СДСМ бара кривична истрага за Алта банка и поднесе интерпелација за гувернерот Славески

СДСМ

СДСМ бара Јавното обвинителство да отвори истрага за случајот со Алта банка, а Собранието да утврди политичка одговорност за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Опозициската партија соопшти дека поднела интерпелација за неговата работа и кривични пријави поврзани со случајот.

Од СДСМ сметаат дека треба да се испита постапката со која на Алта банка од Белград ѝ била дадена согласност за стекнување квалификувано учество во тогашната Стопанска банка Битола. Партијата ги посочува Славески и премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека тие имале улога во отворањето на патот за влез на банката на македонскиот пазар.

„Имаме јавно признание од Славески дека се консултирал со Мицкоски“, наведуваат од СДСМ, барајќи одговор на прашањата за содржината на тие разговори и за тоа дали премиерот давал насоки во врска со случајот.

Од опозициската партија велат дека веќе десет дена го повикуваат Јавното обвинителство да постапи по поднесените кривични пријави и да испита дали има основи за кривична одговорност.

СДСМ го споредува постапувањето во Македонија со случувањата во Србија, каде што, според партиското соопштение, се водат постапки поврзани со истрага за 380 милиони евра, стечај и приведување на сопственикот. Партијата предупредува дека одложувањето на постапувањето може да го отежне обезбедувањето докази и проверката на сметки и трансакции.

Во барањата на СДСМ е опфатено и осигурителното друштво што, според партијата, го купил Давор Мацура. Опозицијата бара да се утврди од кои средства било извршено купувањето, од која сметка биле платени средствата и дали било проверено нивното потекло.

СДСМ бара истрагата да ги опфати и овие прашања, како и да се утврди евентуална кривична и политичка одговорност во случајот со Алта банка.

Извор: СДСМ

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?