Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Студија на случај на ИМА: Како инцидентот во „Само вистина“ на ТВ Канал 5 ја продлабочи медиумската и општествената поларизација

Пишуваат: ЉУБИША АРСИЌ и ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Во првиот дел од оваа студија на случај за инцидентот во „Само Вистина“, Институтот за медиуми и аналитика ИМА го дефинира медиумско-политичкиот контекст, проверува во кое својство се јавуваат главните актери во инцидентот, ја анализира содржината на дебатната емисија, и го детектира карактерот на инцидентот во „Канал 5“, кој придонесе за продлабочување на медиумската и општествена поларизација. Во овој дел на студијата на овој случај се вклучени и реакциите на новинарските организации, како и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Медиумско-политички контекст: Длабока медиумска и политичка поларизација

Во македонските медиуми се детектирани разновидни проблеми – широкораспространети дезинформации, недостиг од професионализам, опадната доверба, популистичка комуникација, високи нивоа на поларизација, и друго.[i]

Во Извештајот на ЕК за 2023, во Северна Македонија е констатирано не само продлабочување на политичката поларизација, туку и длабока медиумска поларизација.[ii]  Покрај тоа, во Извештајот се укажува и на можностите што ги имаат медиумските сопственици да влијаат на уредувачката политика.[iii]

И започнувањето на преговорите со ЕУ беше проследено со нов бран на општествена поларизација – јавната дебата во врска со т.н. „француски предлог“ и уставните измени беше поларизирана и обременета со говор кој поттикнува омраза, нетрпеливост, напати и насилство.[iv]

Токму затоа, Институт за медиуми и аналитика ИМА Скопје се придружи на кампањата #деполаризирајсе, и упати конкретна препорака до медиумите за деполаризација:

Медиумите, како и сите други општествени чинители, треба да дадат свој придонес за деполаризација на јавниот дискурс; воздржувајќи се од говор кој поттикнува на омраза, насилство, дискриминација или општествена поларизација“.[v]

Истата препорака беше упатена и до државните функционери, политичарите и другите јавни комуникатори и имаше пробив во медиумите.[vi]

За жал, како што може да се види во оваа студија на случај, веднаш по препораките за деполаризација (кои претходно ги давале и други организации), истите не беа испочитувани ниту од националната ТВ Канал 5, ниту од други јавни комуникатори, кои го искористија инцидентот и конфликтот во „Само вистина“ за натамошно продлабочување на медиумската и општествената поларизација.

Оваа студија на случај не е само предупредување дека медиумите и понатаму можат да претставуваат сериозен извор на поларизација. Кога ваков настан се случува во еден влијателен национален медиум, тој се шири низ целото општество и предизвикува голем број реакции, кои исто така може дополнително да ги продлабочат општествените поделби. Затоа е неопходно новинар(к)ите, уредниците на медиумите, но и нивните директори и сопственици, да ја сфатат значајната улога на медиумите во правец на смирување на поделбите во општеството, за да бидат на ниво на своите професионални задачи.

Во кое својство бил поканет гостинот Исмет Рамадани во „Само Вистина“ на Канал 5?

Одговорот на ова прашање e битен, со оглед на тоа што во јавноста се постави дилема во кое својство гостувал Рамадани во „Само вистина“. Токму затоа, првото нешто што го провери ИМА е како Исмет Рамадани бил претставен во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Првиот утврден факт е дека Исмет Рамадани бил претставен во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5 како претседател на Евро–Атлански совет на Македонија. Овој факт се потврдува со кајронот на почетокот на емисијата, кога Исмет Рамадани започнува со одговор на првото новинарско прашање, а на кој е потпишан како „претседател на Евро-Атлански совет на Македонија“.[vii]

Скриншот од „Само вистина“: Исмет Рамадани – претседател на Евро-Атлански совет на Македонија

Исто така, беа утврдени и други битни факти – дека Исмет Рамадани не гостувал за првпат во „Само вистина“ како „претседател на Евро-Атлански совет на Македонија“. Пребарувањето на Youtube открива видеа од повеќе гостувања на Исмет Рамадани во емисијата „Само вистина“ во последните неколку години.

Неспорно е дека во секое од овие гостувања на „Само вистина“, тој бил најавуван како претседател или претставник на Евро-Атлански совет на Македонија.

Скриншотови од други гостувања на Исмет Рамадани во „Само вистина“ како претседател на Евро-Атлански совет на Македонија

Оттаму, може да се изведе заклучок дека Исмет Рамадани гостувал во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5 на 01.11.2023 во својство на претседател на невладината организација, Евро–Атлански совет на Македонија, како што бил претставуван и во повеќе претходни гостувања во истата емисија.

Евро-Атлантскиот Совет на Македонија е невладина организација формирана 1997 година во Скопје, фокусирана на евро-атлантските интеграции и промоциjа на евро-атлантската идеја и вредности во нашето општество. Во 2023, Евро-Атлантскиот Совет на Македонија проби во медиумите и со проектот „Зголемување на свеста за хибридните закани: Јакнење на отпорноста во Западен Балкан“, кој не беше наменет само за граѓански активисти и млади лидери, туку и за новинари.[viii] Оттаму, може да се заклучи дека гостинот во емисијата, Исмет Рамадани е релевантен соговорник не само за теми поврзани со евро-атлантските интеграции, туку и за теми поврзани со хибридните закани и медиумските дезинформации.

Вжештување на атмосферата во „Само вистина“ на теми во врска со евро-интеграции и руско влијание

Како настана конфликтот во студиото на „Само вистина“ што кулминираше со барање од директорот на Канал 5 до претседателот на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија да ја напушти „Само вистина“ и до прекин на емисијата?

