Во среда, на 25 ноември, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, иницијативата „Ниту една повеќе!“ организира протестен марш во Скопје. Маршот ќе почне во 17 часот од паркот „Жена борец“.
„Кога институциите се глуви, да ги натераме да нè чујат!“, порачаа организаторите во повикот, во кој ги повикуваат граѓаните да се приклучат на маршот и да ја споделат најавата.
Протестот следува по маршот на „Ниту една повеќе!“ на 8 ноември и блокадата на булеварот „Илинден“ пред Владата на 20 ноември. Иницијативата бара правда за жртвите и одговорност од институциите за начинот на кој постапуваат по пријавите за насилство. „Не бараме сочувство, бараме одговорност“ беше една од пораките на маршот на 8 ноември.
Зошто токму 25 ноември
Датумот е избран во спомен на сестрите Мирабал, три политички активистки убиени на 25 ноември 1960 година за време на диктатурата на Рафаел Трухиљо во Доминиканската Република. Во 1981 година, на собир во Богота, активистки од Латинска Америка и Карибите го избрале датумот како ден на борба против насилството врз жените. Генералното собрание на Обединетите нации официјално го прогласило за меѓународен ден во 1999 година.
На 25 ноември почнуваат и 16-те дена активизам против родово базираното насилство, кои траат до 10 декември, Денот на човековите права. Со оваа кампања е поврзана и иницијативата „Обој го светот во портокалово“, која ја користи портокаловата боја за да привлече внимание кон насилството врз жените и девојчињата.
Лани ревизијата утврди слабости, годинава се бараат резултати
На 25 ноември 2025 година, кампањата во Македонија почна на Економскиот факултет во Скопје под мотото „Промени ја приказната. Стави крај на насилството“. Во фокусот беа економското и дигиталното насилство, психолошката злоупотреба и насилството врз жените во политиката.
Два дена подоцна, Државниот завод за ревизија го претстави извештајот за спроведувањето на Истанбулската конвенција. Ревизијата утврди дека системот за заштита е недоволно финансиран, институциите немаат усогласен пристап, а поддршката за жртвите често доцни или е недоволна.
Годинава, во пресрет на „16-те дена активизам“, организациите за женски права побараа институциите да се откажат од протоколарни и промотивни настани. Едно од нивните барања е Собранието најдоцна до 10 декември да ги усвои измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август годинава.

