Во 2019 година Македонија беше подготвена да ги започне пристапните преговори, но Европската Унија не беше подготвена за проширување. Седум години подоцна, ситуацијата е обратна – проширувањето повторно е меѓу приоритетите на ЕУ, но Македонија, со ВМРО-ДПМНЕ на власт, не го исполнува условот за продолжување на преговорите.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос вчера од Атина порача дека Европската Унија е подготвена за ново проширување, издвојувајќи ги Црна Гора и Албанија како предводници на евроинтегративниот процес на Западен Балкан.
„Имаме можност да напредуваме во пристапниот процес, бидејќи проширувањето повторно е приоритет на ЕУ. Јасно е дека само земјите што ги спроведуваат реформите можат да напредуваат“, порача Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши пристапните преговори до крајот на оваа година, додека Албанија веќе ги отвори сите шест преговарачки кластери. Македонија, пак, по 21 година кандидатски статус, сè уште го нема отворено ниту првиот кластер.
Пропуштената можност со Хрватска
Ова не е првпат Македонија да пропушта поволен политички момент за европска интеграција.
Хрватска и Македонија добија кандидатски статус со разлика од само една година – Хрватска во 2004, а Македонија во 2005 година.
Во 2009 година Европската комисија првпат препорача почеток на пристапните преговори со Македонија. Сепак, нерешениот спор за името со Грција остана пречка за напредокот на земјата.
Во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, беше на власт, Хрватска ги заврши преговорите и на 1 јули 2013 година стана членка на Европската Унија. Македонија остана со кандидатски статус и нерешен спор.
Спорот беше решен дури во 2018 година со потпишувањето на Преспанскиот договор, по повеќе од една деценија застој во евроатлантските интеграции.
Кога Македонија беше подготвена, Европа не беше
Во октомври 2019 година, по решавањето на долгогодишниот спор со Грција и спроведувањето на уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор, Македонија се соочи со блокада од Франција.
Францускиот претседател Емануел Макрон тогаш инсистираше на промена на методологијата за пристапување и реформирање на самиот процес на проширување.
Во тој момент се покажа политичка волја да носи тешки одлуки за својата европска иднина, но во самата Европска Унија немаше консензус за продолжување на процесот.
Во март 2020 година, по усвојувањето на новата методологија, ЕУ даде зелено светло за почеток на преговорите, но истата година следуваше бугарското вето.
Доколку Македонија ги започнеше преговорите во 2019 година, денес можеше да биде значително понапред во преговарачкиот процес.
Во 2022 година, со одржувањето на првата меѓувладина конференција, Македонија формално ги започна пристапните преговори. За отворање на првиот кластер остана обврската за спроведување на уставните измени.
Европа ја промени политиката, Македонија ја промени власта
Руската инвазија врз Украина суштински го промени односот на Европската Унија кон проширувањето. Од процес што со години беше во втор план, проширувањето прерасна во геополитички и безбедносен приоритет.
Токму во периодот кога во Брисел се создаде нова политичка волја за прием на членки, во Македонија на власт повторно дојде ВМРО-ДПМНЕ, која се противи на спроведувањето на уставните измени под договорените услови.
Владата на Христијан Мицкоски инсистира на уставни измени со одложено дејство и дополнителни гаранции. Сепак, повеќе од две години по преземањето на власта, таа не обезбеди алтернативно решение прифатливо за Европската Унија.
Пораките од Брисел остануваат непроменети. При презентацијата на годинешниот извештај на Европската комисија, Кос повтори дека Македонија има висок степен на усогласеност со европското законодавство, но дека за отворање на првиот кластер мора да ги спроведе уставните измени.
Албанија напредува, Македонија повторно ја губи предноста
Албанија, која заедно со Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција во јули 2022 година, денес ги има отворено сите шест преговарачки кластери.
Двете земји тргнаа заедно, но во септември 2024 година нивните европски патишта се раздвоија. Албанија продолжи со отворањето на кластерите, додека Македонија остана во застој.
Како некогаш со Хрватска, така и денес со Албанија, Македонија гледа како земја со која започнала во приближно ист период се приближува кон членство, додека таа останува пред преговарачкиот праг.
Разликата меѓу 2019 и 2026 година е во тоа каде се наоѓа непосредната пречка за напредок. Во 2019 година одлуката зависеше од Париз, во 2020 година од Софија, а денес исполнувањето на договорениот услов зависи од Скопје.
Македонија со години чекаше Европската Унија повторно да биде подготвена за проширување. Сега, кога таа подготвеност постои, истата партија што беше на власт во периодот на пропуштената можност со Хрватска повторно ја става на коцка шансата за европска интеграција на земјата.