Од најавата на емисијата „Само вистина“, може да се види дека гостите биле поканети да ги коментираат пораките на претставниците на ЕУ, темите уставни измени и избори, како и промените во Кривичниот Законик и амнестијата.[ix]

Покрај Исмет Рамадани, во емисијата „Само вистина“ гостува и новинарот Горан Момироски, а водител е новинарот Александар Видиновски. На почеток се води дебата околу евроинтеграциите на државата. Рамадани го брани ставот дека ВМРО-ДПМНЕ декларативно зборува за ЕУ, но со постапките се противи на евроинтеграциите, преземајќи индикативни чекори кои одат против државните заложби. Тој потсетува на настапите на партискиот лидер Христијан Мицкоски, во кои постојано повторува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени, иако тоа е единствениот услов за продолжување на преговорите со ЕУ.

Според Рамадани, руско–бугарски структури во опозициската партија го попречуваат европскиот пат на државата. На ова силно се спротивставува новинарот Момироски, кој неколку пати повторува дека Рамадани мора пред јавноста да објави на кои руско–бугарски структури мисли. И тука започнува вербалното конфронтирање, кое доведува до вжештување на атмосферата.

Момироски тврди дека Рамадани манипулира кога зборува за руско–бугарски структури во ВМРО-ДПМНЕ и изнесува став дека СДСМ и ДУИ се оние кои соработуваат со руски олигарси околу купување нафта. Додека Рамадани потсетува на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен дека ЕУ е отворена за Македонија и македонскиот идентитет, Момироски тврди дека власта е виновна што во 2019 година државата не добила датум за преговори.

Од темата за евроинтеграции, дискусијата преминува на судството. И тука, двајцата соговорници на „Само вистина“ имаат спротивставени ставови, во вжештена атмосфера. Рамадани зборува дека судството 30 години не може да се ослободи од политички влијанија и дека во моментов Врховниот суд е под притисок да ја воскресне аболицијата на Ѓорге Иванов. Негова претпоставка е дека притисоците стигаат од повеќе места, но дека не е исклучено да стигаат и од структури на ВМРО-ДПМНЕ блиски до Никола Груевски, кои имаат интерес нивниот поранешен претседател да биде ослободен од одговорност. Момироски се спротивставува со тврдење дека сите притисоци во судството, вклучително и оние кон Врховниот суд, стигаат од премиерот, од Владата и од членови на ДУИ, но не и од ВМРО- ДПМНЕ.

Разгорување на расправата помеѓу гостинот Рамадани и водителот Видиновски на теми во врска со меѓуетнички односи, националистички изливи, и говор на омраза

Вжештената дебата на теми во врска со евро-интеграциите, судството и владењето на правото, станува уште пожешка откако Видиновски поставува прашање во врска со меѓуетничките односи, тема која не е содржана во најавата на емисијата.[x]

Конфронтацијата помеѓу Рамадани и Момироски, водителот Видиновски се обидува да ја смири со онлајн вклучување на аналитичарот Агим Јонуз, прашувајќи какви импликации ќе има по меѓунационалните односи евентуалното пропаѓање на уставните измени, „имајќи ги предвид изјавите кои што ги слушаме последните месеци од некои политичари од албанскиот политички блок“. Но, поради технички проблеми, коментарот на Агим Јонуз е прекинат.

Во тој момент, со реакција се вклучува гостинот Исмет Рамадани со следното лично укажување до водителот:

„Само едно, како да ти кажам, укажување до тебе. Овие „албанскиве, албанскиве“, многу еднострано, те следам и во други емисии. Затоа што вакви изливи, националистички, во континуитет имаш и во опозицијата македонска. Немој цело време, „албанските политичари“, „албанските политичари“. Што изјави имаме ние во континуитет, со години, кога немаше вакви изјави од Албанците од никоја партија – од Левица и од структури на ВМРО-ДПМНЕ. Знаеш ти дека во водството на ВМРОДПМНЕ имаш три-четворица луѓе кои ги памтам јас од 90-тите години кои настапуваа против Педагошки факултет со парола „Гасни комори за Албанците“…

Водителот Видиновски се обидува да реплицира: „Конкретно тие прашања сум ги поставувал тука ако сте ги следеле…“

Гостинот Рамадани продолжува: „Не, чекај, чекај, тој утре, тој може да биде министер за надворешни работи… И сега и прашањето кога го поставуваш, а те следам и неколку пати тоа го повторуваш, ова не се случува само од политичари Албанци, дури велам, во последно време во континуитет имаш ти такви – па ти од Апасиев, какви изјави имаш? Од неговите, од Бачев и од други, од структури од ВМРОДПМНЕ – кон Албанците.“

Во текот на излагањето Рамадани е прекинат од гостинот Момироски„Какви изјави…?“.

Новинарот Видиновски реагира: „Чекај, нека доврши ќе кажам…“.

Момироски продолжува: „Повелете, кажете една изјава, кажете“.

Видиновски реагира: „Не, не, само малце, дека беше лично на мене морам сега да кажам…“.

Гостинот Рамадани продолжува со своето укажување:  „Не, не, не, да ти кажам дека…“

Видиновски: „Ај довршете, да ви кажам…“

Рамадани: „…вакви изливи националистички во вакви ситуации имаш од двете страни, немаш само кај Албанците, затоа што ние сме навикнати некако, само кога е национализам да ги напаѓаме Албанците. Мислам дека во континуитет, ти поекстремна и националистичка партија, од некои партии во македонскиот блок, сега кај Албанците веќе немаш. Немаш такви партии. Имаше порано можеби, меѓутоа такви немаш. И, ве молам, да бидеме праведни, затоа што знам јас каде е проблемот, ние уште по дифолт, или така живееме во некој… кога Албанецот беше Шиптар, кога Албанецот не беше на ниво како што е сега – и министер за надворешни, потпретседател на влада, и во судството и во сè. Заборавете го тоа, сфатете го тоа реално дека Албанците се на ниво каде што можат политички да се носат со…“.

