузен сервис, кој, меѓу другото, има професионална обврска да ги почитува човековите права и да не поттикнува етничка и верска омраза.
“Делови од членот 111 на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
При продукција или презентација на програмите, новинарите и уредниците во МРТ, како и лицата кои директно се инволвирани во производството и продукцијата на програмите во МРТ, покрај другото се должни да:
– ја почитуваат приватноста, достоинството, угледот и честа на индивидуата,
– се придржуваат кон начелото на уставност и законитост во формирањето на информациите и програмите, вклучувајќи ја забраната за поттикнување на културна, етничка, религиозна, полова, расна, национална или други форми на нетолеранција,
– да се придржуваат до принципот на политичка независност и автономија на новинарите;“
Човековите права во медиумското известување според Етичкиот кодекс на медиумите
Покрај законската регулатива, во земјава има и саморегулација на медиумите.
Во Водичот за саморегулација во медиумите[ix], публикација на ОБСЕ, се дава одговор на прашањето: зошто е корисна саморегулацијата во медиумите?
Преку поттикнување за создавање стандарди, саморегулацијата помага да се одржи довербата во медиумите од страна на јавноста. Ова е особено добредојдено во новите демократии, за повеќето од кои независниот печат е сè уште нов концепт.
Саморегулацијата на медиумите ѝ помага на јавноста да верува дека независните медиуми не се неодговорни.
Во исто време, саморегулацијата го штити правото на новинарите да бидат независни и да бидат осудувани за нивните професионални грешки, но не од власта, туку од нивните колеги.
Кога станува збор за исправање на фактичките грешки или за прекршување на личните права од страна на медиумот, прифаќањето на пресудата на органот за саморегулација го намалува притисокот врз судскиот систем да им суди на новинарите.
За да се примени концептот на саморегулација, потребно е да се почитува Етичкиот кодекс на медиумите, кој според авторот Јавуз Бајдар, во трудот насловен „Креирање етички кодекс за новинарството – основа за саморегулација на медиумите“[x], објавен во цитираниот Водич за саморегулација, јавно ги дефинира задачите, правата и обврските на новинарите, обезбедувајќи им насочувачки принципи за да ја вршат професијата што е можно подобро.
„Именувањето на овие кодекси варираат: етички стандарди, етичка повелба, кодекс на однесување, кодекс на практики, етички кодекс итн. Меѓутоа, сите тие имаат слична цел, да ја гарантираат автономијата на професијата и да му служат на јавниот интерес“, пишува Бајадар.
Според него, неизбежно е да има случаи кога новинарите треба да ги тестираат границите на својата слобода во име на заштита на јавниот интерес. „Ако новинарите работат во согласност со прифатените етички стандарди на однесување – засновани на точност, правичност, независност и одговорност – малку е веројатно дека ќе го прекршат законот. Етичкиот кодекс обезбедува предимство на слободата на печатот“, нагласува експертот за медиуми.
Етичкиот кодекс е моќен инструмент за саморегулација на медиумите, кој цели кон висококвалитетно новинарство, додека новинарите имаат чувство за професионална и етичка одговорност.
Според Бајдар, „Принципите на овој кодекс се во согласност со универзалните етички вредности на новинарството, познати и широко прифатени од медиумите и новинарските организации во демократските земји. Тие го сочинуваат камен-темелникот на демократскиот плурализам.“
Етичкиот кодекс на новинарите на Република Северна Македонија[xi], усвоен во 2001 година, кој во своите основни принципи дефинира дека „Следејќи ја својата улога во изградбата на демократијата и граѓанското општество, новинарите ќе ги штитат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеи и ставови, ќе придонесат кон зајакнување на правната држава и контролата на власта и другите субјекти на јавниот живот“.
Човековите права во Етичкиот кодекс на новинарите се опфатени или допрени во неколку членови:
“Член 7
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.
Член 10
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“
Толкувањето на Кодексот на новинарите во контекст на човековите права според Насоките за етичко известување на онлајн медиумите
Кодексот на новинарите се однесува на сите новинари и истиот важи за сите медиуми. Меѓутоа, за подобра и поефикасна примена на овој кодекс во онлајн сферата, неопходно е да се обезбедат релевантни толкувања и насоки за новинарите кои работат во онлајн медиумите. Под онлајн медиуми се подразбираат сите електронски публикации кои имаат посебни веб-страници на Интернет и кои објавуваат уредени актуелно-информативни новинарски содржини, посветени за пошироката јавност.
Потребата од изготвување на овие насоки произлезе од фактот што развојот на новите информатички и комуникациски технологии како и онлајн медиумите го сменија досегашниот начин на креирање и дистрибуција на информации и им претставија нови предизвици на професионалните новинари во однос на начинот на кој тие обработуваат и објавуваат теми при новинарското известување.
„Насоки за примена на членот 10 од Кодексот:
10.1.Имајќи ја предвид опасноста по поединците, групите или целото општество, онлајн медиумите нема никогаш да поттикнуваат омраза или нетрпеливост врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа..
10.2.Кога известуваат за проблемите на различните групи и заедници во општеството, онлајн медиумите ќе пристапуваат крајно внимателно, ќе употребуваат коректна и стандардизирана терминологија и нема да употребуваат навредливи коментари или изрази со кои несвесно ќе ги создаваат или ќе ги засилуваат стереотипиите за нив.
10.3. Онлајн медиумите ќе се трудат да ја зголемуваат свесноста за негативните последици од говорот на омраза, да го идентификуваат и разобличуваат таквиот говор, како и да ги посочуваат актерите што го продуцираат и се служат со него. Онлајн медиумите ќе создаваат содржини со коишто ќе се спротивставуваат на говорот на омраза и на дискриминацијата по различни основи.
10.4. Онлајн медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на вебстраниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството.
10.5.Во исклучителни случаи на екстремен говор на омраза од поединци или групи, обврска на онлајн медиумот е да ги критикува јавно нивните ставови нагласувајќи ги штетните последици од нив за пошироката заедница и за групите кон кои се изречени.
Насоки за примена на членот 7 од Кодексот:
7.1.Онлајн медиумите ќе избегнуваат да навлегуваат во приватниот живот на поединците, освен кога тоа не е битно прашање од јавен интерес и мошне внимателно ќе ги разгледаат причините за обелоденувањето информации од нечиј приватен живот, пред да одлучат да ја обработат темата. Притоа, секогаш ќе имаат предвид дека на прво место е јавниот интерес, а не љубопитноста на нивната публика.
