Стафа пред судот: Признав од страв, никогаш не сум му дал пари на Ристов

Поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа, кој издржува затворска казна од 15 месеци по признание на вина, денес во скопскиот Кривичен суд тврдеше дека признал поради притисоци и страв за сопствената безбедност. Сведочејќи на предлог на одбраната на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, тој негираше дека некогаш му дал пари на судијата.

„Признав за да можам да излезам од таа ќелија“, рече Стафа. Во вкрстеното испрашување потврди дека свесно ја прифатил спогодбата со обвинителството, но тврдеше дека избрал помала штета и дека не се согласува со содржината на пресудата врз основа на која ја издржува казната.

За парите што биле предмет на постапката понуди поинакво објаснување. Според неговиот исказ, 20.000 евра биле награда за адвокатскиот ангажман во предметот на Љупчо Пецов – Ѓаволот, додека дополнителни 30.000 евра биле заем од сестрата на Пецов. За заемот, како што рече, имал и писмен доказ приложен пред судот.

Стафа ја оспори и логиката на обвинението против него, наведувајќи дека жалбата за притворот на неговиот клиент била одбиена 11 дена пред неговото апсење. Тој тврдеше дека од него се барало да изјави оти парите биле наменети за Ристов и дека за наводните притисоци поднел претставки и кривична пријава против обвинителката Искра Хаџи Василева.

Обвинителката, при испрашувањето, го соочи со претходното признание и со пресудата. Таа нагласи дека Стафа бил обвинет за примање награда со намера да влијае врз судија, па прашањето дали лично му предал пари на Ристов не го исцрпува делото за кое бил осуден.

По рочиштето, Хаџи Василева најави дека обвинителството ќе го анализира кредибилитетот на сведокот во завршниот збор. Посочи дека тој е правосилно осуден во директно поврзана постапка и дека обвинителството располага и со материјални и електронски докази. Бранителот на Ристов, Ѕвонко Давидовиќ, оцени дека исказот отвора сериозни прашања за постапувањето на истражните органи и ја оспори доказната поткрепа на обвинителството.

Ристов се товари за противправно стекнување и прикривање имот и за перење пари, по пронаоѓањето 350.000 евра скриени во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино. Судењето продолжува на 8 октомври, кога треба да бидат сослушани неговите родители и полициски службеник од Неготино

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?