Во тој момент Рамадани е прекинат од Видиновски: „Тоа никој не го рече… Може, сега, ве дослушав, ве молам сега да ми дадете време… бидејќи бев лично посочен… Господине Рамадани, 3 минути зборувате…

Рамадани кусо му реплицира: „Не не, Националистите, не ТИ, националистите тоа…“.

Видиновски му возвраќа: „Ме бевте посочиле мене, мојата телевизија и мојата емисија, конкретно мене… Сте гледале доволно да дадете квалификација за мене. Ви кажувам дека секогаш кога имало националистички изјави од било кого, секогаш сме ги коментирале…

Тогаш Рамадани му се уфрла со прашање на Видиновски: „Ја водеше ли ти емисијата кога овој кога рече ќе ги згазиме Албанците како жаби. Ти ја водеше ли?[xi]

Видиновски: „Да, и реагирав, и реагирав, погледнете ја.

Рамадани: „Не реагираше…“

Конфронтацијата помеѓу Рамадани и Видиновски започнува со укажување до водителот од страна на гостинот, кој потсетува на националистички пароли со етнички говор на омраза од 1990-тите. Расправата помеѓу гостинот Рамадани и водителот Видиновски се разгорува кога Рамадани му укажува дека немало реакција на „националистички изливи“ во негова емисија, и дека „вакви изливи националистички во вакви ситуации имаш од двете страни, немаш само кај Албанците“. Видиновски тврди дека „секогаш кога имало националистички изјави од било кого, секогаш сме ги коментирале…“, по што Рамадани му посочува конкретен пример за „националистички излив“ против Албанците во негова емисија, тврдејќи дека немало реакција.

Со оглед на тоа што разрешувањето на оваа дилема е од клучно значење за разбирање на конфликтот и прекинувањето на „Само вистина“, ИМА изврши мониторинг и на споменатата претходна емисија на „Само вистина“, разгледувајќи го прашањето дали имало националистички изливи и истапи неа, дали имало говор на омраза, и дали имало соодветна реакција на водителот.

Имало ли соодветни реакции на водителот (и на директорот на Канал 5) на милитантни и екстремистички ставови во „Само вистина“?

Канал 5, во вестите на 2.11.2023 емитува тенденциозна најава „Бура реакции по настапот на Рамадани во „Само вистина“ (четврта вест во најава), со клучна порака „Канал 5 сè уште чека извинување од Рамадани“. Во најавата на вестите е и водителот Видиновски со следната изјава: „Искрено сум разочаран бидејќи верував дека времето на означување и квалификација на новинари и медиуми, паушално, дека е зад нас.“[xii]

Во шестминутниот прилог на Канал 5 на ударните вести се тврди дека „бројни реакции во јавноста предизвикаа ставовите на првиот човек на Евро-атланскиот Совет Исмет Рамадани…“.

Значи, неспорно е дека и за Канал 5, еден ден по прекинувањето на „Само вистина“, гостинот Исмет Рамадани е „првиот човек на Евро-атланскиот Совет“.

Во прилогот, меѓу другото, се тврди: „Инаку, на синоќешното издание на „Само вистина“, Рамадани кажа дека водителот не искоментирал ништо на говорот на гостинот Љубомир Гајдов, кој наводно кажал дека Албанците ќе биле уништени. Меѓутоа, вистината е дека Гајдов на својот настап не говореше за Албанците во Македонија, туку за УЧК. И покрај тоа, водителот Видиновски тоа не го премолчи и го искоментира дека нашите нови полувремиња треба да бидат во Брисел, а не на Балканот.“

Во вестите на Канал 5 е пуштен следниот исечок од „Само вистина“ од 2.10.2023:

Гајдов: „Второ полувреме нема да биде ко првото. Овој пат ќе ги згазиме ко бубашваби. Нема пардон. Нема кој да ги вади.

Видиновски: „Се надевам ќе имаме натпревари у Европска Унија, а не на Балканот.“

Новинарот го завршува прилогот во вестите со следниве зборови: „И покрај тоа што одговорноста за искажаните зборови на емисијата ја носат самите гости, Канал 5 секогаш досега како и во конкретниот случај, директно или индиректно, се оградува од таквите ставови.“

Меѓутоа, дали реакцијата на водителот Видиновски во живо во „Само вистина“ од 02.10.2023 може да се смета за директно оградување од милитантниот, екстремистички настап на Гајдов, со елементи на говор на омраза („…ќе ги згазиме ко бубашваби…“)?

Ако ја погледнеме и медиумски анализираме „Само вистина“ од 02.10.2023,[xiii] тогаш може да се констатира дека гостинот Гајдов во неа зборувал и во улога на воен „доброволец“ од 2001, и дека, пред неговиот милитантен и екстремистички настап, омаловажувачки говорел и за некои „албански партијчиња“, кои отварале „Пандорина кутија“: „Ова што некои албански партијчиња бараат 20% да се смени со албански јазик тоа е експлицитни обид да се направи ревизија на Охридскиот рамковен договор…“. Милитантниот и екстремистички настап на Гајдов е на крајот на емисијата, кога Видиновски го прашува како „надворешно-политички коментатор“, „Дали искрите во Косово можат да го запалат Балканот?“.[xiv]

Иако на моменти водителот му реагира на Гајдов кога изнесува непоткрепени и екстремни етно-националистички тези на тема насилство („Ама сите се наши деца“), сепак, Видиновски директно не се оградува кога од страна на гостинот се искажани и милитантни тези од позиција на поранешен учесник во конфликтот во 2001 година („И јас ги чувам дома моите цокули и униформата се уште“). Новинарот Гајдов практично се надоврзува на уфрлањето на Видиновски „Ги чуваат чизмите…“, со кое упатува на една милитантна изјава на поранешна директорка од ДУИ и поранешна припадничка на ОНА, која предизвика поларизација и осуди во јавноста, вклучително и од лидерот на ДУИ.[xv]

Иако со вакви тези, како и со тезите на гостинот Гајдов, се врши општествена поларизација преку јавен медиумски настап, водителот директно не се оградува ниту од експлицитниот говор на омраза кој содржи воинствени закани („…ќе ги згазиме ко бубашваби…“), туку само изразува надеж дека „ќе имаме натпревари у Европска Унија, а не на Балканот.