7.2.Кога е во прашање известување за начинот на работење на носители на јавни функции, политичари или други јавни личности, информации за нивниот приватен живот ќе се објавуваат само кога е тоа од јавен интерес и во директна врска со темата за која се известува. Во известувањето нема да се споменуваат имиња на членови на нивните семејства, освен ако не се директно поврзани со настанот за кој се известува. Во известувањето воопшто нема да се објават лични податоци и информации кои може да ја нарушат приватноста на детето
7.3.Темите кои се однесуваат на лични трагедии секогаш ќе бидат внимателно обработувани, а на лицата погодени од трагедијата ќе им се приоѓа со сочувство и дискреција. При известувањето за несреќи, кривични дела, самоубиства или семејно насилство, нема да се објавуваат имиња и фотографии на жртвите. Нема да се објавуваат ниту податоци од кои индиректно би можел да се открие идентитетот на жртвата или сторителот, пред тоа официјално да го соопштат надлежните институции. Имиња и фотографии на исчезнати лица ќе се објавуваат само со дозвола на роднините или на надлежните органи вклучени во потрагата по исчезнатото лице.
7.4.При известувањето за самоубиства онлајн медиумите ќе пристапуваат мошне внимателно, проценувајќи дали информирањето за настанот е од јавен интерес и избегнувајќи да објавуваат имиња, фотографии и детални описи на околностите под кои се случил настанот. Медиумите треба да имаат предвид дека ранливите групи граѓани може да бидат под силно влијание на медиумските извештаи за самоубиства, и како последица на тоа да посегнат по својот живот, повторувајќи го истото дело, а особено доколку медиумот детално, сензационалистички и експлицитно го опишува делото.
7.5.Во известувањето за жртви на силување или жртви на сексуално насилство, идентитетот на лицата нема да се открива без согласност на жртвата, а кога станува збор за деца – без дозвола од родителите или старателите и самото дете (имајќи ја предвид возраста на самото дете), доколку постои јавен интерес и е во најдобар интерес на детето. Онлајн медиумот ќе овозможи повлекување на согласноста во секој момент, доколку тоа го побара родителот или старателот.
7.6.Онлајн медиумите нема да известуваат за здравствената состојба на некое лице (со физичка или ментална попреченост), без согласност на самото лице или на негов родител/старател. Редакцијата на онлајн медиумот внимателно ќе процени дали објавувањето податоци за здравствената состојба на некој поединец е прашање од јавен интерес.
7.7.Онлајн медиумите нема да објавуваат приватни податоци, статуси, видео-снимки, приватни фотографии и други лични објави на социјалните мрежи без согласност на авторот, доколку статусот на конкретната објава не е означен како “јавен”. Исклучок од ова правило се случаите кога јавниот интерес преовладува над правото на приватност и кога тоа е неопходно за целта и темата на известувањето. Во тие случаи редакцијата внимателно ќе одмери што е од јавен интерес и во која мера тоа го оправдува навлегувањето во правото на приватност на поединецот.
7.8.Доколку во рамки на приватните податоци и објави за едно лице се наведени и приватни податоци и записи за други лица, онлајн медиумите ќе ги избришат или исклучат тие податоци со цел да ја заштитат приватноста на другите лица, освен ако и во овој случај јавниот интерес не преовладува над правото на приватност.
7.9.Онлајн медиумите нема да пренесуваат информации за однесување, преписки и разговори поврзани со приватниот живот на поединци, освен ако јавниот интерес не преовладува над правото на приватност на личноста.
7.10.Онлајн медиумите нема да објавуваат фотографии на лица од приватни настани без нивна согласност, освен ако тоа не е од јавен интерес. При објавувањето фотографии направени на јавни места, онлајн медиумите ќе внимаваат да не ја повредат приватноста на лица кои случајно се нашле на фотографираната локација. Онлајн медиумите, пред да одлучат да објават фотографии од приватниот живот на носители на јавни функции, внимателно ќе одмерат дали постои јавен интерес што ја оправдува повредата на приватноста на носителот на јавна функција.
Медиумска саморегулација во функција на заштита на човековите права
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)[xii] е тело за саморегулација на медиумите и неговата активност главно се заснова на утврдување на јавни морални санкции за оние медиуми кои не ги почитуваат професионалните и етичките стандарди предвидени со Кодексот на новинарите, како и принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Советот се залага за унапредување на етиката и професионалните стандарди во медиумите, како за своите членови, така и за целата новинарска заедница во земјата.
Советот има за цел да придонесе за подобро разбирање на културата на саморегулација и за подигнување на нивото на професионалност, транспарентност и отчетност на медиумите.
Во 2023 година СЕММ ја одбележа седмата година од своето постоење. Главните напори на СЕММ беа ориентирани кон негово етаблирање во јавноста и подигање на свеста за важноста на етичкото новинарство и саморегулацијата.
Преку својата работа, СЕММ се залага да ги потсети медиумите на големата одговорност што ја имаат во однос на заштита и исполнување на јавниот интерес.
Во обидите да се афирмира саморегулацијата, СЕММ посветено работи на информирање на јавноста, која се повеќе реагира на случаите на непрофесионално известување.
За поплаки од публиката во врска со содржини објавени во печатени, електронски или онлајн медиуми одлучува Комисијата за жалби во својство на советодавно тело на СЕММ, а која се состои од седум члена. Во својата работа, членовите на Комисијата го користат Кодексот на новинарите и Декларацијата за принципи на Меѓународната федерација на новинарите. Покрај тоа, СЕММ е во редовна комуникација со Алијансата на независни совети за етика во медиумите во Европа AIPCE, чиј член е од октомври 2015 година, како и со Регионалната мрежа на етичките совети во медиумите MediaNethics, чии искуства и препораки овозможуваат полесно надминување на предизвиците при развојот на саморегулацијата во земјата.
Досегашната работа и одлуките на Комисијата за жалби имаат за цел да се почитуваат некои од основните принципи на новинарската етика.
Повредата на професионалните стандарди во медиумите во однос на човековите права под призмата на одлуките на Комисијата за жалби при Советот за етика
Според член 10 од Кодексот на новинарите, новинарот нема право во своите написи да користи говор на омраза или да поттикнува насилство и дискриминација по која било основа. Во Прирачникот за етика во новинарството[xiii] за спроведување на овој член е предвидено дополнително толкување. Дури се вели дека новинарите треба да внимаваат кога говорот на омраза доаѓа особено од јавни личности или претставници на јавни институции и во такви ситуации тие треба да го оспоруваат или критикуваат таквиот говор, а не само да го пренесуваат. Се вели и дека формата и жанрот во кои може да се презентира говорот на омраза може да бидат различни (информации, фотографија, мислење, коментар). Без разлика на формата или жанрот, новинарот дефинитивно мора да процени дали постои веројатност неговата објава да „предизвика непријателство или омраза кон некого поради раса, етничка припадност, пол, религија, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостатоци итн“.
