Кој смее да протестира?

протестира

Кој ги организирал? Кој ги финансира? Дали се невладини организации, дали добиваат странски грантови, како изгледаат, како се облекуваат и зошто воопшто излегуваат на улица? По протестите против насилството врз жените, дел од јавната дебата сè помалку се занимава со причините поради кои граѓаните протестираат, а сè повеќе со тоа кои се луѓето што бараат промени.

Наместо да се разговара за институционалната одговорност, заштитата на жртвите, постапувањето на полицијата, обвинителството и судовите, вниманието се пренасочува кон организаторите, наводното финансирање од странство и личните карактеристики на демонстрантите. Во дел од коментарите аргументите се заменети со навреди, потсмевање и обиди протестот да се претстави како туѓ политички или финансиски проект.

Уставот не прави поделба меѓу граѓаните според нивната политичка определба, професија, финансиска состојба или општествен статус. Членот 21 го гарантира правото на мирно собирање и изразување јавен протест, без претходно пријавување и без посебна дозвола.

Истото право го гарантира и членот 11 од Европската конвенција за човекови права. Тоа важи и за ставови што се непопуларни, непријатни или спротивни на мислењето на мнозинството.

Прашањата за тоа кој организира или поддржува одреден протест се дел од јавната дебата, но не треба да ја засенат суштината на граѓанските барања. Припадноста кон невладина организација или поддршката од меѓународни фондови не го прават ничиј глас помалку вреден, ниту нечие право на протест помалку легитимно.

Правото на протест не е награда за оние што ги исполнуваат туѓите очекувања. Не зависи од тоа дали некој е млад или стар, богато или скромно облечен, дали е член на организација, дали има политичка поддршка или дали неговите ставови се прифатливи за мнозинството.

Особено кога станува збор за протести против насилството врз жените, суштината на јавната дебата треба да остане на прашањата што ги поставуваат демонстрантите: дали институциите постапуваат навреме, дали жртвите добиваат заштита и дали одговорните сносат последици.

Демократијата не бара сите да мислиме исто. Таа бара да го почитуваме правото на другите да го кажат своето мислење, дури и кога не се согласуваме со него.

Ако правото на протест им го признаваме само на оние што ни се допаѓаат, тогаш тоа веќе не е универзално право, туку привилегија.

Кој смее да протестира?

Сите што мислат дека ниту една жена не треба да биде претепана, малтретирана или убиена. Сите што веруваат дека насилството не смее да се нормализира, дека институциите мора да реагираат навреме и дека ниту една жртва не смее да остане без заштита.

Не е потребно да бидете член на невладина организација, да имате партиска книшка или да се согласувате со секој што ќе застане покрај вас.

Доволно е да верувате дека ниту една жена не треба да живее во страв за сопствениот живот.

Денеска, на 25 ноември, се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со кој започнува и глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Во 17 часот, во паркот „Жена-борец“ во Скопје, повторно ќе се одржи протест против насилството врз жените.

Ова не е ден за честитање, туку ден за потсетување дека борбата против насилството врз жените мора да трае 365 дена во годината.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?