Според препораките на СЕММ и неговите претставници, „новинарите треба да внимаваат да не се помине тенката линија меѓу слободата на изразување и говорот на омраза“, „бидејќи говорот на омраза и изразите што содржат негови елементи имаат штетно влијание доколку се шират преку средствата за масовна комуникација“.[xvi] Како што укажува новинарката Виолета Чадиковска во една анализа објавена на сајтот на СЕММ, „толерирањето на говорот на омраза претставува  лесно запалива искра“.[xvii]

Анализата на емисијата „Само вистина“ во која гостува Гајдов, е битна за разбирање на потпалувањето на расправијата во „Само Вистина“ помеѓу Видиновски и Рамадани, бидејќи тука е „искрата“  – која подоцна се разгорува во жесток спор со висок тон околу тоа дали водителот имал (соодветна) реакција на „националистички изливи“ во неговата емисија.

Во овој контекст, важно е да се нагласи и дека и претходно, во „Само вистина“ многу пати имало гости кои меѓу себе се конфронтирале, а јавноста сведочела и на високи тонови помеѓу гости и водители, и на мноштво други етно-националистички изјави што содржеле и елементи на говор на омраза и нетолеранција, вклучително и во коментарите на читателите кои беа објавувани во живо.[xviii] Во „Само вистина“ имало и потпалувачки изјави и анти-албански пораки,[xix] но, таквите изјави и гости биле толерирани, и никогаш претходно немало вклучување на директорот на телевизијата во живо со барање до гостин да ја напушти емисијата и барање до водителот да ја прекине емисијата.

Од „искра“ до „пожар“: Интервенција на директорот Мирчевски во живо и прекинување на „Само вистина“

По мало смирување, откако разменуваат искуства дека Видиновски учел во средното училиште „Зеф Љуш Марку“, каде што Рамадани предавал како професор и бил директор, спорот повторно се разгорува откако Видиновски[xx] му се обраќа на Рамадани не како што бил претставен – како претседател на Евро-Атлански совет на Македонија, туку како на „дел, советник на владата“:

Видиновски: „Конкретното прашање сега… бидејќи се случува во државата еден многу специфичен и тежок политички процес, кога Македонците се и онака веќе разочарани и потиштени со тоа што се случуваше, и имаат впечаток, и такви се реакциите, јас ја претставувам јавноста тука, претпоставувам дека ги следите реакциите кај јавноста, дека секогаш кога има нешто болно што треба да се направи, кога Македонците треба да поднесат жртва, определени структури на албанските политички партии – не Албанците, не сите партии, дел од нив – и кога коментираме целиов контекст, кога анализираме, јас мислам дека е сосема легитимно, да прашаме зашто се вее знаме на Голема Албанија во Тетово, зашто се вели дека ако се интонира македонската химна, треба да се интонира и албанската химна, дали вие, еве како дел, советник од владата, мислите дека таквите изјави, само дополнително го усложнуваат процесот за којшто вие велите дека треба да помине, и дека е многу важен, или одмага?“ Јас најмалце што очекував од вас е (Рамадани се обидува да се уфрли) – ве молам да ме слушате – очекував место мене да ме нападнете да дадете конструктивна критика. Во „Само вистина“ нема табу теми, разговараме за сè, затоа што ние мислиме дека мора да разговараме за сите работи отворено, за да можеме да се разбереме. Вие, сега се извинувам што…“.

Рамадани реагира: „На двајцата да ви кажам. Престанете да ги потценувате Албанците понатаму. Ви кажува човек кој е умерен Албанец, во сите свои ставови“.

Видиновски реплицира: „Ама сега, вие умерен, ние радикални тука. Сега се извинувам, во овој момент бара вклучување… се извинувам, се извинувам…“

Се уфрла Момироски кон Рамадани: „Сега со ова бегате од темата, немате аргументи да ја браните владата…“ (при што има конфузна размена на дофрлања).

Видиновски: „Се извинувам, вклучување бара и директорот на телевизијата Иван Мирчевски, претпоставувам испровоциран дека против Албанците се зборело на никаде друго место, туку само на „Само вистина“. Мирчевски, повелете, ако не слушате.

Ако ги анализираме овие размени помеѓу водителот Видиновски и гостинот Рамадани со повишен тон, можеме да заклучиме дека разговорот се води во „етно-националистичка рамка“ (новинарот прави разлика помеѓу Македонците, Албанците и „определени структури на албанските политички партии“). Видиновски му импутира и зборови на гостинот што тој не ги кажал („дека против Албанците се зборело на никаде друго место, туку само на „Само вистина““).

Исто така, водителот повторно поставува еднострани прашања што се однесуваат само на  етно-национализмот на Албанците („зашто се вее знаме на Голема Албанија во Тетово“ итн.). Иако Видиновски експлицитно кажува дека „во Само вистина нема табу теми“, неговите реакции на темите кои се обидува да ги покрене Рамадани (за националистичките изливи во негова емисија и за етно-национализмот кај не-албански партии) се – како да станува збор за табу теми. И токму во тој момент доаѓа до лична интервенција од страна на директорот на Канал 5, кој е претставен на кајрон само со име и презиме, како „Иван Мирчевски“.