Новинарите и уредниците мора да бидат многу внимателни и селективни кога станува збор за пораки кои содржат директен говор на омраза, поради фактот што Северна Македонија е поднебје со етничка и верска специфичност. За ова зборуваат случаите со изградбата на спомен – црквата на скопското Кале во 2011 година, протестите против изјавите на политичарите за убиствата кај Смилковското езеро во 2012 година, вокабуларот на поранешната министерка Јанкуловска во прислушуваните разговори објавени од опозицијата во 2015 година, паролите и пораките што беа нагласени при политичките протести и контрапротести во 2016 година итн.
Голем број граѓани и субјекти се жалат на кршење на човековите права и присуството на говор на омраза во медиумските содржини.
Комисијата за жалби, од формирањето на Советот за етика во медиумите, разгледала 632 претставки, од кои 66 немале основа за постапка за правна заштита, што значи дека има одобрено решенија за 560 приговори.
Од овие поплаки, во 47 од нив или 9% е констатирано дека е прекршен членот 10[xiv].
- 2014 година, 0 претставки
- 2015 година, 9 претставки за член 10
- 2016 година 7 претставки за член 10
- 2017 година, 7 претставки за член 10
- 2018 година 7 претставки за член 10
- 2019 година, 5 претставки за член 10
- 2020 година, 4 претставки за член 10
- 2021 година, 4 претставки за член 10
Најчесто, предмет на претставки е говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и врз основа на политичката определба на засегнатите поединци и групи. Најчесто говорот на омраза се користи од онлајн медиумите и од некои новинари кои се автори на емисии.
Еклатантни случаи на кршење на човековите права во медиумите
Случај 1: Народниот правобранител реагираше на етничката дискриминација во четири портали[xv]
Контекст
На 25.11.2014 година беа објавени четири слични написи на следните портали: Република го објави текстот со наслов „Кристијано Роналдо се запиша во прво одделение“ (фото), Прес24 го објави текстот со наслов „ФОТО: Кристијано Роналдо е од Шутка – фотографијата што ја насмеа Македонија“, Курир го објави текстот со наслов „ФОТО: Доказ дека Кристијано Роналдо е од Шутка“, додека Puls24 објави текст со наслов „Фото: Роналдо е запишан во прво одделение“. Во овие написи има фотографија од детето на која се гледа дел од евиденцискиот лист за основно училиште на ученик кој бил запишан во прво одделение во учебната 2014/2015 година.
Претставка
Претставката е упатена од заменичката на Народниот правобранител, Васка Б. Мустафа, во која се наведува дека со написите објавени на порталите „се потсмеваат припадниците на ромската заедница со објавување фотографии од евидентниот список за прво одделение на еден ученик и ироничен тон во значењето на имињата на Ромите, со кои ги именуваат своите деца“.
Одговор од медиумите
Канцеларијата на Советот за етика побара одговори од гореспоменатите портали.
Одговор испрати само главната уредничка на порталот Пулс24, Емилија Велиновска. Таа тврдеше дека станува збор за копирана содржина, додека пак фотографијата е преземена од Фејсбук. Понатаму, таа нагласува дека во секој случај е направен пропуст, без никаква намера за навреда.
Одлука на Комисијата
Претставката е прифатена. Кодексот на новинарите е прекршен во членовите 7, 9 и 10. Членот 7 се однесува на фактот дека новинарот ќе ја почитува приватноста на поединецот, членот 9 потврдува дека новинарот не смее да интервјуира или фотографира деца под 16 години без согласност на родители или старатели, додека членот 10 бара од новинарот да ги почитува правата и слободите, да не користи говор на омраза и да не поттикнува дискриминација по која било основа. Дополнително, Комисијата потсетува дека третманот на децата во медиумите е регулиран и со меѓународни документи и домашно законодавство, кои, меѓу другото, опишуваат дека не е дозволено да се манипулира со детските емоции или да се објавува идентитетот на детето без согласност на родителот или старателот.
Образложение на одлуката
Комисијата за жалби заклучи дека објавените написи не обработуваат теми од јавен карактер, туку напротив, објавуваат содржини што имаат за цел да привлечат читатели заради забава, без да се води сметка дали се повредени нечии права, во конкретниот случај – правата на детето од ромската заедница.
Случај 2: ОБСЕ за ТВ Сител[xvi]
Контекст
На 26 февруари 2015 година, во дневникот на ТВ Сител во 18:00 часот од Кавадарци се вклучи ТВ водителот Миленко Неделковски, во својство на член на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, при што искажа ставови кои содржат говор на омраза.
Претставка
Мисијата на ОБСЕ во Скопје на 4 март 2015 година поднесе претставка во врска со изјавата на Неделковски. ОБСЕ тврди дека изјавата на Неделковски, според која голем број луѓе, од кои повеќето новинари и политичари, треба „да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела, силна, армирана бетонска плоча, за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува“, како и другите негови забелешки, ја преминале црвената линија на говорот на омраза, нешто што не треба да се толерира. Во продолжение на писмото на Мисијата на ОБСЕ се наведува дека „забелешките на Неделковски се продолжение на негативните практики на говор на омраза, како дел од неговите редовни изјави“.
Одговор од медиумот
Канцеларијата на СЕММ, по приемот на претставката на 5 март 2015 година, оствари контакт со уредникот на вести на Сител, Валентин Николовски, а потоа следеше средба со одговорниот уредник на телевизијата Драган Павловиќ – Латас. По средбата, Латас во својот одговор рече дека Сител нема одговорност за изјавата на лицето, а која била дадена во директен пренос и за која уредникот на вестите Николовски веднаш се оградил од изјавата.
Во одговорот се нагласува дека апострофираниот случај не е дел од програмата на Сител, туку лична изјава на познат извор, дадена директно, а дека Сител нема никакво влијание врз изворот.
Одлука на Комисијата
Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите одлучи дека претставката на Мисијата на ОБСЕ е основана. Кодексот на новинарите е прекршен во членовите 10 и 11.
