Кичевчанец повикан во полиција по заканите кон Ландов

МЗТ Скопје

Полицијата идентификувала 38-годишен жител на Кичево по пријавата за закани кон новинарот Кристијан Ландов на Фејсбук. На информативниот разговор, спроведен на 23 ноември, тој потврдил дека го користи профилот од кој бил објавен заканувачкиот коментар, соопшти МВР.

Станува збор за И.М. од Кичево, чиј идентитет го утврдил Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Коментарот бил објавен на 19 ноември под објава на страницата „Pretres.mk“, поврзана со подкастот „Претрес со Ландов“.

Според Министерството, новинарот ја разбрал пораката како закана за неговата физичка безбедност и обид за заплашување поради професионалната работа.

За случајот е известено Основното јавно обвинителство Скопје. Полицијата прибира дополнителни електронски докази, по што најавува доставување соодветен поднесок до обвинителството.

Заканите следуваа по епизодата на „Претрес“ во која беа објавени сведоштва за наводно полициско насилство во Охрид. Здружението на новинарите на Македонија претходно соопшти дека во коментари на социјалните мрежи биле упатени пораки со алузии на оштетување на автомобилот на Ландов и предизвикување сообраќајна несреќа. Здружението побара итна истрага и одговорност.

На заканите реагираше и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Оттаму порачаа дека новинарите мора да можат да работат без страв, притисоци и насилство, а евентуалните забелешки за нивното известување да се решаваат преку законските и саморегулаторните механизми.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?