Кога на екранот се појавува ликот на директорот на Канал 5, видно вознемирен, водителот недоискажан му го отстапува микрофонот, по што Иван Мирчевски се обраќа „директно до господинот Исмет Рамадани“, а гостинот му вели „повелете“:

Мирчевски: „Оваков однос према медиум, према новинар, досега не сум забележал во мојот живот. И сега ќе ви кажам зошто. Прво правите директно сегрегација во општеството. Никој, никаде и никогаш во Канал 5, не прави поделба на луѓето ниту во Македонија, ниту во светот, на верска и на етничка основа. Најмалку во Канал 5, вие имате право да кажете, особено овој новинар што денеска зборува, мојот ценет колега Александар Видиновски, дека потенцира, и тоа намерно, сака да ги навреди со потенцирањето, нашите сограѓани Албанци. Да ви кажам една работа. За мене во Македонија сите се Македонци, затоа што сите сме граѓани на Македонија. Етничката припадност ниту некому друг во Канал 5, не е приоритет. Ако не верувате, можете да дојдете во Канал 5, и да видите колку луѓе од друга верска припадност работат во Канал 5…“.

Неспорно е дека Иван Мирчевски е претставен како директор на Канал 5, и дека во своето вклучување се обраќа како директор на Канал 5. Мирчевски зборува како директор на телевизијата и за вработените во Канал 5, кога укажува дека обезбедил посебна соба за верски обреди.

Мирчевски: „Ве молам немојте да ширите сегрегација, и барам веднаш од Вас, да му се извините на мојот колега, и никогаш повеќе да не го направите ова. Јас имам браќа Албанци во Македонија, да не ви ги кажувам, браќа не по крв, него браќа по душа. Сите ние во Канал 5 ги имаме. Ова што го направивте вечерва, нека ви служи на чест. Доколку не се извините, ќе поднесам секакви писмени поднесоци до сите странски амбасади. Ова што го правите не е човечно. Срам да ви е, не ви служи на годините, и не ви служи на позицијата која што сега ја извршувате.“

Гостинот Исмет Рамадани, исто така вознемирено, лично му реплицира на директорот: „Ајде, ајде сега немој да се правиш толку важен и многу попаметен од мене, и поумерен од мене. Ти мене ќе ми кажуваш какви јас имам односи со Македонци, а какви имаш ти со Албанци“.

Мирчевски се обидува да се уфрли: „Господине Рамадани, прво не… (не се слуша)… да ми се обраќате со „ти“, јас со вас не сум чувал овци.

Размената на зборови помеѓу Мирчевски и Рамадани веќе се претвора во караница во живо.

Рамадани: „Те молам, јас му велам на новинарот да реагира, да реагира на националистички настапи…

Мирчевски: „Не е точно!“

Рамадани: „…имаше настап тука – „да се згмечат Албанците, ќе ги згмечиме“…“.

Видиновски: „Ќе ја гледаме и ќе видиме дека сум реагирал, утре ќе ја објавиме реакцијата.“

Тогаш Мирчевски како директор на телевизија издава наредби до вработените: „Ве молам да ја прекинете емисијата. Александар Николовски[xxi] те молам емисијата да ја прекинеш, затоа што ова веќе не личи на ништо. Господине Рамадани ве молам да го напуштите студиото. Господине Рамадани да го напуштите студиото, ја прекинувам емисијата.

Рамадани: „Прекини ја емисијата, ќе ја напуштам“.

Мирчевски: „Слободно“.

Неполна минута откако директорот Мирчевски упатува наредба до гостинот Рамадани „да го напуштите студиото“, и за прекин на емисијата („ја прекинувам емисијата“), водителот Видиновски ја прекина „Само вистина“.

По анализата на комуникацијата помеѓу директорот Мирчевски и гостинот Рамадани, може да се заклучи дека конфликтот се разгорува откако Мирчевски го обвинува Рамадани за „сегрегација во општеството“[xxii] и му упатува други обвинувања, како и барање да се извини.

Конфликтот кулминира откако гостинот Рамадани му реплицира дека тој му укажал на новинарот „да реагира на националистички настапи“, уште еднаш потенцирајќи дека во „Само вистина“ имало националистички настап против Албанците.

Тогаш директорот на Канал 5 упатува наредба до Рамадани да ја напушти емисијата, а до Видиновски да ја прекине „Само вистина“.

Реакции на новинарски организации по прекинувањето на „Само вистина“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во заедничкото соопштение укажаа дека инцидентот добил загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5 интервенирал во живо: „Во општество каде што телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката. Тоа не беше случај во еден дел на дебатата, но модераторот Видиновски направи напор да ја деескалира ситуацијата и да го одржи стандардот со професионализам и смиреност што се бара од медиумските практичари. Сепак, инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, интервенираше на телевизија во живо, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото.“[xxiii]

Овие три новинарски организации изразија сериозна загриженост во врска со оваа интервенција, констатирајќи дека го нарушува принципот на уредувачка независност:

„ЗНМ, ССНМ, СЕММ ИЗРАЗУВААТ СЕРИОЗНА ЗАГРИЖЕНОСТ ВО ВРСКА СО ОВАА ИНТЕРВЕНЦИЈА, БИДЕЈЌИ ДИРЕКТНО ГО НАРУШУВА ПРИНЦИПОТ НА УРЕДУВАЧКА НЕЗАВИСНОСТ ШТО Е КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА НЕЗАВИСНОТО НОВИНАРСТВО. ДЕЈСТВИЈАТА ОД ВАКВА ПРИРОДА МОЖАТ ДА И НАШТЕТАТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА МЕДИУМОТ И ДА РИЗИКУВААТ ДА ЈА ПОТКОПААТ ДОВЕРБАТА НА ЈАВНОСТА ВО МЕДИУМИТЕ ГЕНЕРАЛНО.“