Образложение на одлуката
На состанокот на 20 март 2015 година, Комисијата за жалби ги разгледа тврдењата на подносителот на претставката, поточно Мисијата на ОБСЕ, одговорот на главниот уредник на ТВ Сител Драган Павловиќ Латас и ја разгледа предметната вест. Од видео материјалот на вестите на ТВ Сител емитувани на 26.02.2015 година, се докажа дека Миленко Неделковски, на новинарско прашање што ќе им порача на кавадарчани вечерта, одговара: „Да, ќе им порачам дека оваа финална битка на македонскиот народ со предавниците во своите редови траба да заврши на начин да треба сите тие предавници, гниди македонски, за жал македонски, да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела, силна, армирана бетонска плоча, за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува “.
По завршувањето на врската во живо, уредникот-водител лично и во име на ТВ Сител се огради од вокабуларот на Неделковски.
Комисијата го поздравува и го цени извинувањето на уредникот, но тоа не ја намалува тежината на говорот на омраза искажана од соговорникот. Комисијата при проверката на фактичката состојба ја зеде предвид целта, содржината и контекстот на изразувањето и можните последици. Утврдено е дека соговорникот имал намера да поттикне или оправда омраза кон лица кои припаѓаат на група со различни политички ставови од неговите.
Што се однесува до можните последици, Комисијата оцени дека дадените изјави, освен нарушување на достоинството на поединци, може да доведат и до нарушување на јавниот ред и мир, да поттикнат насилство меѓу одредени општествени групи, поточно кривично дело од омраза врз лица кои се предмет на таквиот говор.
Поради оваа причина, Комисијата оцени дека медиумот го прекршил членот 10 од Кодексот, според кој говорот на омраза е неспоив со новинарската етика. Етичките и професионалните правила на новинарите препорачуваат посебна одговорност за нивниот јавен говор, бидејќи нивните ставови имаат големо влијание врз обликувањето на јавното мислење.
Одлуки на Комисијата за жалби на СЕММ и Советот на честа на ЗНМ во 2023 година
За разлика од првите четири години од работата на Советот за етика во медиумите, во кои прекршувањето на принципите и стандардите на новинарството се однесуваа на незастапување на втора страна, мешањето коментари и вести и особено политичката неизбалансираност во известувањето. во последните три години, покрај случаите на прекршување на основите на новинарството, големо прекршување во медиумите има и на полето на стереотипи и говор на омраза кон маргинализираните групи.
За да ја илустрираме оваа констатација, издвојуваме неколку одлуки на Комисијата за жалби на Советот за етика и на Советот на честа на ЗНМ, усвоени во текот на 2023 година.
Случај 1: КВИР Центар за Сител телевизија
Комисијата на СЕММ на седницата одржана на 29.08.2023 година, врз основа на претставката на Здружението на сексуални и родови малцинства КВИР Центар против Телевизија Сител, излезе со став дека оваа телевизија не ги почитувала етичките стандарди при директниот пренос на вечерните вести од 31 јули 2023 и со ова го прекршила членот 10 од Кодексот.
Претставка
Во претставката се нагласува дека станува збор за вклучување на соговорник во вечерните вести на ТВ Сител, кој се декларирал како организатор на активноста „Илинденски марш“ и дал изјави кои се категоризираат како имплицитен говор на омраза. Според претставката, „Станува збор за реченицата, во која се нагласува дека „…за да бидете дел од маршот со коњи, мора да исполнувате одредени услови: да немате пороци и да не сте од ЛГБТ заедницата“. Во претставката се наведува дека новинарот не го идентификувал овој говор на омраза и не се оградил од него.
Одговор на медиумот
ТВ Сител, која има национална терестријална лиценца, не виде за соодветно да понуди одговор на претставката.
Мислењето на Комисијата за жалби
Комисијата со мнозинство гласови одлучи дека претставката е основана и дека е прекршен членот 10 од Кодексот.
Образложение на одлуката
Комисијата заклучи дека новинарот кој го водел разговорот, како и уредникот во студиото, морале да интервенираат кога соговорникот зборувал кој би можел да биде учесник во маршот и дека не ја поддржува ЛГБТ заедницата.
Случај 2: КВИР центар за порталот Off.net
Комисијата за жалби на СЕММ, на седницата одржана на 25 јули 2023, по претставка на Здружението на сексуални и родови малцинства „КВИР Центар“, одлучи дека порталот Off.net ги прекршил професионалните и етичките стандарди, дефинирани во Упатството за етичко известување во онлајн медиумите, бидејќи на својата Фејсбук страница под написот со наслов „За кого е всушност Прајдот“ не ги отстрани коментарите на читателите кои содржат експлицитен говор на омраза.
Претставка
Здружението на сексуални и родови малцинства „КВИР Центар“ на 11.06.2023 година поднесе претставка до Советот за етика за написот на порталот Off.net објавен во јуни. Според КВИР Центар, на страницата на порталот на Фејсбук, Off.net предизвикал бројни коментари со вокабулар кој повикува на насилство врз ЛГБТ заедницата и исмевање на поединци и групи, закани и повици за насилни дејствија.
Одговор на медиумот
Порталот не испрати одговор во врска со претставката.
Комисијата за жалби потврди дека порталот не го прекршил Кодексот со објавувањето на написот, но не ги отстранил бројните коментари со говор на омраза на Фејсбук страницата и со тоа го прекршил членот 10.4 од Упатството за етичко известување во онлајн медиумите и членот 20 од овие правила.
„20.2. Онлајн медиумот ќе ги отстрани сите коментари кои содржат: повици за насилство или други криминални дејствија, говор на омраза, дискриминација, закани и други форми на повреда на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без разлика дали се директно или индиректно поврзани со текстот или темата што ја обработува“.
Образложение на одлуката
На состанокот одржан на 25 јули 2023 година, Комисијата за жалби утврди дека порталот не ја испочитувал својата обврска за проверка и брзо отстранување на изјави кои имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици за припадниците на ЛГБТ заедницата.
Случај 3: Одлука на Советот на честа на ЗНМ за претставката на Рамадани против Вејсели
Советот на честа на ЗНМ на седницата одржана на 20.04.2023 година ја усвои одлуката според која се уважува жалбата на новинарот Ардит Рамадани против новинарката Лиридона Вејсели, главен и одговорен уредник на порталот „Без Цензура“ (Pa censurë).
Во претставката се наведува дека новинарката пишувајќи на социјалната мрежа Фејсбук за причините за бегството на децата од Чаир во Скопје, го нагласува фактот дека пред две недели „ги откриле меѓусебните чувства пред управата на училиштето“.
Според жалителот, се алудирало на сексуалната ориентација на девојчињата, што претставува повреда на нивното достоинство.
Во исто време на профилот на новинарката на социјалната мрежа Фејсбук беа објавени фотографии од девојките.
