Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да објасни како го избрала Трајко Славески за кандидат за гувернер и дали врз неа бил вршен притисок, побара лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пред утрешното продолжение на собраниската надзорна расправа за Алта банка.
Филипче рече дека претседателката е поканета да зборува за номинацијата, но дека нема да присуствува поради патување. Од неа побара одговор и дали, по случувањата со банката, го променила мислењето за Славески.
„Дали трпела притисок да го номинира на функцијата“, праша Филипче на денешната прес-конференција.
Според него, нема одговор за присуство ниту од претставниците на Управниот и Надзорниот одбор на банката. Тој оцени дека поканетите треба пред пратениците да одговорат на конкретните прашања за случајот.
СДСМ денеска соопшти и дека поднел интерпелација за работата на гувернерот. Партијата бара политичка одговорност за одлуките поврзани со Алта банка, тврдејќи дека на првиот дел од надзорната расправа не добила задоволителни објаснувања.
Славески, пак, на расправата на 11 ноември тврдеше дека Народната банка ги спровела неопходните проверки на сопственичката структура и лицата поврзани со преземањето. Според неговото образложение, добиените документи и информациите од домашните и странските институции не укажувале на законски пречки за давање согласност.