Истовремено, ЗНМ, ССНМ, СЕММ ги осудија сите дејствија кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите: „Категорично ги осудуваме сите дејствија кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите, а дополнително ја нагласуваме важноста од зачувување на овој принцип за одржување на кредибилитетот на новинарството во Македонија.“

Во својата реакција, ЗНМ, ССНМ, СЕММ укажуваат дека конфронтирачките коментари на гостинот кон водителот на „Само вистина“ не смеат да бидат оправдување за таков тип на интервенции:

„КОМЕНТАРИТЕ НА РАМАДАНИ КОН ВОДИТЕЛОТ ВИДИНОВСКИ, КОИ ВО ОДРЕДЕН ДЕЛ ОД ДЕБАТАТА БЕА КОНФРОНТИРАЧКИ, НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ОПРАВДУВАЊЕ ЗА ТАКОВ ТИП НА ИНТЕРВЕНЦИИ. ГИ ПОВИКУВАМЕ СИТЕ МЕДИУМСКИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ, ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ И УЧЕСНИЦИ ВО ЈАВНИТЕ ДЕБАТИ ДА ПРИДОНЕСАТ ПОЗИТИВНО И СО ПОЧИТ КОН ЈАВНИОТ ГОВОР, ПОДДРЖУВАЈЌИ ГИ ПРИНЦИПИТЕ НА ПОЧИТУВАНА КОМУНИКАЦИЈА И УРЕДУВАЧКА НЕЗАВИСНОСТ.“

Своја итна реакција имаше и Македонската асоцијација на новинари (МАН), која пак целосно застана во одбрана и поддршка на Канал 5 ТВ и „реакцијата на директорот“,[xxiv] тврдејќи дека Исмет Рамадани неосновано ги обвинил за предизвикување национална нетрпеливост:

„ЦЕЛОСНО ЗАСТАНУВАМЕ ВО ОДБРАНА И ПОДДРШКА НА КАНАЛ 5 ТВ, РЕАКЦИЈАТА НА ДИРЕКТОРОТ ИВАН МИРЧЕВСКИ И НОВИНАРОТ ВОДИТЕЛ АЛЕКСАНДАР ВИДИНОВСКИ, КАКО И КОЛЕГАТА ГОСТИН ВО ЕМИСИЈАТА ГОРАН МОМИРОСКИ, ПО ДЕБАТАТА ВО ЕМИСИЈАТА „САМО ВИСТИНА“ КАДЕ ПОЛИТИЧАРОТ И СОВЕТНИК ВО ВЛАДАТА ИСМЕТ РАМАДАНИ НЕОСНОВАНО ГИ ОБВИНИ ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ НАЦИОНАЛНА НЕТРПЕЛИВОСТ“.

Но, такво обвинување за „предизвикување национална нетрпеливост“, што е елемент на кривично дело, не беше содржано во емисијата, ниту пак на такво обвинување реагираа директорот на Канал 5 и водителот, кој укажа дека имало обвинување за дискриминација.

Реакција на АВМУ: Рамадани етикетирал, Мирчевски се мешал во новинарската независност

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која што е регулаторно тело под чија надлежност е работата на телевизиите, во врска со емисија „Само вистина“, емитувана на ТВ Канал 5, реагираше со соопштение во кое укажува дека „дебатите за политичко – општествените прашања треба да придонесуваат кон остварување на слободата на изразување, кон културата на толеранција и во ниту еден момент не смеат да поттикнуваат нетрпеливост“.

Според АВМУ, „Сите учесници во јавниот дискурс, а особено политичарите и носителите на јавни функции, треба да бидат свесни за тежината на јавно искажаниот збор и да се воздржуваат од изјави, особено преку медиумите, кои го поткопуваат дијалогот меѓу различните етнички групи во општеството“.

Индикативно е дека АВМУ во своето соопштение го третира гостинот Исмет Рамадани како советник на премиерот, а не како што беше претставен во „Само вистина“, како претседател на невладина организација:

„ЕТИКЕТИРАЊЕ НА МЕДИУМИ И НОВИНАРИ, КАКО ШТО ТОА ВО ВЧЕРАШНАТА ЕМИСИЈА ГО НАПРАВИ ИСМЕТ РАМАДАНИ, СОВЕТНИКОТ ЗА ЕВРОАТЛАНТСКИ ВРЕДНОСТИ НА ПРЕМИЕРОТ, НЕГАТИВНО СЕ ОДРАЗУВА НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ И ГО НАРУШУВА НОВИНАРСКИОТ ДИГНИТЕТ. ПОЛИТИЧАРИТЕ И НОСИТЕЛИТЕ НА ЈАВНИ ФУНКЦИИ ИМААТ ПОСЕБНА ОДГОВОРНОСТ ПРЕД ЈАВНОСТА И ТРЕБА ДА ПОКАЖАТ НАЈВИСОКО НИВО НА ПОЧИТУВАЊЕ НА НОВИНАРСКАТА ПРОФЕСИЈА И ДА ВЛОЖАТ МАКСИМАЛНИ НАПОРИ ДА СЕ ОВОЗМОЖИ МЕДИУМИТЕ НЕПРЕЧЕНО ДА ЈА ИЗВРШУВААТ СВОЈАТА РАБОТА.“

АВМУ констатира и дека емисијата „Само вистина“ била прекината од страна на „Иван Мирчевски, управителот на ТВ Канал 5“,  и дека таквото прекинување  претставува мешање во независноста и самостојноста на уредниците, новинарите и другите автори:

