Папата Франциск во својот приватен дневник, кој денеска излезе од печат во издание на Ватиканската издавачка куќа, наведува дека трипати го видел ѓаволот. Во записите што ги пренесуваат италијанските и светските медиуми, тој го опишува неговиот поглед со зборовите дека имал заканувачки и заводливи очи.
Личните ракописи на папата Франциск од денеска се достапни за јавноста во книга на 160 страници, приредена од кардиналот Виктор Мануел Фернандез. Дел од содржината што привлече најголемо внимание во извештаите на италијанските медиуми Ил Џорнале и Фанпејџ се однесува на неговите духовни искушенија, внатрешните борби и директните записи за ѓаволот.
Во белешките објавени во италијанскиот печат, Франциск детално ги опишува овие духовни соочувања, наведувајќи дека трипати се соочил со ѓаволот и опишувајќи ги неговите очи како истовремено заканувачки и заводливи. Овие лични записи првично не биле наменети за објавување пред широка публика.
Книгата ги обединува ракописите на Франциск од два периода од неговиот живот и црковна служба. Од вкупно 160 страници, 86 страници се напишани додека служел како бискуп во родната Аргентина, додека 55 страници настанале во периодот по неговиот избор за поглавар на Римокатоличката црква.
Кардиналот Виктор Мануел Фернандез, долгогодишен соработник на Франциск од Аргентина и префект на Дикастериумот за доктрина на верата, во интервју за Ватикан њуз појасни дека целта на изданието е на читателите да им се приближи духовната длабочина на овие приватни размислувања.

