Македонија има 11 празнични неработни дена за сите граѓани, а православните верници имаат право на уште пет. Така се добиваат вкупно 16 дена, но оваа бројка не важи за сите граѓани и не се однесува само на верски празници.
Кога ќе се вклучат и државните и верските празници, споредбата изгледа вака:
| Земја | Вкупно општи празнични денови | Верски и други празници |
|---|---|---|
| Македонија | 11, плус дополнителни според верска и етничка припадност | Во општите 11 се вклучени и верски празници. Православните верници имаат уште 5, односно вкупно 16. |
| Романија | 17 | 11 христијански и 6 други празнични денови. |
| Полска | 14 | 10 христијански и 4 други празнични денови. |
| Хрватска | 14 | 8 христијански и 6 други празнични денови. |
| Бугарија | 14 | 7 божикни и велигденски денови и 7 други, меѓу кои Ѓурѓовден и Светите Кирил и Методиј имаат и верско значење. |
| Австрија | 13 | 10 христијански и 3 други празнични денови. |
| Србија | 12 | 7 државни и 5 верски дена, плус право на првиот ден од крсната слава за православните вработени. |
| Франција | 11 | 6 со христијанска основа и 5 други празнични денови; во приватниот сектор не се сите задолжително неработни. |
Бројките се однесуваат на празнични денови предвидени во календарите, вклучувајќи ги и оние што се паѓаат во сабота или недела. Не ги вклучуваат сите регионални празници и посебни права на верските заедници.
Оттука, Македонија со 16 дена за православните верници има повеќе празнични денови од општите календари на неколку од споредените земји, но помалку од Романија. Истовремено, не би било точно македонските 11 општи празници да се споредуваат со туѓи календари во кои веќе се вклучени речиси сите празници на мнозинската вероисповед, без да се објасни оваа разлика.
За реалниот број слободни работни денови важни се и викендите и правилата за префрлање. Во Бугарија официјалните празници што се паѓаат во викенд, освен велигденските, се надоместуваат со неработни денови. Во Србија префрлањето важи за државните, но не и за верските празници. Затоа календарскиот збир сам по себе не е доволен ниту за европско рангирање ниту за процена колку економијата би добила со кратење на празниците.
Постојат и поинакви модели во ЕУ. Франција има 11 законски празници на национално ниво, од кои шест имаат христијанска основа. Но во приватниот сектор само Први мај е задолжително неработен како општо правило, со исклучоци за дејности што не можат да запрат. За останатите празници неработењето се уредува преку колективни договори, спогодби или одлука на работодавачот.
Разлики има и во префрлањето на празниците. Во Бугарија, кога официјален празник се паѓа во сабота или недела, се добива заменски неработен ден, со исклучок на велигденските празници. Во Србија префрлањето важи за државните, но не и за верските празници. Затоа ист број празници не значи и ист број слободни работни денови.
Споредбата покажува дека Македонија не е исклучок по бројот на христијански празнични денови. Сепак, тоа само по себе не го решава прашањето за нивниот економски ефект. Ограничувањето од пет на два дополнителни православни празници би донело три работни дена повеќе во година како 2026, кога сите пет се во работни денови. Колкава економска корист би произлегла од тоа, треба да покаже анализа на производството, трошоците и организацијата на работата.
Премиерот Христијан Мицкоски и МПЦ-ОА денеска реагираа на предлогот на Стопанската комора за намалување на неработните празнични денови.
„Во принцип, мислам дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат и тука немам никаква дилема“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата.
МПЦ-ОА не ја поддржува иницијативата, оценувајќи дека празниците имаат духовно, историско и културно значење што не може да се мери само преку економските ефекти. Од Црквата нагласуваат дека тие се можност за приближување кон Бога и ближните и се дел од вековната поврзаност на народот со Црквата
-Нивното значење „не може – а и не треба – да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност“, се наведува во реакцијата на МПЦ-ОА.

