Поранешниот воен командант на Сребреница, Насер Ориќ, и поранешната пратеничка во Народното собрание на Република Српска, Николина Шљивиќ, се опфатени со голема полициска акција што утрово се спроведува во Босна и Херцеговина.
Во акцијата учествуваат припадници на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), Министерството за внатрешни работи на Република Српска и други полициски служби.
Според босанските медиуми, акцијата е насочена кон лица осомничени дека му помагале на бегалецот Ѓорѓе Ждрале, по обидот за убиство на Коста Пандуревиќ на 2 август годинава во Источно Сараево.
Насер Ориќ е осомничен дека учествувал во неговото криење, додека полицијата врши претреси и во објекти што ги користи Шљивиќ, која по завршувањето на пратеничкиот мандат се вработила во Институтот за јавно здравје на Република Српска.
Со акцијата, која се спроведува по наредба на Окружното обвинителство во Источно Сараево, се опфатени повеќе од седум лица, меѓу кои и адвокат.
