Повеќето луѓе едвај можат да се сетат што правеле на одреден ден пред една година. Шеснаесетгодишно момче од Полска може да се врати години наназад и да раскаже каде било, што правело и што му се случувало на конкретен датум. А неговите најрани спомени, тврди, се од времето кога имал само три месеци.
Необичната способност на момчето сега ја истражува меѓународен тим научници. Неговиот идентитет е заштитен, па во студијата објавена во научното списание „Cortex“ е претставен со иницијалите KCL.
Истражувањето покажало дека станува збор за исклучително ретка појава позната како високо супериорна автобиографска меморија. Луѓето со оваа способност не паметат едноставно повеќе факти од другите, туку со неверојатна прецизност можат да се навратат на сопствениот живот.
Кај KCL тоа оди исклучително далеку. Тој тврди дека првите спомени му се од периодот кога имал околу три месеци, а некои од неговите сеќавања од најраното детство се совпаѓале со она што подоцна го потврдиле неговите родители. Научниците, сепак, се внимателни со ваквите тврдења бидејќи спомените од толку рана возраст е речиси невозможно независно да се проверат.
Уште понеобично е што тој не мора да се труди за да ги повика спомените. Тие постојано му се враќаат сами. Во еден од експериментите, 87 проценти од неговите спонтани мисли биле поврзани со нешто што претходно му се случило. Кај останатите испитаници такви биле 39 проценти.
Но KCL не памети совршено сè. Неговите резултати на тестовите за внимание, работна меморија и други когнитивни способности не се толку необични. Она по што се издвојува е неговата лична архива – огромен број моменти од сопствениот живот до кои може да стигне со леснотија што кај повеќето луѓе едноставно не постои.
Токму затоа неговиот случај е важен за научниците. Проучувајќи како еден 16-годишник може да зачува и повторно да повика толку многу детали од сопственото минато, тие се надеваат дека ќе дознаат повеќе и за тоа зошто сите останати забораваме.

