Речиси еден тон кокаин бил откриен скриен во гајби со портокали на голем пазар за овошје и зеленчук во источен Лондон, во една од најголемите заплени на дрога во историјата на лондонската Метрополитен полиција.
Во акцијата, спроведена на пазарот „Њу Спиталфилдс“ во источен Лондон, полицајците пронашле голема количина кокаин спакуван во пакети и сокриен меѓу портокалите.
Петмина мажи на возраст од 27, 33, 41, 43 и 58 години биле уапсени на пазарот под сомнение за заговор за снабдување со дрога од највисока категорија. Во близина бил уапсен и 44-годишен маж кај кого биле пронајдени дополнителни 100 килограми сомнителен кокаин.
Истрагата продолжила и во Чешант, во грофовијата Хартфордшир, каде полицијата уапсила 48-годишен маж и при претрес на имот пронашла околу 450.000 фунти во готовина.
Дополнителни 250 килограми сомнителен кокаин биле откриени во камион запрен во близина на Мејдстоун, во Кент. Возачот, 50-годишен маж, исто така бил уапсен.
Според Метрополитен полицијата, вкупно биле запленети 893 килограми сомнителен кокаин, а сите осум уапсени мажи остануваат во притвор. Истрагата е во тек.
Полицијата објави и видеоснимка од акцијата на која се гледа како службениците ги отстрануваат портокалите од гајбите и ги откриваат пакетите со дрога.