„УРЕДНИЦИТЕ, НОВИНАРИТЕ И ДРУГИТЕ АВТОРИ ПРИ СОЗДАВАЊЕТО НА ПРОГРАМИТЕ И КРЕИРАЊЕТО НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА ТРЕБА ДА БИДАТ САМОСТОЈНИ И НЕЗАВИСНИ. СЕКОЕ ПОПРЕЧУВАЊЕ И, ОСОБЕНО, ПРЕКИНУВАЊЕ НА ЕМИСИИТЕ ОД СТРАНА НА УПРАВИТЕЛИТЕ ИЛИ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА МЕДИУМИТЕ, КАКО ВМЕШУВАЊЕТО НА ИВАН МИРЧЕВСКИ, УПРАВИТЕЛОТ НА ТВ КАНАЛ 5, ВО ЕМИСИЈАТА „САМО ВИСТИНА“ ПРЕТСТАВУВА МЕШАЊЕ ВО ТАА НЕЗАВИСНОСТ И САМОСТОЈНОСТ.“

Етно-националистичките истапи и изливи се сензитивна тема, која може да ја продлабочи медиумската и општествена поларизација

Во првиот дел од оваа студија на случај, може да се увиди дека во општествен контекст на длабока медиумска и политичка поларизација, во дебатната емисија „Само вистина“ од 01.11.2023  се покренати горливи прашања во врска со евро-интеграциите, уставните измени, како и за руското влијание, по што доаѓа до вжештување на атмосферата и повишен тон. Разгорување на расправата помеѓу гостинот Рамадани и водителот Видиновски доаѓа кога се покренати прашања во врска со меѓуетничките односи, а и за претходни националистички изливи и истапи против Албанците во „Само вистина“, во кои имало елементи на говор на омраза и милитантен настап.

Интервенцијата на директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, и неговото барање до претседателот на Евро-атланскиот совет на Македонија Рамадани, прво да се извини, а потоа и да ја напушти емисијата, доаѓа откако водителот и гостинот спорат со повишен тон за тоа дали имало соодветна и еднаква реакција на претходни националистички настапи во „Само вистина“.

И покрај тоа што и на таа дебатна емисија која беше посочена во случајов, а и во претходни емисии на „Само вистина“ имало комуникации со повишен тон и етно-националистички истапи,  вклучително и анти-албански пораки, никогаш претходно немало вклучување на директорот Мирчевски во „Само вистина“ со барање до гостин да ја напушти емисијата и барање до водителот да ја прекине емисијата.

Поделените реакции на новинарските организации по прекинувањето на „Само вистина“ се исто така индикатор за медиумска поларизација. Реакцијата на АВМУ укажува и на мешање во независноста и самостојноста на новинарите од управителот на ТВ Канал 5, и на етикетирање на медиуми и новинари, од страна на „советникот за евроатлантски вредности на Премиерот“ – иако е неспорно дека Рамадани во „Само вистина“ постојано гостувал и бил претставуван како претседател на невладината организација Евро-атлански совет на Македонија.

Во вториот дел од оваа студија на случај, ќе ги проследиме реакциите на главните учесници на инцидентот дадени за ИМА, нивните јавни комуникации по прекинот на емисијата „Само вистина“, реакциите на политичките актери, како и дискредитирачката кампања во Канал 5 и други медиуми (со дезинформации, информациски манипулации и непоткрепени обвинувања) кон повеќе јавни актери и организации што ја критикуваа постапката на директорот Мирчевски, која ја продлабочи уште повеќе медиумската и општествена поларизација, и придонесе за влошување на меѓуетничките односи во Северна Македонија. На крајот од оваа студија на случај, ќе бидат изнесени и препораки во насока на медиумска и општествена деполаризација.

(продолжува)

Референци:

[i] Видете, на пример, „Слободата на медиумите во Северна Македонија: Напредок на стаклени нозе – Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите“, ЗНМ, Скопје, 5-7.06.2023, стр. 13, во одделот „Поларизација и доверба во медиумите“.

[ii] Видете  North Macedonia 2023 Report, EC, 2023, стр. 9 и стр. 30.

[iii] Видете  North Macedonia 2023 Report, EC, 2023, стр. 32.

[iv] Видете Жарко Трајаноски, Во(н) фокусот на медиумите: демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација, ima.mk, стр. 5.

[v] Исто, стр. 27.

[vi] Видете, Публикација на ИМА: За демократските институции, владеењето на правото и реформите во администрацијата да се известува постојано, МИА, 30.10.2023.

[vii] Видете „Само Вистина” со Горан Момироски и Исмет Рамадани 01.11.2023 – дел 1, 1.18, и дел 2.

[viii] Видете ОТВОРЕН ПОВИК за НВО, новинари или млади лидери!, 14.03.2023.

[ix] Видете, Најава „Само вистина“, 01.11.2023.

[x] Видете, Најава „Само вистина“, 01.11.2023.

[xi] Станува збор за емисијата „Само вистина“  од 02.10.2023, во која гостува и новинарот Љубомир Гајдов, кој искажува милитантни ставови кои, како што ќе видиме подоцна, не се поклопуваат со ставовите на кои реферира Рамадани.

[xii] Видете Вести на Канал 5 во 18, 02.11.2023.

[xiii] Видете „Само Вистина” со Марјан Ѓорчев и Љубомир Гајдов 02.10.2023 – дел 2.

[xiv] Еве што точно било кажано во таа емисија од страна на Гајдов и на водителот Видиновски:

Видиновски: Дали искрите од Косово може да го запалат Балканот?

Гајдов: Не.

Видиновски: Дали треба граѓаните да стравуваат дека може некои дежаву сцени да гледаме на Балканот?

Гајдов: Гледајте, Македонија како членка на НАТО веќе нема проблем од надвор. А од внатре, ако има проблем, нашата војска и полиција, сите можни рецидиви што ги видовме 2001 нема да се случат, зошто овој пат, неколку пати се закануваа овие ДУИ-циве – ќе има дестабилизација, ако не знам ова… не знам она… Сега, овојпат…

Видиновски: Ги чуваат чизмите…

Гајдов: И јас ги чувам дома моите цокули и униформата се уште. Значи второ полувреме нема да биде ко првото. Овојпат ќе ги згазиме ко бубашваби, нема пардон. Нема кој да ги вади.