Советот на честа утврди дека членот 9 од Кодексот на новинарите им забранува на новинарите да интервјуираат или фотографираат деца под 16-годишна возраст без согласност на нивните родители или старатели, додека пак членот 7 утврдува дека новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста.
Советот на честа потврди дека објавувањето на фотографиите на децата е без никаква заштита, додека, иако не е опишана нивната сексуална ориентација, новинарката се занимава со шпекулации кои не претставуваат јавен интерес.
Повреда на правото на приватност под призмата на одлуките на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите
Во членот 7 се препорачува новинарите да избегнуваат навлегување во приватниот живот на личностите, освен ако однесувањето на јавна личност во приватниот живот има влијание врз јавниот интерес. Новинарот е должен и да ја почитува личната болка и жалост. Во Прирачникот за етика во новинарството се дадени детални насоки на што треба да внимаваат новинарите за да не го нарушат овој принцип, притоа имајќи го предвид јавниот интерес.
Новинарот Мирче Адамчевски во публикацијата со наслов Известување во интерес на јавноста[xvii]: Заштита на етичките принципи при известувањето преку работата на Комисијата за жалби“ пишува:
„Каде завршува приватноста и каде започнува јавниот интерес и обратно? Ова прашање е постојана новинарска дилема. Факт е дека постои една речиси невидлива граница која го дели приватното од јавното, која брзо се преминува, без разлика дали е оправдано или не“.
Поимот приватност, дури и нашироко, е дефиниран во Резолуцијата бр. 428 на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 1970-та година[xviii].
Правото на почитување на приватноста првенствено се заснова на правото на секој поединец да го живее својот живот со минимално мешање од другите.
Посебен проблем е приватноста на јавните личности. Тие исто така имаат право да ја заштитат својата приватност, но во многу помала мера од луѓето кои не се познати на јавноста. Во Резолуцијата бр, 1165 за правото на приватност од 1988-та година јасно е нагласено дека јавните личности мора да бидат свесни за својата положба во општеството, а тоа автоматски води кон зголемен јавен интерес за нивната приватност.
„Европскиот суд за човекови права во сите случаи поврзани со правата на приватност и слободата на изразување инсистира на изнаоѓање и воспоставување рамнотежа меѓу нив. Инаку, што се однесува до медиумите, овде нема нагаѓања. Правото на граѓаните за транспарентно и објективно информирање исто така значи известување за приватноста на јавните личности, особено на политичарите или другите јавни личности, но само кога за тоа постои јавен интерес. Медиумите се должни да го штитат и промовираат јавниот интерес, имено да служат само на интересите на јавноста. Кога се работи за заштита на приватноста, често се наидува на големо незнаење, но и на (не)намерно кршење на ова право. Медиумите често поради незнаење, а многу често и при потрага по сензации, жестоко се мешаат во приватноста на некои личности, особено во случаи на трагедии или болести. Особено загрижува нарушувањето на приватноста во онлајн медиумите. Поаѓајќи од ова, најголем дел од одлуките на Комисијата за жалби се однесуваат на повреда на приватноста во онлајн медиумите, што најчесто се прави преку преземање содржина и фотографии“, се вели во горенаведената публикација.
Одлуки на Комисијата за жалби на СЕММ поврзани со повреда на приватноста
Комисијата за жалби, од 560 разгледани поднесоци, во 33 или 7% потврдила повреда на принципот на приватност.
- 2014 година, 0 претставки
- 2015 година, 4 претставки за член 7
- 2016 година, 7 претставки за член 7
- 2017 година, 1 претставка за член 7
- 2018 година, 6 претставки за член 7
- 2019 година, 6 претставки за член 7
- 2020 година, 5 претставки за член 7
- 2021 година, 4 претставки за член 7
Општ заклучок е дека, според бројот на прекршувања на овој член, во споредба со другите, тоа се прави на пониско ниво, но тоа не значи дека ова прекршување е помалку важно од другите, бидејќи често се прави свесно, а поретко поради незнаење или невнимание на новинарот.
Во овој период, прекршувањата што ги прават некои медиуми се почесто се однесуваат на содржини копирани од социјалните мрежи и нивно пренесување преку сензационалистички наслови, без да се земе предвид дека со тоа се нарушува нечија приватност.
Содржините на социјалните мрежи може да се смета дека се во јавен домен. Меѓутоа, за користење на овие содржини за објавување во медиумите, мора да се добие претходна дозвола, само доколку јавниот интерес преовладува над правото на приватност.
Па така, во случајот Ангела Илиевска за Netpress.com.mk, поднесена е претставка за написите „Maкедонијаа – заложник на ќејфовите на Ванхоуте“[xix] и „ФОТО: Дали Ванхоуте прераснува во вистински идол во СДСМ?“[xx], објавено на интернет порталот Netpress.com.mk. Во претставката се тврди дека написите го нарушиле угледот на Илиевска како граѓански активист и млада личност. Исто така, се вели дека фотографијата е преземена од личниот профил и била грубо злоупотребена. Во прилог има и сексистички коментар во написот. Комисијата оцени дека кога ќе се поврзат фотографијата објавена во написот и сексистичките наоди дадени во прашална форма, тие го доведуваат во прашање достоинството на жалителката и нејзиниот углед во заедницата. Дополнително, авторот на написот не нагласил дека добил дозвола да се земат фотографиите на Илиевска од нејзиниот профил на социјалната мрежа Фејсбук. Како што понатаму заклучи Комисијата, личниот живот на подносителот на жалбата, кој не е ниту избран ниту именуван функционер, а објавувањето на нејзините лични податоци во форма на физиономијата забележана на фотографијата не може да се смета за прашање од јавен интерес што преовладува над нејзиното право на приватност, кое е загарантирано со Законот за заштита на личните податоци. Врз основа на ова, Комисијата утврди повреда на принципот на почитување на приватноста.
Инаку, според член 7 од Кодексот на новинарите, треба да се избегнува и објавување фотографии или снимање на лица кои починале, поради почитување на личната болка и жалост. Ова опфаќа и снимање на самоубиства, дури и ако се сторени на јавни места. Исклучок се случаите кога снимањето е сторено заради заштита на јавниот интерес и доколку засегнатите лица дадат дозвола за тоа.
