ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите, порача Слободан Трендафилов по изјавата на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, за можноста недела повторно да биде работен ден.
Во јавна објава, Трендафилов остро ја критикуваше изјавата, оценувајќи дека таа се надоврзува на барањата за намалување на бројот на празници и покажува во која насока размислуваат дел од функционерите.
„Не сме изненадени од изјавата на заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески за укинување на недела неработен ден, без оглед дали е дадена како личен став или како владина политика“, напиша Трендафилов.
Тој ја посочи изјавата на Ристески „Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден“, обвинувајќи го дека со таквиот став се става во улога на „мегафон на газдите“.
Според Трендафилов, загрижува тоа што за кратење на работничките права сè почесто зборуваат и носители на јавни функции, покрај работодавачите.
Во реакцијата тој го праша заменик-министерот дали самиот работел или денес работи во недела, пред да предлага враќање на работа на, како што наведе, речиси 90 проценти од работниците што сега го користат тој ден за одмор.
Трендафилов предупреди и на злоупотребите на саботата како ден за одмор. Според него, работниците секојдневно зборуваат за тој проблем, додека креаторите на политиките го игнорираат.
Од ССМ, како што пренесува во објавата, најостро се спротивставуваат на намерите за намалување на работничките права. Тој побара функционерите да бидат повнимателни со изјавите, оценувајќи дека преку нив го откриваат својот однос кон работниците.
„ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите“, порача Трендафилов.