Видиновски: Се надевам дека ќе имаме натпревари во Европска унија, а не на Балканот.

Гајдов: Пазете, првите шест соопштенија на УЧК беше дека они се борат за територии окупирани од Славомакедонците. Па, Албанска академија на науки и уметности, 98-ма година има документ, јас му го дадов на тогашниот претседател Цветан Грозданов да го викне колегата од Албанија да го праша… таму пишува Платформа за ослободување на албанските етнички територии од Славомакедонците. Значи тоа е стратегија што ги учат децата од мали години. Ја пред некој месец во Куманово промовирав една книга, кајшто има големо парче дека тоа Призренска лига, сонот за голема Албанија, што ги учат децава. Сте чуле вие Македонче да убуцка некое дете во автобус Албанче, не! А зашто Албанчињата ги боцкаат нашиве, дома ги учат! Не е тоа воспитание у школо…

Видиновски: Добро тоа сега е малце дискутабилно…

Гајдов: Не, не. Фактите се тоа. Јас сум новинар, поаѓам од факти. Друго е визија, друго е стратегија.

Видиновски: Кои анализи сте ги направиле и сте дошле до заклучок дека од дома ги буцкаат така?

Гајдов: Па чекајте, ако нашите деца, Македончињата…

Видиновски: Ама сите се наши деца… може така да гледаме.

Гајдов: Не, не, не се сите наши. Пазите, таа приказна мултикултурализам, ја отфрли госпоѓа Меркел. Мултикултурализам е будалаштина, тоа е коегзистенција, овде едни, овде други. Јас сум рекол, татко ми беше професор по музика, пишуваше учебници и за Македончиња, и за Албанчиња и за Турчиња.. 73-та година во Дом на млади, јас сум предложил, ако сакаме да имаме стабилна просперитетна Македонија треба да се учи во школите српскохрватски, ко што учевме, македонски и албански, плус англиски. Тогаш Македонија ќе стане ко во Израел, светска држава.

Видиновски: Велите дека во Македонија од прво одделение, треба да се учи Албански.

Гајдов: Од забавиште. Македончиња и Албанчиња да учат и едниот и другиот јазик…“

[xv] Видете Ахмети ја осуди изјавата на Дардишта: Тоа е против каузата на ДУИ, Сител, 07.11.2021, како и кластер наслови на time.mk.

[xvi]  Видете, Мирче Адамчевски, Улогата на редакциите во спречувањето на говорот на омраза, дискриминацијата и дезинформациите, semm.mk, 22.02.2021 и Улогата на редакциите во спречувањето на говорот на омраза, дискриминацијата и дезинформациите, semm.mk, 16.02.2021.

[xvii] Видете Виолета Чадиковска, „Толерирањето на говорот на омраза претставува лесно запалива искра“, semm.mk, 02.10.2020, Според Чадиковска, „постои проблем при непрепознавањето на говорот на омраза како општествено опасен феномен, кој би можел да предизвика негативни последици, односно дела од омраза“.

[xviii] Видете Коментатори ја напаѓаат ТВ Канал 5 и ја злоупотребуваат ФБ страницата на телевизијата за ширење говор на омраза, ima.mk, 01.08.2022: „Канал 5 не е само мета на недолични и „хејтерски“ коментари, туку и медиум чии страници на социјалните мрежи се злоупотребуваат за коментари со непроверени информации, навреди, пцовки, закани, вклучително и коментари кои поттикнуваат омраза и насилство кон политичари, јавни личности, па дури и гости на емисијата „Само вистина“.  Дел од таквите коментари одат и во етер додека оди во живо емисијата „Само вистина“, и покрај тоа што медиумот има обврска според саморегулаторните практики и правила да спречи објавување на говор на омраза согласно професионалните стандарди.“

[xix] Видете, Жарко Трајаноски, Руската пропаганда во Македонија во 2018: „Единствена Македонија“ како „пионче“ на „Единствена Русија“, Вистиномер, 05.04.2022: „во тогаш најгледаната емисија „Само вистина“ на 20 февруари 2018 г., „дебатираа“ двајца проруски пропагандисти на тема „Има ли Македонија алтернатива на ЕУ и НАТО?“. Гостите беа единствени во водење негативна кампања против ЕУ и НАТО, во оцрнување на прозападната влада и во исмејување на приврзаниците за влез во НАТО и ЕУ. Во истата емисија претставникот на „Единствена Македонија“ упати експлицитни антиалбански пораки дека Албанците „ќе имаат две можности – или да почнат да го учат рускиот јазик или да се научат да пливаат, и тоа го велам ептен сериозно“.

[xx] И Видиновски претходно има работено како портпарол на Министерството за правда и посебен советник за односи со јавност.

[xxi] Видно вознемирен, Мирчевски го греши презимето на новинарот Видиновски, обраќајќи му се со името на еден опозициски политичар.

[xxii] Согласно Закон за спречување и заштита од дискриминација, сегрегација подразбира „физичко одделување“, а такво дејство не може да му се припише на гостинот Исмет Рамадани. Видете чл. 12: „Сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел“ (Службен весник на Република Северна Македонија, бр. 258, 30.10.2020).

[xxiii] Видете ЗНМ, ССНМ, СЕММ се залагаат за медиумски интегритет: коментар на вчерашната епизода од „Само Вистина“, znm.org.mk, 02.11.2023.

[xxiv] Видете МАН: Целосна поддршка за Канал 5 ТВ, осуда за советникот на владата Исмет Рамадани, Канал 5, 01.11.2023.

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира