Речиси 17 милиони евра ќе чини дополнителната струја што ЕСМ Продажба ја набавува за периодот од 23 ноември до 13 декември. Според објавените резултати, прифатени се понуди од девет трговци за вкупно 70.560 мегават-часови.
Пресметката од договорените количини и цени покажува вредност од 16.924.536 евра без ДДВ. Просечната набавна цена изнесува околу 239,86 евра за мегават-час.
Испораката е поделена во два периода. За последните осум дена од ноември се обезбедени 26.880 мегават-часови, по просечна цена од 229,63 евра. Тој дел од набавката чини околу 6,17 милиони евра.
За периодот од 1 до 13 декември се набавуваат уште 43.680 мегават-часови. Просечната цена е повисока, 246,16 евра за мегават-час, а вредноста достигнува околу 10,75 милиони евра.
Меѓу избраните трговци се „Универзал енерџи“, „ХСЕ Мак енерџи“, „Инфинити енерџи“, „ЕТМТ енерџи“, „Џи енерџи“, „Ген-И продажба на енергија“, „Соле 24“, „Данске комодитис“ и „Енерџи фајненсинг тим“. Седум компании ќе испорачуваат во ноемврискиот, а шест во декемврискиот период.
Барањето за понуди е датирано на 17 ноември, а резултатите се објавени со документ од 19 ноември. Предвидена е постојана испорака на моќност од 140 мегавати, во текот на сите 24 часа, со влез во мрежата на МЕПСО. Плаќањето е авансно, во неколку последователни периоди, а од продавачите се бара банкарска гаранција или депозит од 20 проценти од вредноста на договорот.
Паралелно со купувањето струја, ЕСМ се подготвува за активирање на ТЕЦ Неготино. Телма објави дека за централата е распишана набавка на 45 милиони килограми мазут и дека компанијата побарала државна гаранција за нов заем од домашни банки во износ над 50 милиони евра.