Во случајот Даниел Калајџиски за Плусинфо.мк[xxi] е поднесена претставка за фотографиите „Страотна глетка од несреќната девојка во Градски парк (Галерија)” (содржината е избришана), објавена на интернет порталот Плусинфо.мк. Во претставката е наведено дека со објавувањето на фотографиите е нарушена приватноста и дека објавувањето на овие фотографии на починатото лице претставува непочитување кон лицето, како и непочитување на болката на семејството и роднините. Во одговорот на претставката од порталот беше истакнато дека „самозапалувањето на 45-годишната жена, како единствена од ваков вид во историјата на Македонија (…) претставува јавен настан, кои медиумите најчесто ги пренесуваат во писмена форма, со фотографии и со видео снимки“. На Комисијата од апострофираниот медиум и беа доставени медиумски адреси на кои може да се најдат и видат случаи на самоубиства низ целиот свет. Исто така, се додава дека „на фотографиите на Плусинфо нема доволно елементи за да се идентификува лицето на жртвата или состојбата во која таа е пронајдена“. При одлучувањето, Комисијата за жалби ги зеде предвид и препораките на Светската здравствена организација за спречување на самоубиства[xxii], каде што, меѓу другото, се наведува дека треба да се избегнува експлицитен опис на методот што се користи за време на самоубиство или обидот да се изврши истото, не треба да се користат фотографии или видео снимки од местото на самоубиството, особено кога тоа го прави местото и методот јасен за читателот или гледачот.
Комисијата за жалби утврди дека е прекршен Кодексот на новинарите и дека објавувањето на фотографиите на жртвата може дополнително да ја зголеми болката на нејзиното семејство и роднините, имено дека не се почитуваат личната болка и тага, без оглед на тоа што идентитетот на жената не беше објавен. Известувањето за настанот можеше да биде професионално и без објавување на фотографии од починатата.
Повреда на човековите права низ призмата на одлуките на Советот на честа при ЗНМ
Со цел да се имплементираат основните принципи на професионалното новинарство, во Северна Македонија се формирани саморегулаторни тела. Комисијата за жалби на СЕММ го следи спроведувањето на професионалните стандарди од страна на медиумите, додека Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија[xxiii] се грижи за спроведување на принципите на Кодексот од страна на новинарите.
Советот на честа на ЗНМ работи по принципот на испитување на поднесоците на оштетени граѓани, но и самоиницијативно разгледува многу случаи кога постои основано сомневање за прекршување на Кодексот, додека со Комисијата за жалби на Советот за етика работи исклучиво врз основа на поднесоци од граѓаните.
Како што е забележано во публикацијата од 2016 година, во коавторство на Марина Тунева и Фиљана Кока, со наслов „Етичко известување на медиумите во Европа и Македонија“[xxiv], евидентирани се и екстремни случаи на употреба на говор на омраза. Таква беше емисијата емитувана на Македонската радио-телевизија посветена на книгата „Крваво досие” од авторот Петар Поповски[xxv], во која гегите (Албанците) со квазинаучен и псевдоисториски пристап се претставени како криминогена нација.
„Советот едногласно дојде до заклучок дека во овој случај, под превезот на претставување научно истражување, публицитет и е даден на очигледно шовинистичка теорија која шири омраза и недостаток на етничка толеранција, што треба најстрого да се осуди“, одлучи саморегулаторниот орган на Здружението на новинари.
Најжестоките реакции на Советот по 2008 година се однесуваа на говорот на омраза и поттикнувањето насилство врз неистомислениците, новинарите и хомосексуалците. Последниве се сметаа за колатерална штета, затоа што пропагандистите на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребуваа предрасудите и стереотипите на општеството за хомосексуалците како маргинализирана група за да ги претстават сите критичари на Владата како „чудовишта“. Во сите овие случаи, Советот на честа заклучи дека таквата форма на изразување не може да се третира како право на слобода на говор, туку е негово негирање и злоупотреба.
Според публикацијата цитирана погоре, „Драстичното опаѓање на квалитетот на медиумското известување во Македонија настапува по 2012 година, кога политичката криза ескалира со оспорување на изборните резултати од опозицијата во 2014 година и масовните граѓански протести. Во овој период настапува јасна инструментализација на медиумите од страна на власта, која нив ги користи како пропагандно средство за одржување на власт и за пресметка со политичките противници, преку лична дискредитација, користење жесток говор на омраза и дискриминација по разни основи. Нова загрижувачка појава од овој период се координираните медиумски кампањи од провладините медиуми против опозицијата, други медиуми што ја критикуваат владата, претставници на граѓански сектор или државни институции што се надвор од контролата на власта. Овие лица од провладините медиуми се изложени на жесток говор на омраз и дискриминација и се атакува врз нивниот углед и достоинство претставувајќи ги како криминалци или предавници“.
Почитување на правата на децата во медиумското известување
Етичкиот кодекс на новинарите ја регулира и заштитата на правата на децата, онака како што се тие заштитени со законите што ја регулираат областа на медиумите.
“Член 9 од Кодексот на новинарите
Новинарот не смее да интервјуира или фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето. Истото се однесува и за лица со посебни потреби, кои не се во состојба свесно да расудуваат.“
Статистиката на Комисијата за жалби покажува дека во 2 случаи утврдила прекршување на член 9 од Кодексот на новинарите.
Првиот случај е Фиљана Кока против забавниот портал Мотика во врска со написот со наслов „Си земав јас бурек, си размислив убаво”: малиот Петар стана легенда со неговото интервју за извидници“, објавено на 29.11.2021. Иако контактиран од канцеларијата на Советот за етика, овој портал воопшто не одговори на новинарските тврдења.
На седницата одржана на 17.12.2021 година, Комисијата за жалби, по разгледувањето на претставката на новинарката Фиљана Кока, констатира дека со написот е прекршен член 9 од Кодексот на новинарите.
Станува збор за кратко видео во кое е интервјуирано дете, а кое привлече големо внимание во јавноста. Видеото стана вирално на социјалните мрежи. Комисијата констатира дека лицето на детето не е заматено, а во материјалот се откриени неговото име и презиме, што може да предизвика негативни ефекти врз него.
Ставот на Комисијата е дека преобјавувањето на содржина копирана од социјалните мрежи не го ослободува порталот од одговорност. Порталот морал да бара согласност од родителите дури и за повторно објавување на материјалот, додека новинарот не смее да интервјуира или фотографира деца под 16 години, без согласност на родителите или старателите.
Вториот случај е претставката на граѓанката Ивана Димитровска, кој реагираше на написот со наслов „Не сум виновна, ни мајка“, објавен на 27.06.2016 година на порталот на тогашниот весник Утрински весник, како и на 28 јули. Како што потврдува агрегаторот на вести Time.mk, оваа вест беше објавена од многу медиуми.
