Стафа го повлече признанието, Обвинителството тврди дека има докази за комуникација со Ѓаволот

Поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа, кој веќе издржува затворска казна откако призна вина за примање поткуп, денеска пред Кривичниот суд даде поинаква верзија на настаните. Сведочејќи во судскиот процес против поранешниот апелациски судија Ѓоко Ристов, Стафа тврдеше дека парите што ги примил не биле наменети за судијата и дека претходното признание го дал под притисок и од страв.

Стафа беше предложен како сведок на одбраната на Ристов. Тој пред судот рече дека 20.000 евра биле адвокатска награда, а останатите 30.000 евра заем поврзан со Љупчо Пецов – Ѓаволот. Негираше дека требало да му предаде пари на Ристов за да влијае врз одлуката за притворот на Пецов.

Според неговиот денешен исказ, бил изложен на притисок од истражителите и обвинителката Искра Хаџи Василева да признае дека парите биле наменети за судијата. Стафа тврдеше и дека содржината на спогодбата врз основа на која е осуден не одговара на она што навистина се случило.

Обвинителството, пак, ја оспорува оваа верзија и посочува дека предметот не се темели само на признанието на Стафа. Според обвинителската страна, постојат докази за комуникација меѓу Стафа и Пецов, како и сведочења од судии во врска со случајот.

На рочиштето беше отворено и прашањето што го кажале самиот Пецов и неговата сестра. Судијката Билјана Коцевска посочи на содржината на спогодбата, според која тие тврделе дека Стафа барал 100.000 евра за да се обезбеди поблага мерка за Пецов. Стафа и денеска остана на ставот дека парите не биле наменети за Ристов.

Случајот со Стафа беше една од појдовните точки на истрагата што подоцна доведе до апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Во јануари, при претрес во семејната куќа на Ристов во Неготино, зад плочки во кујната беа пронајдени 350.000 евра. Ристов во меѓувреме беше разрешен од судиската функција, а против него продолжува судскиот процес.

Љупчо Пецов – Ѓаволот, пак, беше обвинет во предметот „Синџир“ за финансиски криминал. Тој призна вина и доби условна казна од две години затвор, која нема да се изврши доколку во следните пет години не стори ново кривично дело.

Денешното сведочење на Стафа така отвори директен судир меѓу неговиот сегашен исказ и признанието врз основа на кое веќе е правосилно осуден, додека Обвинителството останува на ставот дека располага и со други докази што треба да ја поткрепат неговата првична верзија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?