Протечени податоци за 530.000 загинати на руска страна

Михаил Ходорковски, еден од лидерите на руската опозиција и поранешен политички затвореник, на 23 ноември сподели истражување според кое од почетокот на руската инвазија врз Украина се регистрирани околу 530.000 воени смртни случаи на руска страна. Проценката е на истражувачите од NEST Centre и Dossier Center и се заснова на протечени податоци од Росстат, руската државна статистичка служба.

Протечената база содржи околу 11,6 милиони записи за смртни случаи од сите причини, од 2021 до септември 2026 година. Во зависност од методот на пресметка, истражувачите дошле до проценка од 521.000 до 537.000 регистрирани воени смртни случаи. Во бројката се вклучени и странски државјани што се бореле на руска страна. Истражувачите ја сметаат проценката за долна граница бидејќи дел од смртните случаи сè уште не се заведени во регистарот.

Речиси 7.000 загинати странски државјани

Истражувачите идентификувале 6.947 записи за загинати странски државјани што се бореле на руска страна. Речиси шест од десет биле од пет земји во Централна Азија. Најмногу загинати биле државјани на Казахстан (1.375), Узбекистан (1.301) и Таџикистан (831).

Животниот век на мажите паднал на 65,3 години

Истражувачите проценуваат дека очекуваниот животен век на мажите во Русија во 2025 година паднал на 65,3 години, што е за 3,1 години помалку отколку во 2019 година. Кај жените достигнал 79,3 години. Според анализата, разликата е најголема откако почнало бележењето на овие податоци во 1959 година.

Во анализата се забележува и пад на уделот на смртните случаи заведени како убиства или самоубиства, додека расте уделот на оние заведени како смртни случаи со неутврдена намера. Трендот е најизразен во Московската област и во Санкт Петербург. Ходорковски во објавата посочи две можни објаснувања — институциите се преоптоварени и не успеваат да ги истражат случаите или дел од насилните смртни случаи намерно се прикриваат.

На 23 ноември и „Медуза“ и „Медиазона“ објавија своја проценка од најмалку 720.000 загинати руски војници до есента 2026 година. Во таа пресметка, покрај регистрираните смртни случаи, со статистички модел го процениле и бројот на загинати меѓу војниците што сè уште се водат како исчезнати.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?