Што би рекле Gen Z, Бојан ти си делулу

Жена што пријавува насилство бара заштита. Бојан Стојаноски во зголемениот број пријави најде и нешто друго: причина да ни објасни дека граѓаните повеќе им веруваат на институциите. Додека јавноста прашува дали жените се безбедни, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ веќе го има подготвено позитивното толкување на статистиката.

Пријавите пораснале за 70 отсто, кривичните пријави за 50 отсто, а објаснувањето е поголема доверба. Убаво звучи на прес-конференција. Особено ако не се задржиш на прашањето што се случува со жената откако ќе пријави.

Токму таму почнува проблемот со оваа изјава. Бројот на пријави покажува колку случаи стигнале до институциите. За довербата треба малку повеќе од собирање и одземање. Треба да знаеме колку жртви добиле навремена заштита, колку мерки навистина биле спроведени, колку пријавени закани биле сериозно проценети и колку жени повторно биле изложени на насилство.

Можно е повеќе жени да пријавуваат затоа што повеќе ѝ веруваат на полицијата. Можно е да придонесуваат поголемата јавна свест, промените во постапувањето и подготвеноста конечно да се проговори. Стојаноски и самиот ги споменува законските измени. Но од сето тоа да извлечеш политичка пофалба за институциите, без да покажеш што постигнале во заштитата, е прилично комотно толкување.

За една жена, пријавувањето може да биде последниот расположлив излез. Нејзината одлука да побара помош не е автоматски потврда дека државата добро си ја завршила работата. Работата допрва треба да ја заврши.

Охрид е добар повод Стојаноски да се симне од процентите!

Нападот врз Сара се случи на 15 ноември. Партиската осуда на ВМРО-ДПМНЕ е објавена на 16 ноември, кога случајот веќе предизвикуваше силни јавни реакции. Потоа граѓаните излегоа и на протест. Бараа заштита, одговорност и објаснувања за постапувањето. На 21 ноември повторно протестираа.

Тешко е таквата јавна вознемиреност да ја спакуваш во приказна за институции на кои сè повеќе им се верува. Особено кога луѓето мора да бараат одговори пред зградите во кои тие одговори треба да се создаваат секој работен ден.

ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата за Охрид го пофали постапувањето на МВР и ја насочи критиката кон Обвинителството. Стојаноски сега најавува дека ќе праша зошто нема обвиненија и зошто поднесените обвиненија немаат судска разрешница.

Тие прашања треба да се постават. Обвинителите и судиите должат одговори за својата работа. Судската независност не ги ослободува од одговорност. Но владејачката партија не може да ја претставува институционалната доверба како свој успех, а потоа сите незавршени обврски да ги испраќа на туѓа адреса.

Ако има застој по пријавувањето, тогаш токму тој застој е дел од сликата за довербата. Не може да се избрише од пресметката затоа што политички не одговара.

Добро е што ќе ја поддржат вонредната седница предложена од СДСМ. Уште подобро ќе биде таму да се зборува за конкретни пропусти, рокови и одговорности. Со податоци што можат да се проверат и со обврски чие исполнување јавноста ќе може да го следи.

Од жена што пријавила насилство државата веќе добила нешто многу вредно: можност навреме да ја заштити. Товарот потоа е врз институциите. Нивниот успех се мери со тоа што го направиле со таа можност.

Затоа, Бојан, пред да ги прогласиш пријавите за доказ дека граѓаните ви веруваат, покажи ни колку жени по пријавувањето можат да спијат мирно.

Дотогаш, што би рекле ген З, ти си делулу. А жените мораат да живеат во реалноста.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?