Новинарот на Утрински весник ја искористил објавата на мајка на девојче на Фејсбук, која била вербално малтретирана од повозрасно лице, повикувајќи ги другите родители да бидат внимателни со своите деца.
Комисијата за жалби утврди дека порталот со објавување на идентитетот на малолетничката го прекршил членот 9 од Етичкиот кодекс на новинарите, бидејќи и Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето потврдува дека е строго забрането да се манипулира со детските емоции, да се инсистира да се доживее повторна траума и да се открива идентитетот на децата. Одговорноста за овој пропуст е на медиумот и новинарот.
Улогата на медиумскиот омбудсман: Саморегулација во една медиумска институција
За разлика од етичките совети, кои ги опфаќаат сите или дел од медиумите во една земја, во одреден медиум може да работи медиумски омбудсман, кој, како што објасни омбудсманот на францускиот весник Л’ Монд, Вероник Маурус во нејзиниот напис во публикацијата „Водич за саморегулација во медиумите“[xxvi], на шведски значи „претставник“, нашироко е адаптиран од другите јазици со значење „посредник“, кој ги истражува жалбите на граѓаните.
Таа понатаму објаснува дека „тие служат како мост меѓу персоналот на медиумската организација и публиката, ги добиваат нејзините коментари и поплаки и се обидуваат да ги решат споровите меѓу двете страни“, додека врз основа на своето искуство дава одговори во однос на должностите и одговорностите што ги носи оваа позиција, која во Северна Македонија не функционира во ниту еден медиум.
„Какви функции има омбудсманот?
Омбудсманот промовира дијалог меѓу оние што го читаат, слушаат и гледаат медиумот и оние што работат за него. Идејата е да се понуди контакт со корисниците и, преку поттикнување на самокритиката, подобрување на кредибилитетот на медиумите, особено ако нивната репутација не е најдобра.
Која е главната улога на омбудсманот?
Омбудсманот гарантира почитување на правилата и обичаите воспоставени од медиумот, обезбедувајќи еден вид внатрешна контрола на квалитетот. Станува збор за непишан договор со публиката за:
- Обезбедување информации на што е можно попрецизен, сеопфатен и јасен начин;
- Разликување меѓу информација и коментари;
- Корекција на грешките;
- Одразување на мноштвото и различните мислења;
- Гарантирање дека правата на поединците не се прекршени и дека се почитува нивната приватност.“
Препораки за етичко известување за деца и млади
Согледувајќи ја потребата медиумите да се придржуваат до највисоките етички и професионални стандарди за известување за деца и млади, како и активно да придонесуваат во напорите за подобрување на средината за заштита и унапредување на нивните права, Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), во партнерство со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, врз основа на меѓународните конвенции, Законот за правда за деца, Кодексот на новинарите и Упатството за професионално известување во онлајн медиумите, ги објавија следните препораки[xxvii]:
- Да се почитува и афирмира достоинството на децата и младите, како и да се застапуваат и унапредуваат нивните права и интереси во сите околности на новинарското известување;
- Да не се дискриминираат децата и младите по ниту една основа (пол, род, етничка припадност, возраст, верска припадност, образование, физички способности, итн.);
- Да се известува на начин којшто е ослободен од стереотипи и сензационализам, со почитување на приватноста и зачувување на честа и угледот на децата и младите;
- Да се овозможи соодветна примена на правото на децата и младите да ги искажат своите гледишта, во согласност со нивната возраст и зрелост и истите да бидат земени предвид во новинарското известување;
- Да се обезбеди право на пристап до медиумите и медиумските содржини на децата и младите, секогаш кога тоа е возможно, за да го изразат своето мислење без какво било влијание, со што би се одбегнало маргинализирање на темите поврзани со децата и младите во секојдневното известување;
- Да се гради и применува уредувачка политика на медиумите која ги става во преден план потребите и најдобрите интереси на децата и младите, како и континуирано и конзистентно да се следат информациите и настаните поврзани со деца и млади, со нагласена едукативно-превентивна улога на медиумите;
- Да се воспостават механизми во медиумите за заштита на децата и младите од медиумско известување кое се заснова на дезинформации, политичка пропаганда и агитација, економска манипулација, порнографски содржини, религиозен фанатизам, создавање и подгревање на стереотипи и дискриминација по сите основи;
- Да се обезбеди заштита на приватноста на децата и младите кога за нив се известува како жртви или кога тие се јавуваат како извори на информации, односно да не се открие нивниот идентитет (на пример, преку откривање информации за семејството, местото на живеење, училиштето и сл.);
- Да не се користат фотографии, изјави и видео – записи од деца и млади без согласност од родител/старател/институција-старател. Едновремено, медиумот да го задржи правото да не ја објави информацијата доколку процени дека со тоа ќе се направи поголема штета, односно малолетникот ќе се изложи на ризик и покрај претходно добиената согласност;
- Да се замагли ликот и името на децата и младите, освен кога се работи за информации и настани со позитивен контекст и тоа со претходно добиена согласност од детето, родителот/старателот/институцијата-старателот;
- Да се почитува презумпцијата на невиност кај децата и младите, подеднакво како и за возрасните, како што е уредено со Етичкиот кодекс на новинарите и како загарантирано уставно право во Р. Северна Македонија.“
Заклучоци
Сите меѓународни документи им гарантираат на граѓаните заштита на основните човекови права и слободи во медиумските содржини, додека Европскиот суд за човекови права, врз основа на член 10 од Европската конвенција за човекови права, ја гарантира слободата на изразување, која се протега на многу полиња и е загарантирана за многу категории луѓе.
Нормативните правни акти на Северна Македонија, како што се Уставот на Република Северна Македонија и законите што ја регулираат новинарската дејност, како што се Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, гарантираат заштита на човековите права и слободата на изразување како универзални категории.
Медиумската саморегулација, како механизам кој има за цел да имаме одговорни, етички и професионални медиуми, има мисија да ги почитува културните и верските разлики, со цел зајакнување на меѓуетничкото и меѓурелигиското разбирање и толеранција и особено заштитата на граѓаните, посебно на малолетниците во медиумските содржини, заштита од дискриминација по различни основи, како и почитување на забраната за говор на омраза. Тоа значи почитување на Етичкиот кодекс во медиумите, кој содржи неколку важни одредби посветени на човековите права.
