ВИДЕО „Полиграф“: Кој не ја кажува вистината за инцидентот во „Само вистина“?

На 01.11.2023, во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5, директорот на телевизијата, Иван Мирчевски, кој се вклучи во живо, побара гостинот Исмет Рамадани да го напушти студиото, а емисијата да се прекине.

„ГОСПОДИНЕ РАМАДАНИ, ВЕ МОЛАМ ДА ГО НАПУШТИТЕ СТУДИОТО. ГОСПОДИНЕ РАМАДАНИ, ДА ГО НАПУШТИТЕ СТУДИОТО, ЈА ПРЕКИНУВАМ ЕМИСИЈАТА“ – РЕЧЕ МИРЧЕВСКИ ВО НЕГОВОТО ВКЛУЧУВАЊЕ.

По инцидентот, се огласија ЗНМ, ССНМ и СЕММ. „…инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, интервенираше на телевизија во живо, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото. ЗНМ, ССНМ, СЕММ изразуваат сериозна загриженост во врска со оваа интервенција, бидејќи директно го нарушува принципот на уредувачка независност што е камен-темелник на независното новинарство. Дејствијата од ваква природа можат да и наштетат на независноста на медиумот и да ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во медиумите генерално“, се вели во нивното заедничко соопштение.

Кон ставот на ЗНМ, реагираше Мирчевски со објава на веб – страницата на телевизијата потпишан како „Директор на Канал 5 ТВ МАКЕДОНИЈА“, во која меѓу другото, тврди дека е креатор, автор и уредник на „Само Вистина“.

Но, кога се вклучи во живо, Мирчевски не беше најавен како креатор, автор и уредник на „Само Вистина“, туку како директор на телевизијата.

„…ВКЛУЧУВАЊЕ БАРА И ДИРЕКТОРОТ НА ТЕЛЕВИЗИЈАТА ИВАН МИРЧЕВСКИ…“ВЕЛИ НОВИНАРОТ И ВОДИТЕЛ НА ЕМИСИЈАТА, АЛЕКСАНДАР ВИДИНОВСКИ ПРЕД ВКЛУЧУВАЊЕТО НА МИРЧЕВСКИ.

Како што видовме, Мирчевски настапува како директор и кога бара од гостинот Рамадани да ја напушти емисијата, и кога нареди прекинување на емисијата. Освен тоа, и на одјавната шпица Мирчевски е потпишан како директор, а не како креатор, автор или уредник на „Само вистина“.

Иако и во други наврати Мирчевски се претставувал како автор на „Само вистина“,  неговото име го нема на одјавната шпица на емисијата како автор или уредник, што е законска обврска според членот 14 од Законот за медиуми, туку само како директор.

Доколку е вистина дека Мирчевски е автор и уредник, тогаш одјавната шпица на „Само вистина“ не ја кажува вистината и не го почитува Законот. Токму затоа, тврдењето Мирчевски дека бил креатор, автор и уредник може да се протолкува како манипулација, бидејќи не е поткрепено со податоците од одјавната шпица на „Само вистина“, во која тој се вклучи како директор и побара од гостинот Исмет Рамадани да ја напушти, а од новинарот да ја прекине емисијата.

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира