СДСМ бара политичка одговорност од гувернерот Трајко Славески за постапувањето во случајот со Алта банка. Претседателот на партијата, Венко Филипче, соопшти дека е поднесена интерпелација за неговата работа, по претходно поднесените кривични пријави.
Според Филипче, одговорите на првиот ден од надзорната расправа не ги расчистиле прашањата за тоа како било одобрено преземањето на банката, како бил проверен кредибилитетот на сопственикот Давор Мацура и дали било истражено потеклото на капиталот.
Лидерот на СДСМ побара објаснување и за комуникацијата меѓу гувернерот и премиерот Христијан Мицкоски пред одлуките за банката.
„Трајко Славески ќе треба да одговори и за тоа што зборувал со премиерот Христијан Мицкоски“, рече Филипче.
Тој го обвини гувернерот за одлуки што, според оценката на СДСМ, го нарушуваат интегритетот на Народната банка и ги загрозуваат интересите на граѓаните.
Интерпелацијата доаѓа пред продолжението на надзорната расправа, закажано за утре, 25 ноември. Филипче рече дека нема потврда за присуството на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на банката. Според него, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поканета да зборува за номинирањето на Славески, нема да присуствува поради патување.
На расправата на 11 ноември, Славески тврдеше дека Народната банка постапила во рамките на законските надлежности и дека биле спроведени неопходните домашни и меѓународни проверки. Според неговото тогашно образложение, документите не укажувале на пречки за издавање согласност за преземањето на банката.