За прекршувањето на Етичкиот кодекс во медиумите, граѓаните, без разлика дали се засегнати поединечно или не, можат да реагираат до двете саморегулаторни тела: Советот на честа на ЗНМ и Комисијата за жалби на СЕММ, со поднесување претставка во која се споменуваат членовите од Кодексот за кои се смета дека се прекршени со некоја одредена содржина, додека телата за саморегулација одлучуваат дали се прекршени или не апострофираните членови или пак се прекршени сосема други. СЕММ усвојува одлуки за приговорите за медиумите што се негови членови, а мислењата на медиумите кои не се членки на СЕММ ги објавува на својата веб-страница и социјалните мрежи и ги проследува до сите медиуми во форма на соопштенија.
Комисијата за жалби и Советот на честа често наидуваа на прекршување на членовите поврзани со човековите права, како што се член 7 (заштита на приватност), 9 (заштита на деца) и 10 (забрана на говор на омраза и дискриминација).
И покрај постигнатите резултати, останува медиумската заедница да направи многу повеќе во однос на зајакнувањето на медиумската саморегулација.
Во некои медиуми во светот, иако не во голема мера, функционира и омбудсманот или посредникот меѓу публиката и медиумите, позиција која делува во рамките на конкретен медиум и која може да го подобри квалитетот на новинарството, да ги демократизира повеќе медиумите и да влијае на исправање на новинарските и уредничките грешки, со цел да му служи на јавниот интерес и заштитата на основните човекови права и слободи.
Медиумите имаат обврска да не известуваат за човековите права не само на Меѓународниот ден на човековите права, туку систематски да известуваат за повреди на различни човекови права, како и да придонесат за подигнување на совесноста и свесноста на граѓаните за неповредливоста на правата, кои на секој човек му припаѓаат природно, односно од самото раѓање.
(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)
Референци:
[i] Види: Универзална декларација за човекови права, достапно на https://www.un.org/en/about-us/universal-declaration-of-human-rights
[ii] Види: Водич за членот 10 од Европската конвенција за човекови права https://www.echr.coe.int/documents/d/echr/guide_art_10_eng
[iii] Види: Меѓународен пакт за граѓански и политички права, достапно на https://www.ohchr.org/en/instruments-mechanisms/instruments/international-covenant-civil-and-political-rights
[iv] Види: Европска конвенција за човекови права, достапно на https://www.echr.coe.int/documents/d/echr/convention_ENG
[v] Види: Судската пракса на Европскиот суд за човекови права: слободата на изразување и нејзиниот однос со правото на почитување на приватноста и правото на правично судење, достапно на: https://www.rolplatform.org/the-jurisprudence-of-the-european-court-of-human-rights-freedom-of-expression-and-its-relationship-with-the-right-to-respect-for-private-life-and-the-right-to-a-fair-trial/
[vi] Види, Устав на Република Северна Македонија, достапен на https://www.sobranie.mk/content/Odluki%20USTAV/UstavSRSM.pdf
[vii] Види, Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
[viii] Види, Закон за медиуми, достапен на: https://avmu.mk/%D0%B7%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D0%BD-%D0%B7%D0%B0-%D0%BC%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%83%D0%BC%D0%B8/
[ix] Види, Водич за саморегулација на медиумите
[x] Види: Упатство за саморегулација на медиумите, Јавуз Бајдар, „Креирање етички кодекс за новинарството, Основа за саморегулација на медиумите“, стр.21, објавена од Канцеларијата на Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, 2008 г., достапно на: https://www.osce.org/files/f/documents/5/3/316171.pdf
[xi] Види: Кодекс на новинарите на Македонија, ЗНМ, 2001г., достапен на: https://znm.org.mk/kodeks-na-novinarite-na-makedonija/
[xii] Види: Совет за етика во медиумите на Македонија, semm.mk
[xiii] Види: Прирачник за етика во новинарството, достапно на: https://znm.org.mk/wp-content/uploads/2020/07/Priracnik-za-etika.pdf
[xiv] Види: Статистички информации за претставки до СЕММ, достапни на: https://complaints.semm.mk/
[xv] Види: Одлука на СЕММ, јануари 2015 година, достапно на https://semm.mk/attachments/Naroden%20prvobranitel%20Vs.%20republika.mk,%20pres24.mk,%20kurir.mk,%20puls24.mk%20i%20dr.pdf
[xvi] Види ја одлуката на СЕММ, март 2015 година, достапно на https://semm.mk/attachments/OBSE%20Vs.%20Sitel.pdf
[xvii] Види, „Известување во интерес на јавноста – Заштита на етичките принципи на известувањето низ работата на Комисијата за жалби и поплаки“, д-р Сефер Тахири, Мирче Адамчевски, СЕММ, март 2017 г., достапно на: https://www.semm.mk/attachments/izvestuvanje-vo-interes-na-javnosta.pdf
[xviii] Види: Резолуција 1165 (1998) финална верзија, Парламентарно собрание на Советот на Европа (Right to Privacy, Council of Europe) , достапно на: https://assembly.coe.int/nw/xml/XRef/Xref-XML2HTML-en.asp?fileid=16641&lang%20=en
[xix] Види Нетпресс.мк, 26.10.2015: Mакедонија – заложник ќејфовите на Ванхоуте
[xx] Види Нетпресс.мк, 26.10.2015 ФОТО: Дали Ванхоуте прераснува во вистински идол на СДСМ?
[xxi] Види ја одлуката на СЕММ, 21.07.2015 година, за предметот Даниел Калајџиевски за Плусинфо.мк
[xxii] Види ги препораките на Светската здравствена организација за спречување на самоубиства
[xxiii] За повеќе информации, посети ја интернет страницата на ЗНM: https://znm.org.mk/sovet-na-chest/
[xxiv] Види: „Етичко медиумско известување во Европа и Македонија“, Марина Тунева и Фиљана Кока, Фондација Конрад Аденауер и ЗНМ, декември 2016 г.
[xxv] За повеќе, види: http://nemrazi.mk/znm-2007-06-11-emisija-za-mijatsite-na-mtv/
[xxvi] Види „Водич за саморегулација во медиумите“, група автори, ОБСЕ 2017, достапно на: https://www.osce.org/files/f/documents/5/3/316171.pdf
[xxvii] Види https://www.semm.mk/attachments/24-11-2021/%D0%9F%D0%A0%D0%95%D0%9F%D0%9E%D0%A0%D0%90%D0%9A%D0%98%20%D0%97%D0%90%20%D0%98%D0%97%D0%92%D0%95%D0%A1%D0%A2%D0%A3%D0%92%D0%90%D0%8A%D0%95%20%D0%97%D0%90%20%D0%94%D0%95%D0%A6%D0%90%20%D0%98%20%D0%9C%D0%9B%D0%90%D0%94%D0%98.pdf